Македонија
Билатералните прашања да останат билатерални, а не пречка за ЕУ, рече австриската министерка, која е во посета на земјата
На покана на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес, во официјална посета на земјата престојува министерката за европски и меѓународни работи на Република Австрија, Беате Мајнл-Рајсингер. Ова е прва нејзина посета на Скопје по преземањето на функцијата на 3 март годинава.
Главен фокус на разговорите беше ставен на натамошното унапредување на билатералните односи и реафирмирањето на австриската поддршка за евроинтегративниот процес на државата. Заеднички беше констатирано дека односите меѓу двете земји се одлични – политички стабилни, економски силни и исполнети со заемна почит и доверба.
Особеен акцент беше ставен на економската соработка. Министерот Муцунски ја истакна улогата на Австрија како најголем странски инвеститор и нејзиниот значаен придонес за економскиот развој. Во таа насока ја потврди подготвеноста на Министерството и на Владата активно да придонесуваат кон зголемување на трговската размена, промоција на нови соработки и привлекување австриски инвестиции, особено во областите на инфраструктурата, туризмот и енергетиката.
„Односите меѓу нашите две земји се одлични – политички стабилни, економски силни и исполнети со доверба и заемна поддршка. Австрија е најголем странски инвеститор во нашата држава, што зборува за длабочината на економската соработка и за довербата во нашите институции. Особено ја цениме принципиелната и континуирана поддршка што Австрија ја дава на европската перспектива на нашата држава и на целиот регион. Како носител на групата земји пријатели на Западен Балкан, Австрија игра клучна улога во држењето на проширувањето високо на агендата на ЕУ“, истакна министерот Муцунски во обраќањето пред медиумите.
Значаен дел од разговорите беше посветен на евроинтегративниот процес, при што министерот Муцунски се заблагодари за континуираната и гласна поддршка од страна на Австрија. Соговорниците се согласија дека проширувањето на Европската Унија претставува геополитичка неопходност за безбедноста и стабилноста на континентот.
Министерката Мајнл-Рајсингер во рамките на заедничката прес-конференција истакна дека земјата е важен дел од Европа и дека Австрија силно ја поддржува нејзината европска перспектива.
„Гледаме колку е направено од ваша страна и колку отстапки сте направиле. Поминаа 20 години од почетокот на овој пат и сега сме должни билатералните прашања да останат билатерални, а не да стануваат пречка во процесот“, истакна таа.
На средбата oд страна на министерот Муцунски беше изразена благодарност за австриската помош и за солидарноста по трагичниот настан во Кочани кога повредените беа згрижени во болници во Виена и Грац – гест што уште еднаш ги потврдува пријателството и блискоста меѓу народите на двете земји.
Министрите разменија мислења и за актуелните меѓународни случувања, при што заеднички констатираа дека во време на глобални предизвици неопходна е силна координација меѓу партнерите. Потврдија дека двете држави стојат заедно на страната на мирот, почитта кон меѓународното јавно право и одбраната на основните демократски вредности.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно време, попладне дожд
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови за повремен локален дожд, информира УХМР.
Претпладне тивко, а попладне ќе дува слаб до умерен ветер во западните делови од западен, а во источните и долж Повардарието умерен повремено засилен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен утре кон крајот на денот кога ќе има услови за слаб локален дожд.
До петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието.
Од петок ветерот ќе го смени правецот во југоисточен. За време на викендот облачноста ќе се зголеми.
Македонија
Утре прекинато водоснабдување во делови од неколку скопски општини
Од ЈП Водовод и Канализација известуваaт дека утре ( вторник ) се планирани неколку интервенции и тоа:
· поради изведување на водоводен приклучок на ул.Борис Трајковски 212, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица (место викано Каменик). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Кисела Вода)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-150 мм на ул.Варшавска 4, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Варшавска и дел од бул.8-ми Септември. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Карпош)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на ул.Боца Иванова бб(за АБЦ Комерц),
прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Боца Иванова,Томе Пуре, Душко Поповиќ, Александар Бујнов, Бетовенова и дел од Петар Манџуков. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Бутел)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-80 мм на ул.20 –ти Октомври 44 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Центар)
Македонија
Јаневска: Со универзитетите го подготвивме и со конструктивна дебата ќе го завршиме Законот за високото образование
Министерството за образование и наука не е спротивставена страна на академската заедница, напротив во соработка со Универзитетите го започнавме и на ист начин ќе го завршиме Законот за високото образование, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска, пред почетокот на 4-тата јавна дебата, што денес се одржа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Министерката уште еднаш нагласи дека сè што работната група смета дека е прифатливо, ќе биде инкорпорирано во новата драфт верзија на Законот, која потоа повторно ќе биде поставена неколку дена на ЕНЕР.
– Последниве денови се изнаслушавме дезинформации и лаги дека се укинува вонредното студирање, дека државата не финансира објавување на научно-истражувачки трудови и други. Лагите и дезинформациите, претпоставувам, треба да бидат на штета на министерот или на партијата, но во суштина се на штета на државата и на младите луѓе кои живеат во неа и апелирам дека треба да се престане со тоа, затоа што сме отворени за секоја конструктивна критика. И сè што сметаме дека е во ред, ќе биде внесено во законот, додаде Јаневска.
За дебатата со приватните универзитети, министерката рече дека била конструктивна и дека се договориле речиси за сè.
– Јас сум многу среќна што приватните универзитети реагираа на високо ниво. Се договоривме со нив, кога ќе го завршуваме законот, дополнително уште еднаш ќе се видиме, за да провериме дали е сè во ред и ќе ја затвориме тогаш последната драфт верзија, рече Јаневска.
Прашана за можноста за бесплатно високо образование, Јаневска објасни дека сите категории студенти што треба да го имаат, веќе го имаат.
– Накусо, студентите кои се без родители, од самохрани и еднородителски семејства, со попреченост и сл., со овој закон се ослободени од партиципација. Студентите кои се од ранливи категории, со ниски примања, добиваат стипендии. Што значи 2 месеци од стипендијата што ја примаат 9 месеци, им ги покрива трошоците за студирање. Студентиве од истиве категории, кои се сместени во студентските домови, исто така се максимално повластени. Нашите студенти, само ако се запишат на универзитет, добиваат средства за студентски оброк, изјави Јаневска.

