Македонија
Бесплатна вакцинација против грип за ризични групи
Владата на денешната 149. седница ја усвои информацијата со акциски план за проектот „Бесплатна вакцинација против грип за ризични групи, без ограничување во однос на примањата“.
Како што соопшти Министерството за здравство, согласно препораките на Светската здравствена организација, како и Програмата за имунизација за 2019 година во категоријата ризични групи се опфатени: бремени жени во кој било период од бременоста, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, лица над 65-годишна возраст, лица со хронични заболувања, како и лица сместени во геронтолошки центри и вработени во овие центри и здравствени работници.
Со овој проект се планира Министерството за здравство по пат на јавна набавка да обезбеди околу 28.000 дози вакцини против сезонски грип, наменети за бесплатна вакцинација на лица изложени на зголемен ризик од тешки форми и компликации од грип.
Средствата за оваа намена, како што се наведува, ќе бидат обезбедени во рамки на Програмата за задолжителна имунизација на населението за 2019 година, а вакцините ќе бидат распределени во Центрите за јавно здравје и по потреба во други овластени здравствени установи кои ќе ја извршуваат вакцинацијата. Лицата за кои е обезбедено бесплатно вакцинирање потребно е во службата за вакцинација да достават на увид потврда за хронично заболување заедно со упат издадени од матичен лекар. Закажувањето за вакцинација ќе се одвива преку електронскиот систем „Мој Термин“.
Вакцинацијата е една од најважните превентивни мерки за заштита на здравјето на луѓето. Со навремена и ефикасна превенција од сезонски грип, освен позитивните ефекти во однос на зачувувањето на здравјето на населението, вакцинирањето и спречувањето на појава на болест доведува до финансиски заштеди во здравството по однос на лекови, болнички денови, средства за боледувања, како и отсуства од работа.
Вакцината против сезонски грип создава имунитет по 14 дена од вакцинација, кој трае околу 8-10 месеци. Најдобар период за вакцинирање со вакцина против грип е од септември до крајот на ноември секоја година, но вакцината може да се даде во тек на цела сезона (од септември до март).
Во изминатите години во Република Северна Македонија, годишно се вакцинираат од 15.000 до 45.000 лица. Минатата година се воведе бесплатна вакцинација против сезонски грип за лица над 65-годишна возраст со просечна пензија и пензија под просечната како и лица без пензија. Оваа мерка се воведе првпат како пилот, а на овој начин се заштитени од грип и компликации најранливите групи стари лица, кај кои има и најчести компликации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Алиу: Владата донесе одлука за решавање на проблемот со паркингот во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“
Министерот за здравство, Азир Алиу, информира дека Владата, на последната седница, донела одлука за решавање на проблемот со паркирањето во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.
Со оваа одлука, вели Алиу, се создава правна основа за потпишување договор меѓу Министерството за здравство и Градот Скопје и решавање на деценискиот проблем со паркингот кај клиниките.
„Станува збор за одлука за давање под закуп на недвижни работи со непосредна спогодба со Град Скопје заради организирање, управување, уредување и одржување на паркиралишта во просторот на Комплекс клиники ‘Мајка Тереза’ во Скопје. Во следната фаза, Град Скопје ќе започне со проектирање и изградба на катните гаражи и инфраструктурно уредување. Договорот ќе биде склучен на 15 години со закупнина во висина од 10 проценти од вкупниот проме“, рече Алиу.
Тој додаде дека со ова ќе се овозможи модернизација и зголемување на капацитетите за паркирање на клинички.
Македонија
Хоџа: Регионалниот систем за отпад е реалност
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, се обрати на настанот „Патеки за вештини и инклузија во секторот за цврст отпад“, организиран од канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во Северна Македонија, кој се одржа во хотел „Холидеј Ин“ во Скопје.
Во своето обраќање, министерот Хоџа се осврна на системските политики во областа на управувањето со отпадот, нагласувајќи дека Регионалниот систем за управување со отпад веќе преминува од концепт во реалност.
„Многу важно е што Регионалниот систем за управување со отпад веќе не е само идеја на хартија. Ние веќе градиме инфраструктура што е основа на овој систем. Затоа, 2026-та е годината на реална промена. Ова значи крај на импровизациите“, истакна министерот Хоџа.
Тој потсети дека уште од почетокот на неговиот мандат управувањето со отпадот го поставил како еден од клучните приоритети, потенцирајќи дека се неопходни долгорочни и одржливи решенија.
„Немаме повеќе време за привремени решенија. Ни треба траен систем што ќе го штити здравјето на граѓаните. Во градењето на тој систем, од суштинско значење е да имаме работна сила и вештини соодветни на потребите“, нагласи Хоџа.
Министерот ја истакна и значајната улога на европските партнери во процесот на воспоставување одржлив систем за управување со отпад.
„Нашето партнерство со ЕБОР и Европската Унија не е формалност, туку алатка за решавање на реални, децениски проблеми. Управувањето со отпад денес не е само еколошка тема-тоа е економска можност, прашање на достоинствена работа и социјална правда“, рече тој.
На крајот, Хоџа порача дека управувањето со отпад мора да стане извор на раст и иновација, наместо еколошки проблем, додавајќи дека зелената трансформација мора да се реализира на терен, преку изградба на современа инфраструктура, како единствен пат до почиста животна средина и подобар квалитет на живот за сите граѓани.
Македонија
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Бислимоски, поднесе оставка
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, денеска поднесе оставка, дознава „Дојче веле“.
Бислимоски утрово со писмо го информирал претседателот на Собранието дека се повлекува од фунцијата на која за првпат беше избран во јуни 2018 година.
Бислимоски во оставката не ги наведува причините за повлекувањето.
Како што наведува „Дојче веле“, одлуката не сака да ја коментира ни тој, ниту неговите соработници.

