Македонија
Бесплатен летен спортско едукативен камп за ученици од Кисела Вода
Бесплатен летен спортско едукативен камп за спортските таленти од основните училишта и учениците од социјално ранливите семејства, обезбеди Општина Кисела Вода. Оваа иницијатива, која е плод на посветеноста за промовирање на спортот и здравиот начин на живот, ги промовира и еднаквите можности за учество и развој на сите деца без разлика на нивната финансиска состојба.
На јавниот повик кој е достапен на општинската веб страница https://opstinakiselavoda.gov.mk/wp-content/uploads/2024/05/oglas5.pdf , можат да аплицираат децата кои постигнале резултати во олимписки и неолимписки спортови, во поединечна и екипна конуренција, согласно класификацијата на Агенцијата за млади и спорт.
За спортските таленти, Комисијата ќе ги вреднува постигнатите прво, второ и трето место.
Kандидатите задолжително треба да ги достават, дипломите и признанијата за освоени места или учество на официјални државни, меѓународни и регионални натпревари, како и дипломите и признанијата за освоено место или учество на пријателски натпревари во сите категории. Основците пак, кои припаѓаат на социјално ранлива категорија согласно Закон за социјална заштита, за истото треба да достават соодветна документација како доказ за исполнетост на условите. На повикот можат да се пријават и ученици од семејства со еден вработен, примател на минимална плата, како и ученици од семејства чиј вкупен приход не надминува 35.000,00 денари месечно.
-Овој бесплатен седумдневен камп на брегот на Охридското Езеро ќе биде повеќе од обично дружење. Тој претставува можност за нашите ученици да се социјализираат, да создадат нови пријателства и да ги развиваат своите спортски таленти. Верувам дека преку вакви активности, децата ќе можат да ги зајакнат своите спортски вештини, но и да научат важни животни лекции за тимска работа, дисциплина и посветеност. Нашата поддршка за младите спортисти не завршува тука. Оваа иницијатива е само дел од нашата континуирана стратегија за поттикнување на спортските активности и здравиот начин на живот кај младите. Овие спортски кампови се стимул за спортистите да продолжат да се натпреваруваат и да ги постигнуваат своите цели, но исто така претставуваат и обид да се избегне маргинализацијата на децата од социјално загрозените семејства. Сите деца, без разлика на нивната социјална позадина, треба да имаат еднаква шанса за успех и развој. Од тука, ги поттикнувам сите кои се опфатени со зададените критериуми да аплицираат на јавниот повик. Од своја страна, како градоначалник, можам да кажам дека Општина Кисела Вода ќе продолжи да инвестира во вакви проекти, кои го поддржуваат личниот и спортскиот развој на талентираните и водат кон избегнување на маргинализацијата на децата од социјално загрозените семејства-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски,
Барањата и изјавите со потребната документација треба да се доставуваат до 05 јуни, по пошта на адреса Општина Кисела Вода ул. “Петар Дeљан” бр.17, или во архивата на општината со назнака – “За избор на ученици од општинските основни училишта од Општина Кисела Вода кои ќе посетуваат бесплатен летен спортско едукативен камп” – Комисија за спроведување на постапката за избор на ученици од општинските основни училишта од Општина Кисела Вода кои ќе посетуваат бесплатен летен спортско едукативен камп.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забрана за камиони на патните правци Маврово – Дебар и Гостивар – Стража – Кичево
Од 06:50 ч., воведена e забрана за тешки товарни возила на патните правци Маврово – Дебар и Гостивар – Стража – Кичево поради обилни врнежи од снег, информира АМСМ.
Сообраќајот на останатите државни патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Слаб снег провејува на П.Шапка кој во мометов не се задржува на коловозот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Денеска врнежи од дожд и од снег на планините
Под влијание на циклонска активност, денеска ќе има врнежи од дожд во пониските, дожд и снег на повисоките места, а на планините од снег, информира УХМР.
Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови каде се очекува да наврнат над 15 l/m² воден талог. На планините висината на снежната покривка ќе се зголеми од 10 до 15 см.
Потоа во следните денови времето ќе биде претежно стабилно со ниски утрински температури. За време на викендот ќе дува умерен до засилен северен ветер, а во сабота наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.
Во Скопје, денеска ќе има повремени врнежи од дожд. Потоа ќе биде стабилно со пониска утринска температура.
Македонија
По 100 дена мандат, Ѓорѓиевски порача: „Скопје повторно почна да дише“
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави отчет за првите 100 дена од мандатот, наведувајќи дека ја презел функцијата во услови на, како што рече, „град на раб на финансиски колапс – празна каса, блокирани сметки, јавни претпријатија со неисплатени плати, систем без дисциплина и долг од речиси 300 милиони евра“.
„Тотален колапс! Институции што одамна престанале да работат во служба на граѓаните“, наведува градоначалникот, додавајќи дека добил доверба од граѓаните и дека „таа доверба нема да биде изневерена“.
Според него, за три месеци се намалени обврските за повеќе од 40 милиони евра преку кратење на непродуктивни трошоци и воведување финансиска дисциплина, а стабилизирана е и исплатата на платите во јавните претпријатија.
Ѓоргиевски информира дека биле отстранети над 600 фиктивно вработени кои со години земале плата без да доаѓаат на работа, како и дека е спроведена акција за чистење во која, како што наведува, учествувале над 2.500 луѓе, стотина возила и биле отстранети повеќе од 4.500 тони отпад за 72 часа.
„Скопје повторно почна да дише“, наведува тој.

Градоначалникот посочува дека се деблокирани клучни инфраструктурни проекти, меѓу кои клучката кај „Момин Поток“, булеварот „Македонија“ со подземната сообраќајница, улиците „Љубљанска“ и „Перо Наков“, како и реконструкцијата на „Фрањо Клуз“.
Почнува изградба на нови кружни текови, булевари и монтажни катни гаражи, како и доизградба на булеварот „Борис Трајковски“.
Во делот на јавниот превоз, наведува дека со поддршка од Владата се работи на модернизација со нови еколошки автобуси и проекти за современ транспорт.
Ѓоргиевски информира и за уредување нови зелени површини, расчистување на Вардариште, изградба на Луна парк, како и за набавка на нов мебел, компјутери, интерактивни табли и прочистувачи на воздух за средните училишта. Посочува дека Скопје останува Европска престолнина на културата 2028.
Во обраќањето тој наведува дека буџетот за 2026 година е повисок и развоен, со рекордни капитални инвестиции во образование, култура, инфраструктура и животна средина.
„Наследивме долгови, но градиме стабилна иднина. Наследивме хаос, но воспоставуваме систем и ред. Наследивме разочараност, но ја враќаме надежта и достоинството“, наведува градоначалникот.
Ѓоргиевски упати благодарност до Советот на Град Скопје, до својот тим и до премиерот Христијан Мицкоски, наведувајќи дека „со дела, како никој во минатото покажа што значи вистинска грижа за граѓаните и вистинска поддршка за Скопје“.

