Македонија
Битиќи: Буџетот е за комфор на власта, има петпати повеќе пари за мебел, а нема за граѓаните
Предлог-буџетот за 2025 година не е план за економски развој, туку план за комфор на елитата на власта, има повеќе пари за мебел и возила, а нема за граѓаните, за здравјето, за образованието, за стандардот. Наместо конкретни мерки за поддршка и финансиска помош за компаниите, имаме уште еден „лабораториски“ буџет без амбиција, а оваа власт продолжува да чекори во погрешен економски правец, рече пратеникот СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната Комисија за финансирање на буџетот.
– Во ситуација кога граѓаните едвај го покриваат крајот на месецот, кога чекаат со часови за здравствена нега, Владата одлучува дека „приоритет“ за наредната година ќе и биде и – купувањето на мебел. Додека болниците се распаѓаат, а училиштата имаат потреба од основни ресурси, оваа власт предвидува да потроши неверојатни 106.970.000 денари за нов мебел, што е речиси петпати повеќе од тоа што е потрошено годинава. Се поставува прашањето – за кого е овој мебел? За новите партиски административци кои се оддалечени од реалните потреби на граѓаните? Ова не е буџет за граѓаните, ова е буџет за комфорната зона на партиската бирократија! И не се застанува овде. Кога ќе видиме колку се планира да се потроши за нови возила, јасно е дека фокусот на Владата е удобноста на нејзините функционери. Со нови задолжувања се предвидуваат дополнителни 10 милиони денари, и уште милиони од донации за луксузни возила. Вкупно, над 7,5 милиони евра се предвидени за нови возила. Ова значи повеќе возила и мебел за владините функционери, а помалку пари за здравјето, образованието и квалитетот на живот на граѓаните“, рече Битиќи.
Наместо да се насочи кон создавање на одржливи можности за бизнисот, кој е основа на нашата економија, Владата одлучи да го затвори фискалниот простор што би можел да го поддржи приватниот сектор во времиња на економски предизвици.
Битиќи потенцираше дека доколку овој предлог буџет ја добие поддршката од мнозинството пратеници, тогаш тоа е одлука со која земјата ќе се запечати како единствена од регионот која е фискално неконсолидирана со дефицит над 3% од БДП. Оваа Влада нема намера за финансиска консолидација, па место тоа, го затвора фискалниот простор.
– Во овој буџет нема план за зголемување на продуктивноста и конкурентноста на македонската индустрија, нема предвидени средства за технолошка модернизација и иновации. Ова не е буџет кој поддржува напредок, ова е буџет кој го стагнира македонското стопанство и ни го одзема правото на економски раст и развој. Недомаќинското однесување уште повеќе загрижува што се случува во услови на високо ниво на јавниот долг кој ќе ја надмине границата од историски највисоко ниво на јавен долг од 70,8%., рече Битиќи.
Во однос на оптимистички планираниот раст на БДП од 3,7%, имаме неусогласеност со реалните економски текови, за кои, на пример Светската банка оценува дека ќе резултираат со раст од 2,5%, а Народната банка очекува 3,3% раст на БДП.
-Ова значи дека ќе имаме отстапување од она што Владата го скицирале како економски резултат кој треба да го испорача предлог буџетот. Имавме еден предизборно „надуван балон“, кој брзо ќе пукне и ќе остави само долгови и разочарувања. Ова е буџет без амбиција да создаде одржлива додадена вредност за македонската економија и загрижувачкото зголемување на буџетскиот дефицит до 4% од БДП, што Владата го избра како пат, неводејќи грижа дека со оваа буџетска дупка од 672,3 милиони евра ќе се создава товар кој ќе го сносат идните генерации, рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.

