Македонија
Бизнис-релации меѓу Македонија и Северна Рајна Вестфалија, потпишана заедничка декларација

Потпишана заедничка декларација за соработка меѓу владата на германската сојузна покраина Северна Рајна -Вестфалија и Северна Македонија. Според соопштението од владините служби, македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, и министерот за сојузни и европски, како и за меѓународни прашања на германската сојузна покраина Северна Рајна-Вестфалија, Штефан Холтхоф-Фертнер, чинот на потпишувањето го направиле по пат на видеоврска меѓу Скопје и Диселдорф, а на свечената церемонија присуствуваше и амбасадорката на Германија во Северна Македонија, Анке Холштајн.
„Овој заеднички документ ќе овозможи поголема економска соработка со Северна Рајна-Вестфалија, што ќе се одвива преку формирање кластери меѓу претпријатија, универзитети и истражувачки установи, а можеме да очекуваме и зголемување на соработката на стопанските комори, остварување бизнис-релации, што ќе претставува поголема можност и за германските инвеститори што доаѓаат од регионот на Вестфалија, како и нивна соработка со нашите бизниси. Ова е сериозен потенцијал за нашата економија“, истакна Османи.
Нагласувајќи ја важноста од заедничката декларација, Османи на церемонијата на потпишување посочи:
„Северна Рајна-Вестфалија со своите речиси 18 милиони жители е најмногубројна сојузна покраина, која обезбедува и 22 % од вкупниот домашен производ на Германија, каде што живее и работи значаен дел од нашата дијаспора во Германија. Оваа покраина, која претставува еден од најважните економски центри во рамките на ЕУ, е и седиште на многубројни индустриски и бизнис-капацитети, како што се, на пример: ‘Баер’, ‘Хенкел’, ‘Дојче телеком’, ‘Метро’, ‘Тисен круп’ и други што дејствуваат како на европско така и на глобално ниво“.
Главниот приоритет на декларацијата е поттикнување на соработката во областа на евроинтеграциите, што е од големо значење за сите наши реформски напори, стои во соопштението од кабинетот на министерот за надворешни работи.
.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Учениците од училиштата во близина на Трубарево една недела ќе следат настава онлајн, кажа Алиу

Министерот за здравство, Азир Алиу, изјави дека основните училишта што се наоѓаат во непосредна близина на местото на пожарот во Трубарево ќе преминат на онлајн настава во траење од една недела.
За точката ќе се дискутира на денешната владина седница.
Мерката е препорачана со цел заштита на учениците и наставниот кадар од можни здравствени ризици по горењето на електронски отпад и пластика, а се работи за најблиските четири училлишта во околината.
Алиу појасни дека во реално време се следи квалитетот на воздухот преку повеќе мерни станици и дека бројките засега не покажуваат потреба за дополнителни ограничувања, иако на терен се чувствува миризба од чадот.
Македонија
ИЈЗ: Нема радиоактивни отстапувања по пожарот во Трубарево, граѓаните да ги почитуваат препораките

По пожарот во Трубарево, каде што гореше складиште за електронски отпад, директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, изјави дека ова е ситуација со која државата за првпат се соочува и повика таа да не се политизира и да не се создава паника.
Андоновска нагласи дека сите институции работат во рамките на своите надлежности и се координираат меѓусебно. Таа истакна дека Институтот издал општи препораки во согласност со меѓународните стандарди и дека нивното почитување, особено од страна на ранливите групи, може да помогне да нема здравствени последици.
„Како Институт сме обврзани да вршиме мониторинг на радијацијата и располагаме со современа опрема. Имаме 12 мерни станици кои во секунда покажуваат дали има отстапувања. Во моментов нема никакви отстапувања што се однесува до радиоактивност во воздухот“, изјави Андоновска.
Таа додаде дека ќе се вршат проверки и на почвата и водата, како и на алтернативните извори на вода што ги користат граѓаните. Појасни дека мерењето на квалитетот на воздухот не е во рамки на ИЈЗ, туку тие се задолжени за радиоактивност во воздухот и физички и хемиски својства во почвата и водата, а во тој дел нема отстапувања.
Апелира граѓаните внимателно да ги следат веќе дадените препораки.
Македонија
На Клиника задржана жителка на Трубарево, лекарска помош побарале и директорот на ЦУК, војник и полицаец

Во моментот на Клиниката за токсикологија е хоспитализирана една жителка на Трубарево, која живее во непосредна близина на магацинот за електронски отпад каде избувна пожарот. Министерот за здравство, Азир Алиу, информира дека таа е задржана поради симптоми на вртоглавица и кашлица, но е надвор од животна опасност и се очекува наскоро да биде пуштена на домашно лекување.
Според Алиу, останатите три лица кои побарале лекарска помош – припадник на Армијата, директорот на Центарот за управување со кризи Мухамед Али и еден полициски службеник – веќе се пуштени на домашно лекување.
Министерот истакна дека Министерството за здравство уште вчера формирало кризен штаб кој ја следи состојбата, а Институтот за јавно здравје изготвил препораки кои и денеска остануваат во сила.
Алиу апелираше сите граѓани кои чувствуваат симптоми како вртоглавица или кашлица да побараат лекарска помош.