Македонија
Бејли за чистата препорака: Ќе работиме сѐ додека сонот за ЕУ и НАТО не стане стварност за македонските граѓани

Амбасадорот на САД, Џес Бејли, преку социјалната мрежа „Твитер“ упати честитка до Република Македонија за чистата препорака за почеток на преговорите со ЕУ.
Congratulations to #Macedonia on the clear recommendation to begin #EU accession negotiations. @usembassymkd looks forward to continue working with Macedonia and @AmbassadorEU to realize the aspirations of Macedonia’s citizens for EU membership…..and NATO too.
— Amb. Jess Baily (@AmbBaily) April 17, 2018
„ Амбасадата на САД ќе продолжи да соработува со македонските власти и Амбасадата на ЕУ со цел да се реализираат аспирациите на граѓаните за членство во Европската Унија, но и во НАТО“, се вели во објавата која Бејли ја има напишано на „Твитер“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова на отворањето на 12. Глобален форум во Баку: ОН се маргинализирани тогаш кога ни се најпотребни

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на свеченото отворање на 12. Глобален форум во Баку, што во организација на Меѓународниот центар „Низами Ганџави“ се одржува од денеска до 15 март во Баку, Република Азербејџан.
Таа оцени дека Глобалниот форум во Баку во изминативе години прерасна во една од најважните меѓународни платформи, што ги адресира најважните регионални и глобални прашања.
„Мултилатерализмот отстапува пред мултиполаризацијата. Растечкото геополитичко ривалство го ослабнува системот за колективна безбедност. Обединетите нации се маргинализирани тогаш кога ни се најпотребни. Консензусот по Втората светска војна се доведува во прашање. Како да живееме на почетокот на една нова ера во која се поткопува меѓународниот систем втемелен на правила“, рече претседателката Сиљановска-Давкова на отворањето на Форумот.
Во контекст на актуелните геополитички превирања, претседателката посочи дека од ден на ден имаме сѐ повеќе прашања, а сѐ помалку одговори, а светот станува многу поразлично место.
Таа изрази уверување дека Глобалниот форум во Баку може да понуди свежи перспективи за тоа како да продолжиме да работиме во насока на постигнување и зачувување на мирот, како врвен заеднички интерес.
Главно обраќање на свеченото отворање на настанот имаше претседателот на Република Азербејџан, Илхам Алијев, а меѓу говорниците беа и претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај и претседавачот со претседателството на Босна и Херцеговина, Жељка Цвијановиќ.
Македонија
Герасимовски: На барање на граѓаните, зголемен бројот на локации за собирање кабаст отпад од 15 до 20 март

Општина Центар ќе спроведе акција за собирање кабаст отпад во периодот од 15 до 20 март. Поради позитивните реакции и успехот на акцијата реализирана во февруари, зголемен е бројот на пунктови на кои граѓанитe ќе можат бесплатно да го одложат својот кабаст отпад, информираат од општината.
Станува збор за следните локации:
– Капиштец, кај Цветен пазар, улица „Народен Фронт“;
– Капиштец, паркингот спроти Завод за вработување, улица „Васил Ѓоргов“ бр. 32;
– Буњаковец, позади ООУ „Ј. Х. Песталоци“, улица „Апостол Гусларот“;
– Дебар Маало, кај кружниот тек, улица „Антоние Грубишиќ“ бр. 20;
– Соборен храм, кај спортското игралиште, улица „Орце Николов“ бр. 22
– „50 Дивизија“ бр. 39, во близина на Клинички центар.
„Иницијативата е одлично прифатена од граѓаните, поради што поставивме дополнителни локации во повеќе центарски населби. Апелирам до сите да ја искористат оваа можност и на еколошки начин да се ослободат од овој вид отпад. Да внимаваме на чистотата и да придонесеме кон поздрава животна средина“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Акцијата се спроведува согласно Акцискиот план за чист воздух на Министерството за животна средина и просторно планирање и вклучува собирање на кабаст отпад во текот на три месеци, почнувајќи од февруари до април, во периодот од 15 до 20 во месецот.
Покрај ова, службите на општината активно спроведуваат обемна кампања за чистење на јавните површини под мотото „Центар не чека, Центар чисти“, додаваат во информацијата.
Македонија
За две години, државните институции набавиле нови возила за 8,5 милиони евра, според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации

Центарот за граѓански комуникации го објави истражувањето за набавките на патнички возила на државните институции во 2023 и 2024 година и отворената база на податоци на договорите за јавните набавки на возилата.
Истражувањето открива дека:
– Само за две години, 2023 и 2024, државните институции набавиле нови патнички возила за 8,5 милиони евра, дел купени, а дел земени на лизинг.
– Меѓу нив се и 45-те владини возила, секое по 50 илјади евра, земени на лизинг за сегашните функционери, но и за поранешните премиери и претседатели.
– Најскапо набавено возило од 55 илјади евра е на Општина Шуто Оризари, додека Општина Прилеп набавила па го раскинала договорот за возило од 63 илјади евра.
– Просечната вредност на сите набавени возила во последните две години е 31.760 евра.
– Омилен бренд на функционерите им е Шкода, од која е набавено секое трето возило.
– Најмногу возила, 82, набавиле Електрани на Северна Македонија.
– На дури 70 % од тендерите за набавка на возилата имало само по една понуда.
– Најголема вкупна вредност на склучени договори имаат фирмите Порше лизинг и Аутомотив груп, секоја по околу 2,8 милиони евра за две години.
Целото истражување и базата на податоци се објавени на следниот линк.