Македонија
Без струја ќе останат делови на Бутел, Центар и Карпош

Од „ЕВН Македонија“ АД е добиено известување дека поради технички зафати во дистрибутивната електромрежа, без електрична енергија ќе останат делови од Бутел, Центар и Карпош.
Од 8:45 до 9:45 часот без струја ќе бидат корисниците од левата страна на Радишански пат (општина Бутел ). Од 8:30 до 14:30 часот струја ќе немаат корисниците од ул. Мирче Мацин, Мирче Ацев и бул. Филип Втори Македонски, (објектите во близина на паркингот кај ГТЦ: пералницата, угостителските објекти и домаќинствата од тој реон (општина Центар).
Од 9:30 до 15 часот корисниците од дел од ул. Скупи подулицата 3-а, дел од бул. 8 Септември (општина Карпош), од 9 до 15 часот, корисниците од дел на Горни Жданец (општина Карпош), а од 10 до 13 часот корисниците од дел од ул.Козара и дел од ул. Васил Ѓоргов (општина Центар).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Собранието изгласа недоверба на пет членови на Судскиот совет

Собранието изгласа недоверба на членовите на Судскиот совет Павлина Црвенковска, Селим Адеми, Весна Дамева, Тања Чачарова Илиевска и Миљазим Мустафа.
Законодавниот дом констатира дека тие имале значителен придонес во загрозување на независноста, професионалноста и угледот на судството и придонеле за падот на довербата на граѓаните кон судството. Ја занемариле и не ја извршувале својата функција во работата на Советот, а поради изгласаната недоверба, го губат легитимитетот да учествуваат и одлучуваат во работата на Судскиот совет.
На седницата не присуствуваа пратениците од СДСМ.
Изгласувањето на интерпелациите не значи оставки за овие пет члена на Судскиот совет.
Македонија
Онлајн медиумите да бидат вклучени во Законот – Владата предлага законски измени

Владата на денешната седница го донесе предлогот на Закон за изменување и дополнување на Законот за медиуми.
Од Владата образложија дека со оглед на фактот дека резултатите од последните истражувања покажуваат дека над 70 oтсто од јавноста се информира на интернет, со што онлајн медиумите стануваат важен чинител во медиумскиот простор, се наметна потребата од нивно воведување во Законот за медиуми, што ќе придонесе и за поинтензивно поттикнување на саморегулацијата како битен сегмент за професионалното новинарско работење и зајакната конкурентност во медиумскиот простор.
„Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за медиуми има за цел да ја зајакне конкурентноста во медиумскиот простор и да ги реши постојните проблеми со интернет порталите, преку поставување на правна рамка која ги препознава како такви, односно јасни правила за нивно основање и регистрација“, се додава во информацијата од Владата.
Македонија
Пренџов: Членот на Судски совет, Чачарова-Илиевска освен што била правна советничка на Заев, била и партиски донатор

На денешната собраниска седница на која се дискутира за интерпелациите на членовите на Судски совет, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов кажа дека членката на Судскиот совет, Тања Чачарова-Илиевска јавно кажала дека нема да присуствува на собраниската седница, за јавноста да не се сомнева дека била во Дубаи на отворање на 82-катницата од страна на поранешниот премиер Зоран Заев.
Пренџов нагласи дека за разлика од другите членови на Судскиот совет, таа била истакната како личен адвокат на Зоран Заев.
„Таа е посочена како личниот адвокат на Заев. Се започна во 2017 кога на чело на судските реформи се стави нејзиниот другар и поранешен премиер Зоран Заев, година и пол, две, беше на чело на тие судски реформи, за тој период, двете мерки си ги избриша видео снимките од обвинителството, сите обвиненија му се тргнаа и кога си обезбеди правна сигурност и заштита, се повлече и ги остави тие судски реформи да ги прават Бујар Османи и компанија, па имавме план 3-6-9, но Чачарова-Илиевска била вклучена во сите планови’’, истакна Пренџов.
Тој потенцираше дека судството и Судскиот совет, не било независно бидејќи таа била донесена за член на Судски совет откако претходно била советничка на екс премиерот Зоран Заев.
„Случајно поранешниот премиер Зоран Заев, случајно ја поканил да му биде советничка, бидејќи таа била некој правен авторитет, за којшто само тој и кланот Заеви претходно имале слушнато и така таа дошла во неговиот кабинет правно да го советува, некое време додека не направи простор во Судскиот совет за да стане член’’, рече Пренџов.
Пратеникот додаде дека таа не била само адвокат личен на Заев, туку била и донатор на СДС.
„Случајно, неколку пати донирала пари во СДС. Во 2018, донирала 5540, па 7500, 5600, па потоа дала 16000, па 7500, па потоа донирала нови 17200 денари и така натаму. Луѓе кои донирале пари во СДС, од ова собрание биле гласани како независни експерти, како правни величини и како луѓе коишто требаше да донесат право и правда во Македонија“, заклучи Пренџов.