Македонија
Беса: Пописот докажа дека со ДУИ во Владата бегството на Албанците од татковината е масовно
Објавувањето на резултатите од пописот отвора голема дебатa што бара длабинска анализа, но и одговорност од политичките сили, кои сакајќи да ги задржат ексклузивноста и нетранспарентноста, денес го преземаат целиот историски товар на еден процес, кој, за жал, отвори многу дилеми и нејасности, велат од Беса.
„Движењето Беса уште еднаш го потврдува својот политички став дека процесот на попис на населението е и треба да остане само статистички, а колективните законско-уставни права на етничките заедници, во овој случај на Албанците, треба да произлегуваат од бројот на жители што се државјани на државата, а не по бројот на резидентни жители во државата.
Преку нашата анализа на последниот попис на населението во земјата произлегуваат некои пораки што сакаме да ги споделиме како загриженост со јавноста.
Прво: формата, начинот и водењето на процесот помина во целосна тајност, а процесот на одложување, односно прекин на процесот и пречките со кои се соочуваа граѓаните за пријавување, особено оние во дијаспората, го губи кредибилитетот на пописот како процес. Оттука, се сомневаме дека овој процес се претвори во политичко пазарење помеѓу СДСМ и ДУИ, како и многу други прашања во минатото, кои, за жал, докажаа дека при секое политичко пазарење на ДУИ последиците се долгорочни за Албанците во државата.
Второ: ако тргнеме од статистичките податоци што произлегуваат од овој попис, на површина излегува една голема вистина, која континуирано ја иницираме како грижа, а тоа е дека во сите овие години на владеење на ДУИ, Албанците масовно си заминаа од родното место“, изјави Хоџа.
Како што рече тој, погрешните политики, корупцијата, непотизмот, партизацијата на сите институции принудија многу семејства, но, пред сѐ, многу млади луѓе да ја напуштат државата.
„Факт е дека колку подолго ДУИ ги води државните институции преку неспособни луѓе, партиски приврзаници и оние чии главни заслуги се послушноста кон партијата, толку повеќе Албанци ќе ги напуштат своите родни места.
Овој процес на масовен егзодус на Албанците мора итно да се запре, тоа се прави со создавање подобри услови за живеење, економска благосостојба, отворање нови работни места, но сето тоа може да се случи само со отстранување на ДУИ од власт, поконкретно на нејзините преставници во Владата“, изјави тој.
Од Беса го потврдија ставот дека државата треба што побргу да оди на предвремени избори, а ДУИ, како што велат, да оди во опозиција и да се реформира бидејќи, според нив, секој ден се докажува дека тие се штетни за иднината на Албанците, а тоа го потврдиле и од пописот на населението, за што и самите биле учесници во неговата организација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дебакл на Мицкоски, историски пад на странските инвестиции за 729 милиони евра, велат од СДСМ
„Драматчен пад на странските директни инвестиции во 2025 година од 61% покажуваат последните економски податоци на Народна банка. Со Христијан Мицкоски на чело на Владата, во 2025 година има намалување на странските инвестиции за огромни 729 милиони евра во споредба со 2024 година“, велат од СДСМ.
„Поради политиките на СДСМ, во 2024 година странските директни инвестиции изнесуваа 1 милијарда и 196 милиони евра, додека во 2025 година со Мицкоски тие се сведени на само 467 милиони евра. Дебакл.
Но, затоа има пари за криминални тендери, 161 тендер за една фирма, 51 за втора, 74 тендери за трета фирма блиска до власта. ВМРО-ОКГ се грижи само за својот приватен бизнис.
За време на владите на СДСМ, беа отворени 16 нови фабрики како резултат на директни странски инвестиции – гиганти. Се генерираа над 10.000 нови работни места само во технолошко-индустриските развојни зони.
Што се случува сега со Мицкоски и ВМРО-ОКГ? Има историски пад на инвестициите и губење на илјадници работни места. Германскиот гигант Aktiv официјално потврди дека се повлекува од Скопје, оставајќи 400 – 500 работници без работа. Во фабриката на Dura се кратат производни линии. Magna го стопираше своето претходно најавено ширење. Илјадници работни места се под сериозен ризик.
Ова е резултат на погрешните политиките на Мицкоски и ВМРО-ОКГ за изолација и криминални тендери за богатење на функционерите на власт.
Наместо да се занимаваат со економијата, тие преку своите медиуми се занимаваат со црна кампања и лажни афери. Нема интеграција – следи економска изолација“, соопшти СДСМ.
Македонија
Дел од општина Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, дел од корисниците од село Орман улица 5, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Претежно облачно и тивко, максималната температура до 17 степени
Времето денеска ќе биде прeтежно облачно. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, претежно облачно и тивко. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен во четврток кога ќе има услови за слаб локален дожд. Во четврток и петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието.

