Македонија
Бараме 70.000 евра отштета за семејствата на бранителите од 2001 година, ДУИ да не го кочи законот, вели Ангелов
Некои од семејствата на загинатите бранители од 2001 година, конкретно 15-ина семејства, како и десетина воени инвалиди, до ден-денес останаа необесштетени. Од страна на Достоинство во неколку наврати се преземени иницијативи и кон законодавниот дом почнувајќи од 2008 година кога предложивме нов закон за бранители, закон за посебни права на бранители, кој, за жал, тогаш не помина, вклучително и неколку иницијативи до Владата. Ова го соопшти претседателот на Достоинство, Стојанче Ангелов, и рече дека минатиот декември до Владата е поднесена и иницијатива за надминување на овој проблем, со кој се нуди решение за обесштетување на нивните семејства.
„Сè до денес оваа иницијатива не е разгледана, Владата ја нема отфрлено, но ниту прифатено. Од разговорите што ги имав со премиерот Ковачевски од него добивме поддршка, за жал, проблемот е во политичката партија ДУИ, иако на една од коалициските средби лидерот Али Ахмети најави дека ќе се најде решение“, посочи Ангелов.
Како што додаде, избработен е предлог-закон од нивна страна, кој нуди решение за овој проблем.
„Бараме за семејствата на загинатите бранители да се обесштетат 70.ооо евра надомест за нематеријална штета и бараме по 50.000 евра за 100 процентен воен инвалидитет“, додаде Ангелов.
Тој бара и поддршка од пратениците да се потпишат на овој предлог и законот за иницијативата да влезе во собраниска процедура.
„Очекувам пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да дадат целосна поддршка. Пред нецел месец почина Живко Божиновски од Битола, татко на запален полицаец кај Вејце, од срцев удар. Да не дозволиме да умираат родителите на загинатите бранители, кои сè уште не се обесштетени“, заврши Ангелов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

