Македонија
Бесплатна телефонска линија за помош на новинари и медиумски работници
Мисијата на ОБСЕ во Скопје во партнерство со Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) денес во Скопје на прес-конференција ја промовира бесплатната телефонска линија 0800-11-011 за помош на новинари во случај на закани, напади и насилство кон новинарите.
Бесплатната телефонска линија ќе функционира 24/7 и ќе им овозможи помош и поддршка на новинарите и медиумските работници во случај на заплашувања, закани, вербални или физички напади, онлајн-вознемирување, родово насилство, уцени и друго загрозување на безбедноста.

Телефонскиот оператор ќе ги советува новинарите и медиумските работници како да постапат во одредени специфични ситуации преку информирање за механизмите на дејствување што им се на располагање.
„Нападот врз новинарот е напад врз демократијата. Заканите и заплашувањата често доведуваат до самоцензура, го ограничуваат просторот за проток на идеи и мислења“, рече заменик-шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Џеф Голдстајн. Додаде дека ОБСЕ со својот сеопфатен пристап кон безбедноста работи на обезбедување услови медиумите да работат слободно и новинарите да може непречено и безбедно да си ја вршат својата работа – без страв од заплашување или закани.
В.д. претседателот на ССНМ, Ѕвездан Георгиевски, рече дека квалитетно новинарство не е можно без постоење услови за безбедна работа на новинарите и медиумските работници. „Клучно е на нашите колеги да им овозможиме помош кога ќе се соочат со кој било вид насилство“, рече тој.
За време на прес-конференцијата, Мисијата донира елеци и заштитни капи за репортери членови на Здружението на новинарите (ЗНМ).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.

