Македонија
„Бела ноќ 2020“ – изложби, концерти, перформанси и многу други културни настани во Скопје
16. пат, в сабота, на 26 септември, една недела порано од вообичаеното, Скопје и скопјани беа дел од годинешниот градски културен настан – „Бела ноќ“.
На 10-те локации (паркингот пред СРЦ „Борис Трајковски“, МКЦ, Зеленото пазарче, плоштадот кај Ибни Пајко, Музејот на современата уметност, Домот на културата „Кочо Рацин“, Архитектонскиот факултет, Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ и Даутпашиниот амам), присутните ги гледаа перформансите, концертите, изложбите и другите културно-уметнички активности.

Во пријатна атмосфера помина и централниот настан на „Бела ноќ“ – Скопските евергрини, кој се одржа на паркингот пред СРЦ „Борис Трајковски“, каде што најпознатите скопските хитови беа изведени од најголемите македонски музички ѕвезди – Влатко Стефановски, Тамара Тодевска, Јаков Дренковски, Дарио и други, во придружба на „Баги Биг бендот“, под диригентската палка на Љупчо Мирковски.
Голем интерес меѓу посетителите имаше и за другите културни случувања во градот, со што успешно заврши и оваа 16. по ред „Бела ноќ“, во организација на ЈУ Универзална сала, со поддршка на Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

