Македонија
Бејли: Постои реална можност Македонија набргу да стане членка на НАТО
Амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли, денеска по повод Денот на НАТО учествуваше на трибина со наслов „НАТО и ти“ во организација на Mинистерството за одбрана.
Во рамките на трибината Бејли посочи дека таа се разликува од претходните дискусии зашто сега може да се каже дека постои реална можност Македонија набргу да стане членка на НАТО и рече дека се цени учеството на Македонија во мисиите на алијансата.
Покрај амбасадорот на САД, на трибината „НАТО и ти“ учествуваа министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, министерот за финансии, Драган Тевдовски, хрватската амбасадорка Даниела Баришиќ, и шефот на Канцеларијата за врски на НАТО, капетанот Горазд Бартол. Тие дискутираа за тоа што претставува НАТО, зошто Македонија сака да биде дел од неа и кои се придобивките од членството за државата и за македонските граѓани.
Инаку, трибината беше отворена со воведни обраќања од националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, претседателот на светската организација АТА, Фабрицио Лучиоли, и претседателот на „АТА Македонија“ и советник за НАТО на премиерот, Исмет Рамадани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Мицкоски и Тошковски ги покажаа 40 тони запленета марихуана: „Никој не е над законот“
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и премиерот, Христијан Мицкоски, дадоа изјава пред просториите во МВР во кои се сместени 40 тони запленета марихуана и најавија детална истрага за случајот.
„Денес, заедно со претседателот на владата, со директорот на Бирото за јавна безбедност и остатокот од тимот од МВР, имаме прилика да ги видиме овие 40 тони марихуана запленети во првата фаза од истрагата. Марихуаната е произведувана, складирана и чувана надвор од оние утврдени протоколи, значи незаконски е истата третирана од страна на фирмите од каде што беше одземена“, рече Тошковски.
Тој кажа дека марихуаната привремено е складирана во простории на МВР со цел да се користи во доказната постапка. Тошковски кажа дека истрагата продолжува.
Мицкоски кажа дека акцијата за заплена има за цел да покаже дека никој не е над законот.
„Ова нешто зад мене е дел од 40 тони марихуана, нешто што претставува резултат на погрешна политика што не сакаме да ја повториме. Очекувам дека денес на владина седница ќе биде донесена одлука да се формира комисија и тим кој ќе ја испита работатата на неколку правни лица и ќе утврди кој работи во согласност со законот, а кои се оние што не работат според законот. Сè што се случи во изминатите неколку дена има за цел да покаже дека нема компромис со неправдата и беззаконието и дека никој не е над законот и дека МВР со сиот капацитет ќе се справи со предизвиците кои ги има“, рече Мицкоски.
Тој испрати порака дека криминалот не се исплати и дека сите криминалци ќе бидат фатени и жестоко казнети.
„Сакам да испратам порака до сите кои одлучиле дека криминалот е исплатлива работа, можеби така било во друго време, но денеска криминалот не се исплати, ќе бидете пронајдени и ке бидете жестоко казнети“, рече Мицкоски.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче за патарините да не глуми социјалдемократ од Тему
Филипче за патарините да не глуми социјалдемократ од Тему, за истите цени кога беа СДС на власт им викаа на граѓаните дека беа ниски, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на изјавата на лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
„Филипче од опозиција глуми социјалдемократ, а на власт се богати од тендери и не му текнува на народот. Замислете Филипче дури сега дознал дека во Македонија се плаќале патарини, ама не му текна дека се истите цени од времето кога тој беше на власт. Цените за кои Филипче вика дека ги нема никаде во Европа, се истите кога беше СДС на власт и за кои неговиот сопартиец Бочварски викаше дека се ниски. За потсетување, Бочварски крајно лицемерно и елитистички им викаше на граѓаните ако им се скапи патарините, нека возат по локални патишта. Социјалдемократот од Тему, Филипче имаше 7 години да побара намалување на цените на патарините или во најмала рака ако бил загрижен да му се спротивстави на неговиот сопартиец Бочварски, но не го стори тоа. Или можеби Филипче бегајќи панично кон Грција сега прв пат плати патарини во животот?“, се наведува во реакцијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека она што Филипче треба да го каже е каде одеа парите од патарини во нивно време и во чии џебови завршуваа народните пари.
Македонија
(Видео) Филипче: СДСМ ќе побара намалување на цените на патарините
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање, најави дека СДСМ во наредниот период ќе предложи повеќе законски решенија за помош на граѓаните, меѓу кои ќе има и законско решение за намалување на цените на патарините, како дел од поширок пакет мерки за олеснување на трошоците на граѓаните.
„Во следните недели ќе излеземе со предлог на повеќе закони согласно нашите вредносни политики од повеќе области, со што во еден од законите ќе побараме и намалување на цените на патарините, како уште еден механизам да им се излезе во пресрет на граѓаните“, рече Филипче.
Филипче оцени дека цените на патарините во земјава се неразумно високи и не се споредливи со оние во регионот и Европа.
„Вакви цени на патарини во државава нема никаде, ниту во регионот, ниту во Европа. Во високо развиените европски земји годишно се плаќа цена на патарина, користење на патиштата ширум државата толку колку што кај нас чини едно движење од тука до некој од граничните премини, до Гевгелија на пример“, рече Филипче.

