Македонија
Бизнис заедницата помага во подобрување на условите во високото образование, донирана модерна индустриска опрема на Машинскиот факултет во Скопје
Машинскиот факултет во Скопје доби современа индустриска опрема наменета за Лабораторијата за производни технологии и процеси. Станува збор за металорежачки ЦНЦ машини во вредност од 72 илјади евра кои ги отстапува компанијата ЛТХ Леарница Охрид, со што значително се подобрува практичната настава за студентите.
На настанот организиран по повод отстапувањето на опремата се обрати и министерката за образование и наука Весна Јаневска, која ја повика бизнис заедницата повеќе да учествува во подобрување на условите во образовниот систем во Македонија, а особено во високото образование.
„Општеството има потреба од инженери, добро обучени, кои би можеле веднаш да се вклучат во работните процеси на компаниите. За да се создаде токму таков подготвен кадар, неопходна е соработка помеѓу високото образование и бизнис секторот. Тука таа соработка ја гледаме и можам да ја посочам како пример и да упатам јавен повик за што повеќе факултети и компании да се вмрежуваат. Тоа значи јакнење на образовниот, но и на индустрискиот систем во државата“, рече Јаневска.
Потенцираше дека синергијата помеѓу приватниот сектор и академската заедница носи придобивки за целото општество. Инвестициите во модерни образовни алатки без разлика од каде доаѓаат, не е само инвестирање во инфраструктура, туку и во иднината на младите генерации.
„Сите сме свесни дека ни се потребни подобрувања во високото образование, а со тоа и посериозни инвестиции пред сé во лабораториска опрема. Владата веќе работи на мапирање на научно-истражувачката инфраструктура на универзитетите, а потоа ќе следат инвестиции. Буџетот за наука оваа година е речиси двојно зголемен споредбено со лани и изнесува 680 милиони денари, а дел од овие средства ќе се искористат за јакнење на лабораториските ресурси“, додаде министерката.
Јаневска информираше дека во моментов се изработуваат две нови законски решенија за високото образование и за научно – истражувачката дејност. Како што рече, тие ќе поттикнат зголемена научно-истражувачка активност на наставниот кадар од високото образование, што пак, се очекува да овозможи подобра позиција на македонските универзитети на релевантните меѓународни ранг-листи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Сарај и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09:00 до 14:00 часот, дел од корисниците од село Буковиќ, горниот дел (општина Сарај);
во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците на улицата Струшка (општина Карпош).
Македонија
Апасиев: Следната недела ќе закажам посебна седница за трагедијата во „Пулс“
„Како претседател на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот во Собранието на РМ, следната недела планирам да ја закажам посебната комисиска седница на која ќе се разгледува добиената Претставка од „Здружението 16 Март“ на родителите од Кочани, на која ќе се расправа за изнесените наводи поврзани страшната трагедија во дискотеката „Пулс“. На седницата официјално ќе бидат поканети и претставници на подносителите“, напиша на социјалните мережи пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев.

За време на саботниот „Марш на ангелите“ во Скопје, семејствата на загинатите во „Пулс“ побараа пратениците да иницираат надзорна расправа и посебна анкетна комисија за целосно и независно испитување на случајот.
Македонија
Претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд
Претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни (над 30 l/m² за 24 часа), локално со услови за невреме со засилен ветер (над 60 km/h) и појава на ретки грмежи. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 13 до 18 степени.
Во Скопје, облачно со повремени врнежи од дожд, во делови од котлината повремено пообилни. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на серија влажни воздушни бранови до крајот на седмицата следува период на променливо облачно и релативно топло време со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни, локално со услови за невреме со засилен ветер (над 60 km/h) и ретки грмежи. Во текот на 24 часа се очекува да наврне поголема количина дожд (над 30 l/m2). Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец.

