Македонија
Беџети: Се чудам дека сé уште се размислува со резерва за промените во образованието
Академик Абдулменаф Беџети ја оцени како многу плодна денешната дебата на членовите на Одделението за општествени науки на МАНУ и на Центарот за стратегиски истражувања на МАНУ со претставници на МОН, Бирото за развој на образованието и на работната група што ја изготви концепцијата за основно образование.
„Ми останува да повикам на поддршка на оваа иницијатива, бидејќи знаеме колку е комплексно, колку е тешко да се влезе во ваков комплексен зафат. За поздравување е тоа што првпат, дури и при расправа за еден реформски зафат во основно образование, се повикуваат дури и институции од највисоки образовни и научни области како што се претставниците на МАНУ. Од оваа гледна точка навистина сите елементи беа разгледани, расправата беше многу плодна, конструктивна и би требало да биде проследена и од другите“, изјави академик Беџети.
Тој укажа дека има голем консензус во тоа дека проблемите во образованието и образовниот систем почнуваат во основно образование, а како последица ги има и во високото образование.
„Се чудам дека има сé уште такви кои размислуваат со резерва и на некој начин со предрасуди за да не се влезе во почетни промени во овој дел. Не само дека тоа е законска обврска, која произлегува од веќе донесениот закон пред две години, туку е определба да не се задоцни“, нагласи Беџети.
За академиците рече дека останува да дадат конструктивен придонес за реформата да се одвива во најдобар тек.
„Дури и најдолгите патишта почнуваат со првите чекори. Ова се само први чекори на влегување во еден многу тежок и комплексен систем, а министерството, работната група и сите чинители во тој дел, на чело со Бирото за развој на образованието многу јасно ги препознаваат овие проблеми и знаат дека и решенијата не се така едноставни, туку тие се доста комплексни од сите аспекти. Почнувајќи од педагошки аспект, од ресурси, од инфраструктура и суперструктура на образование, па сè до резултати на учење коишто треба да произлезат од ова“, рече академик Беџети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

