Македонија
Бабовски во Брисел ги презентира постојните и идните мерки во справувањето со африканската чума кај свињите
Актуелната состојба со болеста африканска чума кај свињите во Европа, нужноста од преземање координирани активности за нејзина контрола и искоренување, но и можни нови мерки, кои би се презеле во иднина во оваа насока, се дел од темите на кои вчера и денес во Брисел дискутираа земјите членки на Глобалната рамка за прогресивна контрола на прекуграничните болести на животните (GF-TADs) во рамките на 21. состанок на Постојаната експертска група за африканска чума кај свињите во Европа. Директорот на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ). Николче Бабовски, во својство на член на ова тело, кое го сочинуваат претставници од земјите членки на Европската Унија, државите од Западен Балкан, Молдавија, Белорусија и Русија, ја презентира актуелната состојба со оваа болест во земјата и ги објасни сите досега преземени превентивни и мерки за контрола и ерадикација на болеста и идните чекори во справувањето со неа.
„Годинава, во Република Северна Македонија досега кај питомата популација свињи евидентиравме 7 жаришта на болеста, од кои 6 кај мали одгледувачи, кои одгледуваат по неколку свињи за сопствени потреби. За жал, погодена беше и една голема комерцијална фарма во село Таринци, каде што биосигурносните мерки беа имплементирани на највисоко ниво, но и покрај тоа моравме да убиеме и нештетно да отстраниме дури 8 514 свињи. Епидемиолошката истрага не покажа поврзаност на ова жариште со другите, кои беа евидентирани во државата“, истакна во својата презентација директорот Бабовски.
Во рамките на активниот и пасивниот надзор на дивите свињи, од тестираните 2.838, оваа година позитивни на болеста африканска чума кај свињите беа 85 животни, наспроти 36 во 2022 година од тестираните 2.920 диви свињи во рамките на активниот и пасивниот надзор.
„Посветено го спроведуваме активниот и пасивниот надзор и кај питомата популација свињи за контрола на вирусот преку кој, за жал, беше детектирано и присуството на африканска чума кај свињите во комерцијалната фарма во Таринци. Иако присуството на вирусот кај питомата популација свињи во земјата првпат беше потврдено во јануари 2022 година, уште од 2018 година почнавме со преземање сериозни чекори и мерки за подготовка за соочување и борба со оваа болеста. Сфаќајќи ги сериозноста и големината на економската штета, која може да биде нанесена на свињарството во нашата држава, која не е увозно зависна од свежо свинско месо, уште од 2018 година сконцентрирани бевме на превенцијата. Активно работевме на зајакнување на биосигурносните мерки на свињарските фарми, евидентирање на сите одгледувачи на свињи во Ветеринарно-информативниот систем на Агенцијата за храна и ветеринарство, спроведување мерки за депопулација на свињи кај индивидуалните сточари, кои одгледуваат животни за сопствени потреби, а посветено бевме вклучени и во иницирање и спроведување информативни кампањи за запознавање со болеста и подигнување на биосигурносните мерки на сите вклучени во системот почнувајќи од производителите и ловџиите, па сè до потрошувачите“, појасни Бабовски.
Како дел од подготвителните мерки беше спроведувањето симулациски вежби за справување со болеста, зајакнувањето на контролата кај патниците во координација со Царинската управа, засилување на отстрелот на дивата популација свињи, особено во пограничните региони. Во презентацијата Бабовски додаде и дека во насока на зголемување надзорот АХВ разви и стави во функција мобилна апликација за пријавување пцовисани диви свињи, а за што е обезбеден и финансиски надомест.
„Подобрување на соработката со ловџиите и ловните друштва за унапредување на пасивниот надзор, продолжување со спроведувањето кампањи за подигнување на јавната свест за опасноста од болеста, категоризирање ловиштата врз основа на степенот на имплементираност на бисигурносните мерки и нивно унапредување, се дел од предизвиците на кои Агенцијата ќе ги насочи активностите во справувањето со африканската чума кај свињите во иднина. Во контекст на унапредување на постојните, но и воведување нови можности и мерки, планирано е зајакнување на надзорот над болеста со употреба на нови технологии, како што се дроновите“, заклучи Бабовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот непречено по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, соопшти АМСМ.
Се препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Патниот правец Охрид – Ресен, преку националниот парк Галичица од 01.04.2024 е пуштен за сообраќај за сите видови возила со вкупна тежина до 3.5 тони.
Времена измена на режим на сообраќај на регионален пат Р1101 делница Прилеп – Битола заради интезивирање на градежни активности во врска со проект “Санација на трупот на патот кај мост на река Шемница на Државен пат Р1101 км 85+903, делница Прилеп – Битола”, и тоа од 27.03.2024 ќе има целосно затворање на делницата.
На 26.03.2024 година од 14.15 часот извршена е времена измена на режимот на сообраќајот на делницата од автопатот 300м после надвозник „Маџари“ до клучка „Белви“ за време на поправка и рехабилитација на државен пат А1/А2 делница Скопје-Куманово (десна коловозна лента) каде што со ветикална сообраќајна сигнализација во должина од 200м сообраќајот се канализира и успорува од левата (за претекнување) сообраќајна лента во средната (за возење) сообраќајна лента за да потоа во должина од 1500м целиот сообраќај ќе се одвива по сообраќајната лента за претекнување (левата), а средната и сообраќајната лента за принудно запирање ќе бидат затворени за сообраќај.
Од 18.03.2024 г. има измена на режимот на сообраќај на државниот пат Р1101, делница Прилеп – Битола, заради интезивирање на градежните активности во врска со проект Санација на патот, кај мост на река Шемница.
Македонија
Г.г. Стефан: Да ги зацврстиме единството и слогата, да ги надминеме разногласијата и меѓусебните поделби
Ариепископот Охридски и македонски заедно со Светиот архиерејски Синод, по повод велигденските празнувања, испраќа мир и благослов од Бога до свештенослужителите, монаштвото и до сите чеда на МПЦ-ОА.
– Христовото воскресение е смислата на нашето севкупно постоење. Тоа е стожерот околу којшто се одвива сиот наш живот и камен-темелникот врз којшто се гради сиот наш подвиг на верата, на надежта и на љубовта во Бога. Тајната на Христовото воскресение го преобразува и го вообличува севкупниот наш поглед кон светот и човекот, кон времето и вечноста. Зашто, токму ова спасоносно собитие е најголемата вистина којашто му беше објавена на човековиот род и токму оваа Тајна над тајните е најрадосното благовестие со коешто велегласно беше возвестена конечната победа на животот над смртта, на доброто над злото и на љубовта над омразата, вели г.г. Стефан меѓу другото во обраќањето.
Македонија
Времето денеска сончево и потопло
Времето денеска во земјава ќе биде претежно сончево и потопло, попладне во планинските подрачја со услови за краткотраен пороен дожд и ретки грмежи. Ќе дува слаб ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 10, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје претежно сончево и тивко. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 24 степен.
Утре времето ќе биде претежно сончево и топло, попладне во планинските подрачја со услови за краткотраен пороен дожд и ретки грмежи. Во вторник попладне ќе има локална појава на нестабилност, а во среда и четврток под влијание на нов влажен бран во поголем дел од земјава ќе има пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со пообилни врнежи и засилен ветер.