Македонија
Без струја делови на Карпош, Петровец, Сарај и Кисела Вода

Од „ЕВН Македонија“ АД информират дека поради технички зафати во дистрибутивната електромрежа, без електрична енергија ќе останат:
Во периодот од 9:00 до 13:00 часот корисниците од делови од улиците Корушка, Вангел Дину и Иван Цанкар (општина Карпош).
Во периодот од 9:00 до 15:30 часот корисниците од ул. 4 во с. Долно Коњари (општина Петровец).
Во периодот од 9:30 до 12:30 часот корисниците од дел од с. Горна Матка (општина Сарај).
Во периодот од 8:30 до 11:00 часот корисниците од дел од ул. Малешевска (општина Кисела Вода).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ибрахими: Имаме обврска да ја промениме преамбулата на Уставот и да го смениме пежоративниот термин „20 отсто“ за албанскиот јазик

Зеќирија Ибрахими, лидерот на Алтернатива, зборувајќи за последните политички теми кои се дискутираат во јавноста истакна дека е обврска да се промени прeамбулата на Уставот со цел да се отклучи патот кон ЕУ.
Во овој контекст, како што рече, треба да се промени и пежоративниот термин „20“ за албанскиот јазик.
„Се согласувам дека државниот грб не го отсликува најдобро идентитетот на нашата нова држава, но доколку сме подготвени да разговараме на оваа тема, ова е добра можност и за вистински и неопходни реформи кои би ја преобликувале иднината на Северна Македонија. Како што знаеме, ние имаме должност да ја смениме и преамбулата на уставот за да го одблокираме патот кон европската интеграција. Ова не е само политички, туку и стратешки чекор кон стабилност и развој“.
Според него потребен ни е и нов текст и за државната химна, кој, како што оцени ќе биде сеопфатен и ќе обезбеди инклузивност за сите
граѓани на државата.
„Подеднакво важно е и отстранувањето на навредливата формулација „20%“ за албанскиот јазик, бидејќи албанскиот не е статистичка категорија, туку е јазик на автохтоно и достојно население, кој бара соодветен третман. Во овој пакет и семејството мора да го дефинираме како заедница помеѓу маж и жена, во согласност со нашите традиционални вредности. Токму овие промени, отаде симболиката, овозможуваат поголема социјална
кохезија, гарантираат европска интеграција, ја унапредуваат јазичната еднаквост и овозможуваат инклузивен национален идентитет за сите граѓани”, изјави Ибрахими.
Македонија
Министерството за животна средина ги демантира СДСМ и ДУИ: Во ниту еден момент не е констатирана злоупотреба на службена положба или друг вид незаконско постапување

Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија најосторо ги отфрла и демантира „шпекулациите и лажните наводи изнесени од страна на политичките партии СДСМ и ДУИ во последните неколку денови“.
„Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија, во врска со наводите и шпекулациите во медиумите поврзани со решението на Управниот инспекторат, сака да ја информира јавноста за следните клучни точки:
Прво, опомени и забелешки за канцелариско и архивско работење на службите во Министерството не претставуваат скандал. Редовниот инспекциски надзор од страна на Управниот инспекторат се однесува исклучиво на технички аспекти на архивското и канцелариското работење. Во ниту еден момент не е констатирана злоупотреба на службена положба или друг вид на незаконско постапување.
Второ, станува збор за редовен и тековен инспекциски надзор.
Управниот инспекторат постапувал според редовна програма за работа и не станува збор за постапување по никаква пријава или наод за гршка во постапувањето.
Трето, забелешките на инспекторатот се однесуваат на пракса воведена во 2017 година. Начинот на канцелариско и архивско работење во Министерството за животна средина е воспоставен уште во 2017 година и оттогаш непроменето се спроведува од сите министри кои раководеле со министерството – и од редовите на СДСМ и ДУИ. На овој начин на работа постапувале министрите Нурхан Изаири, Башким Амети, Садула Дураку, Насер Нуредини и Каја Шукова. Ова значи дека евентуалните забелешки на инспекторатот не се поврзани со работата на актуелното раководство, туку со континуиран административен процес кој е наследен од претходните години.
Четврто, Министерството останува посветено на транспарентноста и ги повикува сите медиуми на увид во документацијата. За целосна транспарентност и точна информираност на јавноста, Министерството за животна средина и просторно планирање ги повикува сите заинтересирани медиуми да дојдат на лице место во просториите на Министерството, каде што ќе им биде презентирана целата архивска граѓа поврзана со оваа постапка. Нема што да се крие – работата на Министерството е отворена за увид на јавноста.
Министерството останува доследно на својата заложба за законито и професионално работење во интерес на граѓаните на Република Северна Македонија“, се наведува во соопштението на Министерството за животна средина и просторно планирање.
Македонија
Финансиската полиција поднесе кривична пријава за даночно затајување

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Тетово поднесе кривична пријава против Б.Ф. во својство на сопственик и управител и против четири правни лица поради основи на сомнение за сторено кривично дело „Даночно затајување“ од член 279 ст.3 в.в ст.1 в.в чл.45 од КЗ на РСМ.
Првопријавениот Б.Ф. во период од 2013 до 2023 година, извршил серија на истородни противправни дејствија со цел намалување на даночната основа за пресметка и плаќање на данокот на добивка, со кои дејствија го сторил кривичното дело „Даночно затајување“ од член 279 ст.3 в.в ст.1 в.в чл.45 од КЗ на РСМ.
Даночното затајување го вршел преку фирмите „БИБАЈ ГРОУП ДООЕЛ“, „БИБАЈ ДООЕЛ“, „ПРО ТИРЕ ДООЕЛ“ и „РАЕН ДООЕЛ“.
Обвинетиот се сомничи дека префрлал средства на основ на позајмици на своја и сметка на правните лица, кои потоа не биле евидентирани во даночните биланси и не биле отпишани по истекот на законските рокови.
Првопријавениот Б.Ф со намера да ја намали даночната обврска за утврдување на данок на добивка со цел да одбегне плаќање на данок, во име, за сметка и во корист на пријавените правни лица, во периодот од 2013 до 2023 година, не пријавил, не пресметал и не платил данок на добивка по даночна стапка од 10% во вкупен износ од 16.085.644 денари, за кој износ е оштетен Буџетот на Република Северна Македонија, со што првопријавениот Б.Ф го сторил кривичното дело ДАНОЧНО ЗАТАЈУВАЊЕ” од член 279 ст.3 в.в ст.1 в.в чл.45 од КЗ на РСМ, а пријавените правни лица го сториле кривичното дело “ДАНОЧНО ЗАТАЈУВАЊЕ” од член 279 ст.4 в.в ст.1 и ст.2 од КЗ на РСМ.