Македонија
Бачев: На овие избори останавме безимени, името на коалицијата беше тргнато од гласачкото ливче
Претседателот на партијата Единствена Македонија, Јанко Бачев, поднесе приговор до ДИК и бара одговорност зашто името на нивната коалиција „Никогаш Северна – само Македонија“ било тргнато од гласачките ливчиња и наместо тоа останал само редниот број 11. Бачев вели дека се сомнева дека името на нивната коалиција било отстрането од избирачките ливчиња по реакција од страна на грчката амбасада, непосредно пред почетокот на изборниот ден.
„На овие избори останавме безимени. Во последен момент името на коалицијата беше тргнато од гласачкото ливче. Граѓаните беа збунети, но и ние, кога видовме дека стои само редниот број 11 и празно место. 20 дена водевме кампања под овој назив и бевме прифатени од страна на ДИК и заведени под ова име. Затоа денес поднесовме приговор по основ на изборна измама и повреда на избирачкото право на подносителот на листа. Немаме потврдено, но колку што разбравме реакцијата дошла од страна на грчката амбасада, која извршила притисок кај власта и ние останавме безимени. Срамно и штетно е што ни го направија ова“, вели Бачев.
Тој рече дека се сомнева и во изборна манипулација со гласовите на нивната коалиција за што поднесе уште еден приговор до ДИК со кој бара увид во над 24 илјади гласачки ливчиња кои се водат како неважечки, а требало да бидат на нивно конто.
„Имаме 24.066 неважечки ливчиња на кои е заокружен бројот 11, тоа е глас за нашата коалиција, но до нив стои некаков знак, цртичка или точка и така станале неважечки. Сомнително е како може толку многу гласови да бидат неважечки на ист начин. Затоа бараме увид во неважечките ливчиња кои, според сознанијата од набљудувачите на терен, се многу повеќе од оваа бројка“, изјави Бачев.
Според Бачев, доколку не била нанесена штетата со овие измами врз нивната коалиција, би имале најмалку двајца пратеници во Собранието.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одрон во должина од 80 метри на патот Скопје-Велес: сообраќајот кај Сопот се одвива по една лента
Сообраќајот на патниот правец А1 Скопје – Велес, околу два километри пред Сопот, од 21 часот се одвива по една коловозна лента (десната) поради поголем одрон.
Како што информираат oд АМСМ, одронот е во должина од 80 метри.
Фото: илустрација (depositphotos)
Македонија
СДСМ-Кисела Вода бара итна исплата на надоместоците за избирачките одбори
Општинската организација на СДСМ-Кисела Вода од градоначалничката на оваа општина бара итно постапување по одлуката на Советот на Општина Кисела Вода од 7-та пленарна седница одржана на 29 јануари 2026 година, со која е предвидена исплата на надоместоците на членовите на избирачките одбори од последните локални избори.
Во писмото се наведува дека одлуката е донесена, средствата се обезбедени, но дека изостанува извршната постапка.
„Одлуката е донесена. Обврската е јасна. Средствата се обезбедени. Она што недостасува е – Ваша извршна постапка“.
Од СДСМ – Кисела Вода порачуваат дека станува збор за средства обезбедени од државата за реализација на изборниот процес и оценуваат дека секое понатамошно одлагање претставува поткопување на институционалниот интегритет.
Тие бараат најдоцна до утре да се пристапи кон исплата на средствата согласно одлуката на Советот.
Во спротивно, советничката група на СДСМ најавува испраќање официјален допис до Државната изборна комисија, известување до Министерството за локална самоуправа и информирање на претставници на меѓународната заедница.
Македонија
Николоски: Филипче се однесува како бомбаш самоубиец во обид да го заштити столчето во СДСМ
Заменик претседателот на Владата, Александар Николоски во одговор на новинарско прашање во Прилеп, каде што присуствуваше на отчет 100 дена од новото раководство на локалната самоуправа во Прилеп, истакна дека Филипче води црна и гнасна кампања против него и Македонија, со што сака да ја уништи и СДСМ и стратешките пријатели.
„Не сум изненаден, гледаме еден нихилизам, една црна кампања, гнасна кампања која доаѓа од СДС, јас сум свесен дека и Венко Филипче е свесен дека му се ниша позицијата во СДС, ја има практично киднапирано партијата за цели што само тој ги разбира и буквално се однесува како бомбаш самоубиец, сакајќи да се заштити себе и сопствената позиција во партијата и уништува се околу себе“ појасни Николоски.
Вицепремиерот истакна дека лагите и обвинувањата од страна на Филипче се гол популизам, затоа што во исто време создава токсична атмосфера во општеството којашто не е добра за Македонија.
„Најголем проблем е што овој начин на комуникација создава една токсична атмосфера во општеството, создава една атмосфера којашто не е добра и нешто што нејќе Македонија да го види. Во исто време не кара и со стратешките пријатели, знаете дека цела кампања водеше против Велика Британија со којашто потпишавме стратешки договор и со којашто имаме стратешко партнерство“, нагласи Николоски.
Во однос на обвинувањата од Филипче во делот за превозниците, Николоски е дециден дека овој наследен проблем се решава со дијалог со ЕУ.
„Пред неколку недели превозниците од Македонија и целиот регион со право ги блокираа граничните премини коишто одат кон Шенген зоната со барање да ЕК започне дијалог за решавање на проблемот за престој за професионалните возачи во рамките на Шенген зоната. Нивното основно барање беше да се започне дијалог. Планот нивни беше да блокада трае 7 дена, да на четвртиот ден излезе претседателката на ЕК и каже дека таков дијалог ќе се случи и презентираше документ којшто се вика Нова визна стратегија на ЕУ со којшто документ возачите се признати како професионалци, тоа беше едно од основните барања и во рамки на овој дијалог којшто се води во моментот треба да се донесат конечните решенија. Никој никаде а камо ли во систем како ЕУ; дека за две недели сите работи ќе бидат решени, туку тоа што јас го кажав дека ќе започне овој дијалог и дека новата визна стратегија е начинот и патеката по којшто ќе се оди“, истакна Николоски.

