Македонија
Битиќи: Инклузивноста и консензусот во Националната развојна стратегија се темел за долгорочниот развој и стабилност
„Националната развојна стратегија(НРС) отвора пат кон долгорочен развој, стабилност и просперитет за сите наши граѓани и граѓанки. Нејзиното усвојување е повеќе од обична политичка одлука – тоа е пресвртна точка, момент кој бара зрелост, одговорност и најважно, консензус“, рече пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи на денешната 17-та седница на Собранието на Република Северна Македонија, на која, меѓу другото, се расправаше за Националната развојна стратегија 2024-2044 година.
Битиќи потсети дека пред неполни четири години, како вицепремиер за економски прашања, со голема одговорност и посветеност го започна процесот на креирање на НРС.
„Во тој момент, со јасна визија дека нашата држава мора да има долгорочен и стабилен план за развој, формиравме тим од стручњаци, консултиравме експерти од различни области, но најважно, го отворивме процесот за пошироката јавност, вклучувајќи го гласот на илјадници сограѓани граѓани. Над 14.000 граѓани од различни сегменти на нашето општество, од академската заедница, граѓанскиот сектор, бизнис заедницата и сите политички партии, придонесоа во неговото создавање. Тоа значи дека ова не е само стратегија на една влада или една партија. Ова е стратегија од сите нас за сите нас“, рече пратеникот од СДСМ, Битиќи.
Тој потсети дека за време на власта на СДСМ е поставен темелот за овој документ кој, со тек на времето, прерасна во најважната стратешка рамка за иднината на нашата држава.
„Денес, со огромна радост и чувство на исполнетост, како пратеник го дочекав финализирањето на стратегијата. Овој документ одразувајќи ги колективните аспирации успеа да ги обедини различните гласови и интереси. Сега, како претставник на граѓаните и граѓанките, со уште поголема увереност можам да кажам дека ова е патот кој ќе ја води нашата земја кон долгорочен и одржлив развој. Консензусот што го бараме денес не е само политички чин. Тој е израз на нашата посветеност кон демократските вредности. Со оваа стратегија покажуваме дека ги цениме различните мислења и сме подготвени да ги интегрираме во еден заеднички план. Ние, како пратеници, имаме обврска да го претставуваме гласот на граѓаните и граѓанките, кои преку процесот на создавање на НРС јасно ни порачаа што очекуваат од нас: очекуваат консензус, очекуваат соработка и очекуваат визија која ќе ги надмине тековните политички битки и поделби“, рече Битиќи.
Во своето обраќање во Собранието, пратеникот Битиќи појасни дека консензуалното усвојување на НРС ќе има и долгорочни политички импликации, затоа што ова не е само стратегија која ќе помогне да се решат економските предизвици.
„Ова е стратегија која ќе ја засили довербата во нашиот политички систем. Со тоа што сите политички партии учествуваа во нејзиното создавање, ние покажавме дека сме способни за компромис и соработка. А компромисот не е слабост – напротив, тоа е израз на политичка зрелост и одговорност“, рече Битиќи и дополни дека пратениците имаат можност да покажат дека за прашања кои се од суштинско значење за иднината на државата, може да работат заедно и даги надминат партиските интереси и да се усвои документ кој ќе биде од корист за сите.
Битиќи истакна дека една од важните лекции што треба да се научи од процесот на создавање на НРС, е дека инклузивноста не е само средство за постигнување на цели.
„Инклузивноста е основен принцип на демократскиот систем, кој гарантира дека секој глас е слушнат и секој интерес е земен предвид. Ова не треба да се ограничи само на институциите – оваа вредност треба да се преслика и во нашите политички партии, во нашиот секојдневен живот“, порача од собраниската говорница Фатмир Битиќи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.
Македонија
Муцунски: Стоиме зад нашите американски сојузници
Ние стоиме зад нашите американски сојузници во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Соединетите Американски Држави јасно ставија до знаење дека дипломатијата е секогаш првата опција – но одвраќањето останува од суштинско значење кога постојат веродостојни ризици. Безбедноста, стабилноста и одговорноста одат рака под рака, се наведува во објавата на Муцунски на платформата „Х“.

-Во исто време, нашите амбасади и конзуларни тимови низ целиот регион се активно вклучени и работат на поддршка и помош на нашите граѓани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и обезбедувајќи ја целата потребна конзуларна помош, се додава во објавата на налогот на министерот Муцунски на социјалната платформа „Х“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека САД започнале напади врз Иран во осумминутно видео објавено на неговиот профил на „Truth Social“. Во видеото, Трамп потврди дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран. Тој исто така вели дека целта на кампањата е да се „заштити американскиот народ“ и да се елиминираат непосредните закани што ги претставува иранскиот режим, кој го нарече „злобна група многу ужасни луѓе“.

