Македонија
Без струја делови на Аеродром, Центар, Карпош и Ѓорче Петров
Од „ЕВН Македонија“ АД информираат дека се планирани технички зафати во дистрибутивната електромрежа во село Батинци, Аеродром, Центар, Карпош и Ѓорче Петров.
Во периодот од 9 до 15 часот без струја ќе останат корисниците од улиците 4, 6 и 7 во село Батинци (општина Студеничани), од 8:30 до 12 часот корисниците од улицата Кресна (Аврора) непарни броеви (9а-19а), ул. Илија Димовски Гоче бр. 11б и 13а/б (општина Аеродром), а во периодот од 9 до 15 часот корисниците од детска градинка „13 Ноември“, дел од ул. Елисие Поповски Марко, детски дом „11 Октомври“, дел од ул. Козара (општина Центар).
Без струја во периодот од 9:30 до 13:30 часот ќе бидат корисниците од дел улиците од Пролетерска, дел од Корушка, како и дел од Франце Прешерн (општина Карпош), од 9 до 15 часот корисниците од с. Волково под ул. 102, ул. 35, ул. 37 и околните под улици (општина Ѓорче Петров), од 11 до 12:30 часот корисниците од поголем дел од с. Волково кај игралиште, амбуланта и сред село (општина Ѓорче Петров) и од 9 до 15 часот корисниците од ул. Страшо Пинџур бр. 4, 6, 8, 10, 12, бул. Кузман Јосифовски Питу бр. 4, 6 и 8, кафеана „Лезет“, пералница „М“, кафеана „Кај Злате“, како и хотел АМИГО (општина Центар).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали-Брунер: посебно внимание на имплементацијата на системот за влез и излез на ЕУ и неговото влијание врз професионалните возачи од регионот
Првиот заменик претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, денеска оствари средба со европскиот комесар за внатрешни работи и миграција, Магнус Брунер, при што беа разгледани клучните прашања поврзани со процесот на пристапување на Северна Македонија во Европската Унија, управувањето со миграцијата, граничната безбедност и борбата против организираниот криминал.
На средбата беше потврдена цврстата определба на Владата за продолжување на реформите во рамките на кластерот „Основи“, со посебен фокус на владеењето на правото, јавната администрација и заштитата на фундаменталните права.
Сали ја нагласи посветеноста на Северна Македонија кон исполнување на отворачките мерила и одржување на реформскиот моментум.
Посебно внимание беше посветено на имплементацијата на Системот за влез и излез на Европската Унија и неговото влијание врз професионалните возачи од регионот.
Министерот Сали ја истакна потребата од прагматично и пропорционално решение кое ќе ја зачува економската стабилност и ќе обезбеди непречено функционирање на синџирите на снабдување, имајќи предвид дека Северна Македонија е земја која целосно зависи од патниот транспорт.
Во делот на миграцијата и граничното управување, беше нагласено дека Северна Македонија останува сигурен партнер на Европската Унија, со целосна имплементација на Статусниот договор со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража и активно учество во заедничките операции
Двајцата соговорници ја потврдија важноста од продлабочување на соработката во борбата против организираниот криминал, трговијата со дрога и криумчарењето мигранти, како и зајакнување на размената на информации и оперативната координација.
Првиот заменик претседател на Владата и министер за европски прашања Беким Сали ја реафирмираше определбата на Северна Македонија за целосно усогласување со европските стандарди и продлабочување на институционалната соработка на патот кон полноправно членство во Европската Унија.
Македонија
ЕСЧП донесе пресуда во корист на затвореник кој бил тепан од полицаец во „Идризово“
Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и Хелсиншкиот Комитет за човекови права информираат дека Европскиот суд за човекови права вчера донесе одлука по пат на унилатерална декларација во предметот Фитим Муслиу против Северна Македонија, поднесена на 30 август 2022 година.
Предметот се однесува на настан од 3 август 2020 година, кога осудено лице било физички нападнато и тепано од припадник на затворската полиција пред кантината во затворот „Идризово“. Како последица на нападот, затвореникот се стекнал со телесни повреди.
Во врска со настанот беше поднесена кривична пријава до ОЈОГОК против командир на затворската полиција во КПД Идризово за кривичните дела „Мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување (член 142 став 1 од КЗ), Малтретирање во вршење на службата (член 143 од КЗ) и Расна и друга дискриминација (член 417 став 1 од КЗ). Кривичната пријава беше отфрлена, по што беше поднесена жалба до Вишото јавно обвинителство, кое го потврди решението на ОЈОГОК.
Пред Судот во Стразбур, апликантот се жалеше на повреда на член 3 од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП), тврдејќи дека бил изложен на нечовечко постапување од страна на затворски службеник и дека домашните власти не спровеле ефективна истрага за наводите.
Според МЗМП и Хелсиншкиот Комитет за човекови права оваа одлука ги потврдува долгогодишните системски недостатоци во затворскиот систем, како и неефикасноста на внатрешните и надворешните механизми за пријавување и гонење случаи на тортура и нечовечко или понижувачко постапување кон осудените лица.
„Ја поздравуваме одлуката на Судот и потсетуваме дека според неговата утврдена пракса, државата има позитивна обврска согласно член 3 од ЕКЧП да ја заштити физичката благосостојба на лицата лишени од слобода, кои се во особено ранлива положба бидејќи се под целосна контрола на властите. За таа цел, државата мора да преземе навремени и ефективни мерки за истрага и санкционирање на одговорните лица“, се наведува во соопштението и се додава дека оштетениот бил застапуван од адвокат Диме Ѓорчевски од Скопје, член на тимот на адвокати на МЗМП.
Македонија
10.000 денари субвенција за млади возачи за првпат во Ѓорче Петров
Општина Ѓорче Петров воведува субвенција од 10.000 денари за дел од трошоците за полагање возачки испит – Б категорија, наменета за млади лица на возраст од 18 до 25 години.
Станува збор за мерка што за првпат се реализира во општината и обезбедува директна финансиска поддршка во период кога трошоците за обука и полагање претставуваат значаен товар за семејниот буџет, со цел да се олесни пристапот до мобилност, да се поттикне самостојноста кај младите и да се создадат подобри можности за вработување, велат од Општината.
Градоначалникот Александар Стојкоски истакна дека општина Ѓорче Петров продолжува со мерки што носат практична и видлива поддршка за младите, со фокус на нивниот развој, нови можности и нивно задржување во локалната заедница.
Тој нагласи дека, покрај оваа мерка, Општина Ѓорче Петров има најавено и концепт за нова станбена населба наменета за млади, во рамки на која се предвидуваат мерки за олеснување на трошоците преку субвенционирање на дел од комуналните давачки. Целта е младите лица и младите семејства да добијат реална поддршка да ја градат својата иднина токму во Ѓорче Петров.
„Со вакви конкретни чекори, Општина Ѓорче Петров продолжува да развива политики што имаат директен ефект врз секојдневието на младите и создаваат услови за нивна поголема сигурност и стабилност.
Деталите околу условите и начинот на аплицирање ќе бидат дополнително објавени“, додаваат од Општината.

