Македонија
Ацо Боцевски-Циганот уапсен во грчкиот град Катерини: беше во бегство 27 години

По 27 години бегство, во Грција е уапсен Ацо Боцевски, познат под прекарот Циганот, македонски државјанин осуден за убиство. Според МВР бил уапсен во грчкиот град Катерини.
„Денеска (26.05.2025) од страна на грчката полиција сме известени дека го лишиле од слобода Ацо Боцевски кој беше баран со меѓународна потерница по наредба на Основен суд Скопје І од 30.06.1998 година за издржување казна затвор во траење од 15 години за извршено кривично дело по член 123 (убиство) од Кривичниот законик на РСМ“, велат од МВР.
Боцевски беше осуден за убиство на Сеат Ибраими, извршено среде бел ден во ноември 1997 во центарот на Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Граничниот премин Долно Блаце е целосно затворен за влез и излез

Граничниот премин Долно Блаце е целосно затворен за влез и излез во и од Република Северна Македонија (за сите видови возила и лица) соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
(Видео) Спасовски: Власта повторно не покажа ниту одговорност, ниту волја за помош за жртвите во Кочани, не гласаа за амандманот на СДСМ

Владата не само што не покажа слух и не го прифати амандманот на СДСМ, истовремено не понуди ниту образложение зошто нема потреба да се прифаќа амандман за помош на семејствата на настраданите во Кочани, потенцираше координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски на денешната прес-конференција откако на амандманската расправа за ребаланс на Буџетот, пратенците од власта не гласаа за амандманот на СДСМ и коалицијата. Амандамот предвидуваше 934 милиони и 340 илјади денари директна помош на семејствата настраданите и на повредените во Кочани, во најголемата трагедија којашто ја зафати Македонија.
Спасовски посочи дека во Буџетот има пари и дека Владата требаше да покаже добра волја и да го прифати амандманот. Тој дури и понуди како пратеничка група ако се прифати овој амандман, тогаш сите останати амандмани коишто ги предложи СДСМ да ги повлечат и да нема расправа, бидејќи како што кажа, СДСМ смета дека нема поважна тема од оваа во моментот во Македонија.
„Достоинствено до крај разговаравме и ги повикувавме пратениците на ВМРО-ДПМНЕ како мнозинство, заедно со пратениците од ЗНАМ и од ВЛЕН да овозможат и заеднички консензуално да го усвоиме амандманот и да покажеме дека знаеме да го цениме приоритетот на граѓаните, да покажеме единство, да покажеме солидарност, нешто што е потребно овие мигови за државата, но напротив претставникот на владата делеше лекции како парламентот не смеел да разговара или да отвора вакви теми“, рече Спасоски.
За амандманот на СДСМ не гласаа и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
„Навистина не ми е јасно како е можно народните претставници овде како пратеници во законодавниот дом, за работа за којашто се најповикани, а тоа е да покажат дека институциите, секогаш и во најтешките моменти, се тука за било кој граѓанин, а посебно за една ваква трагедија, која што ја зафати државата во претходниот период и од тоа сметам дека мораше сите ние да покажеме малку поголемо чувство на одговорност“, нагласи Спасовски.
При тоа, Спасовски упати апел до Владата и до владеачките партии при креирањето на новиот Буџет за 2026 година, да предвидат финансиски средства коишто би биле доволни за финансиска поддршка на семејствата на загинатите и на повредените во Кочани.
„Нема поважна тема од оваа во моментот во Македонија, нема поважно нешто од 62 млади изгубени животи и од 250 повредени, нема поважно од иднината на еден град, од иднината на истокот на Македонија и ако сакате и од иднината на Македонија“, порача пратеникот Спасовски.
Македонија
Стојаноска: Да бидеме вистински пријатели на Кочани, Владата има план како да се помогне, да внимаваме да не се политизира трагедијата

Дафина Стојаноска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, на денешната Комисија за финансирање и буџет во Собранието повика на воздржаност. Таа нагласи дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ спроведува координирана акција за помош и има јасен план за долгорочна поддршка на повредените и семејствата на загинатите од трагедијата во Кочани.
,,Денес, а и многу пати наназад после несреќата, премиерот соопшти дека Кочани е приоритет за Владата, дека здравјето на повредените е пред се. Дека психолошката состојба на сите истрауматизирани е под постојана опсервација и контрола. Дека ќе се помогне на секој можен начин дека ќе се изнајдат многу повеќе средства за Кочани“, рече Стојаноска.
Таа повика на воздржаност и да и се дозволи на актуелната власт да ги преземе сите надлежности.
,,Како пратеници треба да внимаваме да не повредиме уште некоја душа, да не споменуваме работи и имиња кои не се за споменување и да оставиме на сегашната актуелна власт да ги преземе сите надлежности и механизми “, кажа Стојаноска и додаде:
,,Времето е премногу скоро после трагедијата за да се расправаме ние тука кој повеќе се грижи за семејствата. Немојте да не ја запазуваме суштината. Голема е пораката и значењето да бидеме вистински пријатели на Кочани и да помогнеме а не да одмогнеме“.
Стојаноска нагласи дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ презеде брза и координирана акција по трагедијата, и води грижа за повредените и нивната рехабилитација, и дека семејствата на загинатите и повредените ќе добијат помош.
,,Владата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во чие време се случи оваа страшна трагедија презеде најкомплексна и координирана акција после пожарот. Веќе немаме повредени чии животи се во опасност. Во тек е рехабилитација на повредените, во тек се сите можни проекции и планови за Кочани и за семејствата на починатите и на повредените. Ќе им се помогне на секој можен начин во текот на целиот нивен живот и не само финансиски“ истакна Стојаноска.
Таа додаде дека Владата има јасен план за поддршка на настраданите и нивните семејства.
,,Нека им е вечна славата никогаш да не ги заборавиме и никогаш повеќе да не дозволиме било што слично на Кочани да ни се случи. Како што се обединивме околу гласањето на Законот за пиротехнички средства чинам, ама за жал откако се случи таа несреќа така и сега порачувам да се обединеме и да не фрламе сол врз свежите рани. Владата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата има план како да се помогне“, вели Стојаноска.