Македонија
Бектеши: Храна има доволно, купувајте разумно
Министерот за економија, Крешник Бектеши, заедно со директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, денеска во Министерството за економија одржа работен состанок со претставници од сите најголеми супермаркети и дистрибутери на прехранбени производи во државата.
На состанокот се разговараше за мерката што ја донесе Владата за замрзнување на цените на основните прехранбени производи, и тоа на лебот, солта, зејтинот, млекото и млечните производи, јајцата, брашното, месото, тестенините, лековите и дезифекциските сретства, и тоа со состојба на денот на прогласување на пандемијата на СЗО, освен оние за кои има доказ дека им се зголемени влезните фактури.
На состанокот се разговараше и за резервите на основните производи со кои располагаат супермаркетите и дистрибутерите, за контролата на терен од страна на Пазарниот инспекторат, како и начинот на работа и на организација на трговските објекти со цел поголема заштита и безбедност на потрошувачите.
„Заеднички со претставниците на супермаркетите и дистрибутерите одлучивме дека нема простор за паника. Има доволно резерви на основните продукти. Нам ни останува да бидеме свесни и да се грижиме за здравјето на граѓаните и на вработените во супермаркетите, кои се на најголем удар и контакт со потрошувачите“, потенцира Бектеши.
Министерот ги повика сите граѓани разумно да купуваат, но истовремено супермаркетите да направат внатрешни планови на организација за да им излезат во пресрет на потрошувачите.
„Супермаркетите се општествено одговорни и убеден сум дека ќе се организираат на најдобар можен начин“, потенцира Бектеши.
Како што најави министерот за економија, Бектеши, Пазарниот инспекторат ќе врши контроли во супермаркетите дали се почитуваат цените, а граѓаните, доколку забележат непочитување на оваа мерка, може да пријават на телефонскиот број 02 3220-547. Ќе се вршат контроли и во магацините и дистрибутивните центри за да ја утврди ситуацијата за можни скриени резерви на основните прехранбени производи.
„Обврска на Пазарниот инспекторат е да врши надзор на одлуките што ги носи Владата. Сите пазарни инспектори, дури и оние што може да ги користат олеснувањата во согласност со препораките на Владата, се на терен. Вкупно 18 часа инспекторите се на терен. Сакам да упатам благодарност до сите оние што ги почитуваат препораките за да останат помалку луѓе што ќе бидат подложни на контролата на Пазарниот инспекторат. Од наша страна ќе направиме сè да им излеземе во пресрет и на граѓаните и на супермаркетите, сè со цел да им излеземе во пресрет во оваа кризна состојба“ истакна директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски.
Претставниците од супермаркетите и дистрибутерите на храна информираа дека имаат резерви за 30-45 дена како во редовни услови. Им порачуваат на граѓаните да не паничат, да бидат релаксирани и да водат сметка единствено за своето здравје.
„Состојбата е под контрола. Нема апсолутно причина за паника, за купување резерви. Нашите резерви се за 30-45 дена, во редовниот обем. Трговците и државата стојат зад нас, охрабрени сме. Сакаме да ги релаксираме потрошувачите, сите стратегиски артикли ќе ги има во доволни количини“, изјави Љупчо Васовски, претставник на „Тинкес“.
Претставниците од трговскиот синџир „Веро“, по средбата, истакаа дека ги координираат сите активности за нормално фунцкионирање.
„Работиме максимално на заштита на условите на работа на сите наши вработени, но и на потрошувачите. Во постојан контакт сме со доставувачите и правиме максимални напори за снабдување на дефицитарните производи. Апелирам дека нема потреба од паника, работиме интензивно. Сите потреби ќе бидат намирени“, истакна Петар Денковски, претставник од „Веро“.
Дистрибутерите на храна се согласни со супермаркетите дека нема простор за паника. Сопственикот на „Даути комерц“, Џемаил Даути, порача до институциите да имаат постојан контакт со соседните државни за да нема застој на граничните премини.
„Минатата недела имавме тешкотии за увоз на стока, но од вчера, благодарение на Владата, коридорите се ослободени од земјтие кои направија ограничувања. Веќе се регулирани коридорите од каде што доаѓа стоката. Нема место за паника. Имаме резерва за 30 дена и тековно се носи стока. Бараме постојано контакт со соседните земји за да нема застои на граничните премини, како и да се ослободат контингентите и царинските давачки за брашно, зејтин и шеќер, да има забрана за увоз од Србија, каде што цените се пониски“, истакна Џемаил Даути, сопственик на „Даути комерц“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски: Од пролет започнуваме со реализација на клучните капитални проекти за поголемо достоинство на сите скопјани
Градежните активности се одвиваат во полн ек, речиси насекаде низ градот, како јасен доказ дека дадениот збор, станува дело, објави на социјалните мрежи скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
„Со силна динамика и јасна визија, продолжуваме да ја модернизираме инфраструктурата и да создаваме услови достојни за граѓаните.
Во тек е втората фаза од реконструкцијата на улицата „Фрањо Клуз“, една од најважните сообраќајни артерии во општина Аеродром.
По децении запоставеност, оваа улица добива нов, двослоен асфалт, нови рабници и целосно уредени тротоари.
Создаваме безбеден, чист и функционален простор – и за возачите, за пешаците, но и за најмладите и највозрасните сограѓани“.
Според него, интензивни градежни зафати се одвиваат и на улицата „Никола Парапунов“, каде како што вели, се поставуваат нови, пошироки и побезбедни тротоари, со подобрена пешачка пристапност и современо урбано уредување.
„Просторот добива нов лик, а жителите услови што ги заслужуваат.
Ова е новото време за Скопје.
Време на работа, резултати и одговорност.
Од пролет, со подобрување на временските услови, започнуваме со реализација на клучните капитални проекти што ќе донесат уште посилна инфраструктурна трансформација за подобра иднина, за поголемо достоинство и за квалитетен живот на сите скопјани.
Продолжуваме. Решително и посветено“, пишува Ѓорѓиевски.
Македонија
ССМ утре од 11 часот ќе ја блокира Владата: Ќе донесеме и одлука за генерален штрајк, видовме дека на маса не нè слушаат
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) утре во 11 часот со 21 работник ќе ги блокира влезовите во Владата оти се игнорираат нивните барања минималната плата да се зголеми на 600 евра и сите останати за 100 евра, а најави и одлука за генерален штрајк и во јавниот и во приватниот сектор. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов и денес објасни зошто само 21 работник ќе је блокира Владата.
„ Зошто 21 човек? Затоа што тоа е законскиот минимум за да блокираме некоја институција или некоја сообраќајница. 21 човек затоа што некој кажа дека ќе ги заокружуваат луѓето кои протестираат, дека ќе ги оцрнуваат луѓето кои ќе протестираат и дека на таков начин сакаат да упатат порака до секој еден кој смета дека треба да излезе на улица и да даде поддршка на работниците односно да се поддржи самиот себе во борбата за платите“, објасни претседателот на ССМ Трендафилов.
Тој потсети дека ССМ протестира оти Владата и газдите до 31.12. не се договорија за зголемување на платите.
„Владата ги остави работниците на минимална плата да се договараат со газдите за зголемување на минималната плата, а кога синдикатите и работодавачите минатата година се договорија за зголемување на сите плати за најмалку 6.000 денари и за таков начин Владата да даде сопствен придонес преку ослободување од плаќањето на придонесите за задолжително социјално осигурување, денеска поради самобендисаноста на поединци во Владата таа одлука го чини државниот буџет или државната каса најмалку 10 милиони евра месечно или најмалку 120 милиони евра годишно“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.
ССМ нема да сопре со активностите за зголемување на минималната лата со блокадата на Владата. Доколку повторно не наиде на соработка, Трендафилов најави генерален штрајк.
„Пред донесување одлука за генерален штрајк во јавниот и во приватниот сектор сме. Работниците бараат од ССМ да повика на генерален штрајк онака како што тоа го прават нивните колеги во Грција, Белгија, Франција и други држави. ССМ ќе донесе одлука за организирање на генерален штрајк и со таа одлука секој работник ќе биде заштитен. Генералниот штрајк, според размислувањата, треба да трае 24 часа и за време на штрајкот нема да се извршуваат работните задачи. Сметаме дека сите треба да застанеме рамо до рамо бидејќи видовме дека на маса не нè слушаат, а од улица нè слушаат“, најави претседателот на ССМ, Трендафилов.
ССМ по големиот протест во јануари, овој месец веќе ги блокираше Собранието и стопанските комори и од улица им порача на пратениците и на работодавачите дека нема да се откаже од барањето минималната плата да се зголеми ан 600 евра, а сите останати да се зголемат за најмалку 100 евра.
И покрај протестот и блокадите на работниците Владата не се премисли и остана на ставот дека работниците треба да се договорат со работодавачите за зголемување на минималната плата, а онаму каде што Владата е работодавач, веќе договори зголемување на платите за 40 % до 2028 година.
Македонија
Сиљановска-Давкова со раководството на Факултетот за музичка уметност: потенцирана важноста на едукативната и педагошката работа
По повод големиот јубилеј 60 години постоење и дејност на Факултетот за музичка уметност, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими деканката проф. м-р Дарија Андовска, продеканката за настава и наука, проф. д-р Соња Здравкова-Џепаровска и продеканката за концертна дејност, вонр. проф. м-р Марија Вршкова.
За деканката Андовска успехот на факултетот е резултат на големото музичко знаење, љубов, креативност, труд и посветеност на повеќето генерации наставен кадар.
Јубилејот добива на тежина и значење заради фактот дека за релативно кусо време, вработените постигнале далеку поголеми резултати од факултетите, односно музичките академии од регионот, стари и по стотина години.
Честитајќи им го роденденот, претседателката ја потенцираше важноста на едукативната и педагошката работа на Факултетот, којшто изнедрил музички и уметнички великани како Симон Трпчевски.
За Сиљановска-Давкова, неспорна и непроценлива е амбасадорската улога на нашите музички уметници во промоцијата на македонската држава ширум светот.
Таа со задоволство ја прифати поканата да биде покровителка на јубилејот на институцијата којашто е расадник на уметници без кои не може да се замисли успешната работа на Филхармонијата, Националната опера и балет, Националниот џез оркестар, како и на бројните ансамбли и оркестри.
Професорките ја запознаа претседателката со тешките предизвици од финансиска и просторна природа, хроничниот недостиг на инструменти и опасноста од згаснување на некои катедри во отсуство на кадар.
Тие очекуваат преиспитување и измена на низа предложени решенија од новиот Закон за високо образование во претстојната дебата.

