Македонија
Билатерални средби на претседателот Иванов во рамки на 73. Генерално Собрание на ОН
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, вчера во Њујорк присуствуваше на отворањето на генералната дебата на 73. Генерално собрание на Обединетите Нации, кое годинава е на тема: „Да ги направиме Обединетите нации релевантни за сите луѓе: Глобално лидерство и заедничка одговорност за мирни, рамноправни и одржливи општества“.
Во рамки на учеството на Генералното Собрание на ОН, македонскиот претседател одржа и билатерални средби со јорданскиот крал Абдула Втори, со Владимир Воронков, заменик-генерален секретар на ОН задолжен за контра-тероризам и со надбискуп Пол Ричард Галагер, секретар за надворешни работи на Ватикан.
На средбата со јорданскиот крал Абдула Втори беа разменети мислења за севкупните билатералните односи меѓу Република Македонија и Кралството Јордан, при што беше заемно констатирано дека двете земји негуваат пријателски и партнерски односи, без отворени прашања.
Претседателот Иванов посочи на интересот на Република Македонија за натамошно унапредување на билатералните контакти со средби на повисоко ниво, како и потребата од реализирање почести контакти и размена на делегации од двете земји на различни нивоа.
На средбата претседателот Иванов истакна дека Република Македонија со внимание ги следи настаните во регионот и ги поддржува напорите за постигнување на траен мир на Блискиот Исток.
Двајцата соговорници разменија мислења и за внатрешно-политичките состојби и регионалните состојби и приоритети на двете земји.
Претседателот Иванов го истакна интересот на Република Македонија за унапредување на економската соработка и проширување на обемот на трговската размена во сите полиња, за што, како што беше посочено на средбата, е потребна институционална поддршка од двете страни за воспоставување контакти и размена на информации меѓу бизнис секторот. На средбата двајцата соговорници изразија подготвеност за натамошна соработка и поддршка на мултилатерален план.
На средбата со потсекретарот Воронков беа разменети мислења и информации за улогата на Македонија во борбата против меѓународниот тероризам, постојаните и директни закани од терористичките мрежи.
Претседателот Иванов на средбата го пренесе интересот на Република Македонија за учество на цивилен и воен персонал во телата на Обединетите Нации кои креираат политики за справување со глобалните закани.
Потсекретарот Воронков се заблагодари за учеството на Република Македонија за придонесот во сеопфатната стратегија за борба против тероризам и борба против насилен екстремизам потенцирајќи дека во нареден период ќе предложи соодветен пакет за институционално зајакнување на државите од Балканот и учество во проекти за поголема безбедност.
На средбата со надбискупот Галагер беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Светиот Престол и беше изразено задоволството од зголемената динамика на средби и посети на високо ниво.Двајцата соговорници разменија мислења за тековните иницијативи во насока на продлабочување на меѓусебната соработка.
Надбискупот Галагер го поздрави фактот дека, иако католичката заедница во Република Македонија е бројно мала, сепак е високо почитувана, оценувајќи го како потврда за македонскиот модел на меѓурелигиски соживот.
Истакнувајќи дека Република Македонија има длабока традиција на почитување на различните верски чувства, претседателот Иванов ја истакна конструктивната улога на Католичката црква како важен столб на меѓуетнички и меѓурелигиски соживот.
Претседателот Иванов изрази надеж дека Папата Франциск ќе ја прифати отворената поканата за посета на Република Македонија, што би било од огромно значење за унапредувањето на билатералните односи, за католичката заедница во Република Македонија и воопшто за сите христијански верници.
Претседателот Иванов е предвидено да се обрати на 73. Генерално Собрание на Обединетите Нации во четврток.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски од Кавадарци: Мобилизација и масовна излезност, колку повеќе гласаат, толку поголема ќе биде силата за промени
Во првиот круг издвојувавме огромна победа, која покажа дека народот е свесен за тоа што се случува во нашата татковина. Ова е револуција на народот, пред се затоа што преовладува чувството дека во сопствената земја народот стана кираџија. И тоа токму поради дуото СДСМ-ДУИ, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашниот митинг во Кавадарци.
Мицкоски посочи како ништо не функционира и како институциите не се во корист на граѓаните.
„Институциите повеќе не служат на народот. Се чека за пасоши, лични карти, за документи кои му следуваат на народот. Овој проблем го препуштија да го решава ВМРО-ДПМНЕ и Панче Тошковски, додека во секоја друга сфера има подеднакво назадување. Во здравството докторите и медицинскиот персонал протестираат. Доколку сакате било која здравствена услуга или ќе мора да платите или да побарате врски. Ако не е така ќе мора да чекате по ходници, ќе ве маткаат со процедури, додека не се откажете. Животниот стандард е под секое ниво. Корупција насекаде, правда никаде“, кажа Мицкоски.
Мицкоски укажа дека проблемот е што ДУИ е газдата во државата.
„Нашите, вашите судбини зависат од стотина души на ДУИ кои контролираат се. Артан Груби и компанијата се господари на Македонија, но и одговорни за колективниот грабеж. Велат дека ДУИ никогаш немал подобар партнер за власт како СДС. Што и да им побарале, не добивале сто проценти, туку дупло двеста. И затоа е и сега нервозата во ДУИ, зошто знаат по овие избори ниту ќе имаат власт, ниту пак ќе имаат измеќари како СДС“, изјави Мицкоски.
Мицкоски рече дека овие денови силно се ангажирани на две сценарија кои во суштина се завера против Македонија.
„Првото е сценарио на бојкот. Второто сценарио е пазарџиска делба со ДУИ на ресори и министерства, при што Ковачевски оставил на Ахмети сам да одреди колку министерства ќе му остави на СДСМ. И двете сценарија се губитнички за Македонија и удираат по нејзините основи“, кажа Мицкоски.
Мицкоски заклучи дека решението за сето ова е масовна излезност.
„Мобилизација и масовна излезност. Решението и за бојкотот и за пазарџиската поделба на ресори е само едно масовно гласање на избори. Колку повеќе гласаат, толку поголема ќе биде силата за промени“, рече Мицкоски.
Македонија
Битиќи: На 8-ми мај да се спротивставиме на политиките на поделби, за сплотена и силна Македонија
„Грешките во владеењето можеме да ги поправиме, но поделбите во општеството нема да ги залечиме доколку на 8-ми мај не се спротивставиме на политиките на раздорот, на национализмот, на сеењето страв. Социјалдемократскиот сојуз е единстваната обединувачка политичка партија за силна и сплотена Македонија – земја и европски дом во кој ќе има место за секого, независно од неговата етничка, религиозна, културна, политичка или социјална припадност“, порача на денешните средби со жителите на Топаана и Шуто Оризари, Фатмир Битиќи, потпретседател на СДСМ и ко-носител на листата на кандидати за пратеници на Коалицијата за европска иднина во Изборна единица 2.
Тој кажа дека резултатите од првиот круг на претседателските избори не треба да се прифатат со малодушност ниту пак да се обесхрабрувачки, туку треба да се перцепираат како предизвик кој во себе носи можност за сплотување на сите прогресивни сили во државата за двојните избори на 8-ми мај.
„Со нашата предизборна програма нудиме повеќе од економски раст и развој, повеќе од повисоки плати и пензии, многу повеќе од европски животен стандард, ние нудиме иднина во која секој граѓанин ќе биде прифатен, почитуван, градиме земја во која ќе владее дијалогот, меѓусебното разбирање, а не раздорот. Затоа на 8-ми мај, победата на СДСМ и коалицијата ќе значи пораз на стравот од различностите, на поделбите. Ќе зачекориме кон заедничка и споделена европска иднина“, порача Битиќи.
Зборувајќи за концептот на едно општество за сите, како суштинска политичка вредност на СДСМ, тој ја нагласи потребата граѓаните да го отфрлат национализмот како свој политички избор, затоа што тој е наметнат избор.
„Ве повикувам заеднички да го отфрлиме национализмот кој е надвиснат над Македонија, да кажеме НЕ на ксенофобијата, да се ослободиме од стравовите и да го прифатиме единството, единството во различностите бидејќи таму лежи нашата сила. Верувам во вас, во граѓаните, верувам дека тоа ќе го препознаете, дека ќе ги отфрлите политиките кои ви се наметнуваат од елити кои немаат што да ви понудат освен да ве туркаат кон минатото и поделбите“, рече Битиќи и додаде дека Македонија не е само ВМРО-ДПМНЕ, Македонија е многу повеќе, таа е на сите, на Македонци, Албанци, Срби, Турци, Роми, Бошњаци, Власи.
„Нашата сакана земја е на сите нас кои се бориме за европска држава, а кои сме повеќе, многу повеќе од тие што се прикажуваат како победници во првиот круг на претседателските избори. Затоа нема откажување, заеднички, едни покрај други, рамо до рамо, сите различни, продолжуваме и победуваме на 8-ми мај“, порача Битиќи.
Македонија
Ковачевски: Не се откажуваме, заедно со граѓаните ќе обезбедиме сигурна и просперитетна европска Македонија
„СДСМ е единствената политичка сила која има моќ, знаење, упорност и посветеност да ја внесе државата во ЕУ, затоа не се откажуваме и знаеме дека граѓаните ќе нè поддржат на 8-ми мај за заедно да обезбедиме сигурна и просперитетна иднина за државата“, порача претседателот на СДСМ и носител во ИЕ 1, Димитар Ковачевски, на вечерашниот митинг во општина Центар.
На политичките противници им испрати порака да не гаат илузии дека СДСМ лесно ќе се откаже од борбата за парламентарните и вториот круг од претседателските избори. Ковачевски порача дека историјата и традицијата на СДСМ, но одлучност за европска иднина на Македонија се најдобар доказ дека ние никогаш не се откажуваме, рече Ковачевски.
„СДСМ е партија која е единствен наследник на НОБ. СДСМ е партија која е изградена на основите на крушевскиот манифест на АСНОМ, на победата над фашизмот. СДСМ е партија која ја внесе Македонија во ОН, на чело со Киро Глигоров. Оваа партија е фундаментот на независна Република Македонија.Оваа партија, заедно со вас граѓаните, успеа да сруши режим и да ја ослободи државата после 11 години изолација и злоупотреби од ВМРО – ДПМНЕ.Никогаш нема да се откажеме од нашите социјал-демократски вредности“, рече Ковачевски.
Ковачевски потенцираше дека тој и другите членови на раководството на СДСМ ја разбираат и прифаќаат пораката на граѓаните од гласањето во средата. Сепак, порача дека конечниот изборен резултат сè уште не е одлучен.
„Изборите на 8-ми мај ќе бидат тешки. Ние сме ја имале вашата поддршка особно во Центар, кога било најтешко. Кога режимот на Груевски, менторот на Мицкоски, носеше луѓе од Пустец, гаснеше струја, расипуваше лифтови, заплашуваше само за да не дозволат СДСМ да ја добие локалната власт во Центар. Но, не успеаја. Затоа што и тогаш заедно со коалиционите партнери тука присутни денес сите, покажавте истрајност и покажавте упорност и непоколебливост. Затоа, ве повикувам, пред да гласате на 8-ми мај, убаво да размислите кој го заслужува вашиот глас, бидејќи тоа е највредниот демократски инструмент во рацете на граѓаните“, рече Ковачевски.
Ковачевски најави дека во СДСМ постои цврсто единство и сите се обединети околу целта Македонија да стане членка на ЕУ затоа што тоа ќе обезбеди повисок животен стандард, поефикасна борба против криминалот и корупцијата, подобро образование и здравство.