Македонија
„Беса транс“ негира дека во автобусот имало резерви со нафта или други горива
Агенцијата „Беса транс“, чиј автобус изгоре, а во него загинаа 45 македонски државјани, негира дека се превезувале резерви со нафта или други горива, а немало ниту пиротехнички материјали. Ова е трето нивно обраќање по трагедијата, а второ преку кое се бара од медиумите и јавноста да не се изнесуваат шпекулации. Оттаму велат дека само истрагата може да ги даде точните информации за несреќата.
„Како агенција ја известуваме јавноста, како и семејствата на трагично загинатите дека автобусите во никој случај немале никаков багаж со нафта или пиротехника. Ова се шпекулации од страна на оние кои сакаат да ја искористат оваа трагедија. Целосниот капацитет на автобусот бил 450 до 500 литри нафта, само за користење за потребите на автобусот. Уште еднаш ги замолуваме медиумите да не ги користат овие дезинформации со кои уште повеќе ги повредуваат семејствата“, велат од „Беса транс“.
Реакцијата на компанијата доаѓа откако дел од бугарските медиуми објавија, а македонските пренесоа, дека во автобусот имало резервно гориво, поради кое возилото изгорело брзо. Бугарските експерти, меѓу кои Симеон Ананиев, претседател на Здружението на вешти лица за БТВ, кажа дека се стравува дека во автобусот можеби имало и пиротехнички средства кои се запалиле. Ова од одредени портали беше пренесено како фактичка состојба, иако нема потврда од Обвинителството, ниту истрагата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост на Ѓавато и во Крушево
Намалена видливост поради магла од 50 до 100 метри утрово има на планинскиот премин Ѓавато и Крушево, информира АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Министерот Стоилковиќ објави видео од канцеларија со импровизирани кревети во кои работеле службеници од ДУИ
Министерот за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, објави снимка на социјалните мрежи на која, според него, е прикажана канцеларија во неговото Министерството, а во која биле службеници од ДУИ кои биле отпуштени на 24 декември.
„Ова е канцеларијата во Министерството за односи меѓу заедниците, инаку претворена во ова што го гледате, во која „работеа“ вчера отпуштените службеници кои, по некоја случајност се од ДУИ. По документирањето на состојбата истите се испратени да си спијат дома. Толку!“, напиша Стоилковиќ.
ДУИ претходно обвини за дискриминација поради тоа што од Министерството биле отпуштени седуммина Албанци.
Македонија
Променливо облачно време со сончеви периоди, температура до 10 степени
Утрото ќе биде облачно, во крајните југозападни делови ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Во текот на денот ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 5, а максималната ќе достигне од 4 до 10 степени.
Во Скопје, променливо облачно, во текот на денот со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 6 степени.
Следува период на стабилно и студено време со утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни. Во деновите од викендот ќе дува засилен до силен северен ветер (локално над 60 km/h).

