Македонија
Битиќи и кандидатите од ИЕ2: Со повисоки плати правично го вреднуваме трудот на работниците
„На овој Ден на трудот, но и во останатите 364 дена во годината ние сме рамо до рамо со вас. Вреднувањето на работникот е главен постулат на социјалдемократските вредности за кои и се боревме овие седум години. Достоинствен живот за секој работник и работничка во нашата Македонија“, вели во видео обраќањето Фатмир Битиќи, потпретседател на СДСМ и ко-носител на листата на кандидати за пратеници на Коалицијата за европска иднина во Изборна единица 2, по повод 1-ви мај – Денот на трудот.
Во празничното обраќање Битиќи заедно со дел од кандидатите и кандидатки за пратеници на Коалицијата за европска иднина во ИЕ2 (Марко Михаиловски, Анета Здравковска, Билјана Муиќ) кажуваат дека обезбедено е трудот не само да се цени, туку и правично да биде награден.
„Заеднички ја браневме нашата заедничка социјална кауза. Како Влада дадовме приоритет на растот на платите во сите сектори подеднакво, затоа што тоа е најважно за поттикнување на правичен социо-економски развој. Успеавме просечната плата двојно да ја зголемиме од 2016 година на речиси 40.000 денари“, кажуваат кандидатите, притоа потсетувајќи дека минималната плата од 10.000 денари во 2016 година, во март 2024 година изнесува 22.500 денари, што е зголемување од 125 проценти.
„Ние се погриживме животниот стандард да остане не само недопрен, туку и подобрен во услови на инфлација“, велат кандидатите и кандидатките и нагласуваат дека овој раст не е случаен, туку дека тоа е резултат на намерна политика насочена кон подигнување и заштита на животниот стандард на работниците и работничките, политика на системски решенија.
„Нашата посветеност на социјалдемократијата обезбеди растот на платите да е изолиран од партиски интереси. Трудот никогаш повеќе нема да биде пион во политичките игри, а ние цврсто стоиме да ги заштитиме правата на сите работници и работнички без оглед на етничка, религиска или партиска определба. Честит нека е денот на трудот“, вели Битиќи заедно со дел од кандидатите и кандидатки за пратеници на Коалицијата за европска иднина во ИЕ2.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одземен имунитетот на судијата Наќе Георгиев – обвинителството отвори истрага против две лица
Обвинителството објави детали за случајот со апсењето на врховниот судија, Наке Георгиев.
„По претходна пријава од син на обвинет во предмет што се води во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, вчера во попладневните часови МВР реализираше акција во која од слобода е лишен активен врховен судија. Врз основа на доставеното Известување од МВР, БЈБ, Оддел за криминалистичка полиција, Сектор за економски криминал и корупција, предметен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело Примање награда за противзаконито влијание од член 359 од Кривичниот законик.
Според сознанијата добиени од пријавителот, првоосомничениот користејќи ја својата службена положба и претпоставено влијание лажно ветувал погодности за обвинет (татко на пријавителот) во друга постапка што се води пред Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, и лажно прикажале дека ќе извршат влијание заедно со второосомничениот.
Предметниот обвинител, вчера вечер покрај предлозите за претрес на повеќе локации, ценејќи дека се исполнети условите до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за определување на мерката притвор за првоосомничениот. Со оглед на тоа што станува збор за судија во највисокиот суд во државата – Врховниот суд кој ужива имунитет, а кој е фатен in flagranti во извршување на кривичното дело, предлогот преку Основниот кривичен суд е доставен на одлучување до Судскиот совет на РСМ кој во текот на ноќта му го одзеде имунитетот, по што денеска Основниот кривичен суд Скопје ќе одлучува за предложената мерка.
Прибраните докази и извршените претреси до овој момент даваат законски основ на предметниот јавен обвинител да предложи притвор само за првоосомничениот кој е затекнат при извршување на кривичното дело“, велат од Обвинителството.
Во однос второосомничениот, како што информираат од Обвинителството, до овој момент доказите не даваат основи за да се предложи најстрога мерка за обезбедување. Истрагата продолжува до целосна проверка на сите околности и наводи.
Синоќа по наредба на судија на претходна постапка извршен е претрес во домот на членот на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети во Тетово и претрес во службените простории на Советот на јавни обвинители.
Македонија
МВР утврди неправилности: забавниот парк со панорамско тркало во Карпош ќе биде отстранет
Постапувајќи по допрен глас дека во Скопје, на подрачјето на Општина Карпош, поточно пред спортскиот центар Борис Трајковски без соодветни документи и потребни дозволи се поставени реквизити за забавен парк меѓу кои и панорамско тркало, полицијата излезе на лице место и презема конкретни соодветни мерки и активности од делокругот на својата надлежност и овластувања.
„Од страна на инспекциските служби поведена е постапка за констатираните неправилности, по што ке бидат преземени конкретни мерки во насока на отстранување на истите, престанување со вршење на активноста, како и дислоцирање на реквизитите“, информираа од МВР.
За случајот, викендов алармираше Град Скопје, од кадешто беше истакнато дека фирмата „Дизниленд реквизити“ од Чаир регистрирана пред само еден месец, без соодветни документи и дозволи, без потребна документација која гарантира безбедност, монтира панорамско тркало и останати реквизити во Карпош пред Борис Трајковски.
„Град Скопје, во рамки на своите надлежности изврши надзор, превзема мерки и го казни правното лице, но тој сепак насилно продожува да работи. Ги повикуваме надлежните институции и апелирам да постапат во најкус можен рок, бидејќи се доведува во прашање безбедноста на децата и на сите останати посетители поради практицирањето на ваквото самоволие“, повикаа од Градот.
Македонија
Претрес и кај Иџет Мемети во случајот со барањето поткуп
Синоќа по наредба на судија на претходна постапка извршен е претрес во домот на членот на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети во Тетово и претрес во службените простории на Советот на јавни обвинители.
Претресот е поради сомнеж дека Мемети заедно со врховниот судија, Наке Горгиев, имал влијание злоупотребувајќи ја позицијата член на Советот на јавни обвинители во случајот барање на мито за олеснителни околности.
Мемети е и поранешен министер за правда, уставен судија, државен советник во Владата и член на Државната изборна комисија.
Судијата Наке Георгиев вчера беше приведен, откако бил фатен со мито.