Македонија
Биркл: УСАИД продолжува со поддршката во Македонија
Претседателот на Владата, Зоран Заев, денеска ги прими во посета во својот кабинет амбасадорот на Соединетите Американски Држави, Џес Бејли, и новоименуваната вршителка на должноста претставник на Канцеларијата на УСАИД во Република Македонија, Гречен Биркл, која истовремено е и заменик на помошник-администраторот за Европа и Евроазија на оваа агенција.
Премиерот Заев ѝ посака добредојде и успешен мандат на Гречен Биркл како вршителка на должноста претставник на Канцеларијата на УСАИД во Република Македонија и истакна дека е убеден оти и во наредниот период, како и досега, УСАИД ќе го потврдува и негува длабокото и долготрајно партнерство меѓу народите на нашата земја и на САД.
Тој потенцира дека повеќе од 25 години УСАИД дава голема поддршка почнувајќи од првите проекти на Агенцијата за поддршка на локалните земјоделци и градење нови демократски институции и учествуваше во речиси секој аспект на македонската економија и општество.
„Во соработка со граѓанските организации, приватниот сектор и Владата, УСАИД помогна во зајакнувањето на демократските процеси, институциите и граѓанското општество и ѝ помогна на Република Македонија да ги изгради своите капацитети соодветно на потребите на едно модерно општество“, нагласи Заев и додаде дека оваа средба се остварува на ден кога сојузниците на НАТО го потпишуваат протоколот за пристапување во алијансата, што претставува нова реалност и нови перспективи за земјата што набргу сите ќе ја препознаваат како Република Северна Македонија.
Биркл истакна дека е навистина привилегија да се сретне со премиерот на овој важен ден за Република Македонија и додаде дека УСАИД ја продолжува поддршката за земјата со нова стратегија и програми. Таа најави организирање координациска активност на донаторите за која побара учеството на Владата да биде фокусирано на испорака на најважните приоритети на земјата за да се добијат максимални ефекти од донаторските програми на УСАИД и на другите агенции и земји донатори, при што нагласи дека од интерес на агенцијата што ја претставува е развивање и поддршка на проектите со јавно-приватно партнерство како концепт што ги обединува интересите на граѓаните и нивните заедници со интересите на јавните институции и приватниот бизнис.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

