Македонија
Битиќи и Шукова во Велес: Социјалните станови се повеќе од градба, тие се дом за оние на кои најмногу им треба
Домувањето за многу поединци и семејства може да биде тешко или отежнато достапно и затоа на 29 социјално ранливи семејства од Велес, лица без родители и лица со посебни потреби, им градиме реална можност да добијат свој дом.
Ова го изјави заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, кој заедно со Министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова го посетија Велес каде извршија обиколка на социјалната зграда која се изгради во овој град, и избршија увид на рехабилитацијата на регионалниот пат Катланово-Велес.
Во неговата изјава за медиумите, вицепремиерот Битиќи рече дека со овие станови, социјално ранливите категории на граѓани и граѓанки ќе постигнат своја независност, стабилност и ќе изградат чувство на припадност на заедницата.
„Затоа денес сме овде во Велес, каде направиме обиколка на оваа пет катна социјална зграда, за да покажеме дека водиме грижа и создаваме можности за оние на кои им е најпотребно. На 29 социјално ранливи граѓани и граѓанки, лица без родители и лица со посебни потреби, како и за оние со ниски плати им градиме реална можност да добијат свој дом, дом за себе, за своите семејства, за своите деца. Изградбата на 29-те стана е завршена, се очекува наскоро и распределбата да биде извршена. Животниот простор во овие ново изградени домови се движи во квадратура од 30,40 и 50 метри квадратни“, изјави Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи додаде дека од 2017 година до денес, изградени и во фаза на изградба се 864 социјални станови.
„Владата покажува солидарност и создава можност за исто толкав број на социјално загрозени граѓани и граѓанки насекаде низ државата да дојдат до свој дом. Никој не треба да биде изоставен, на никого не треба да му биде скратено правото на дом, ниту на тие кои имаат потреба во Македонски Брод, ниту на нашите сограѓани во Бутел“, изјави Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи во изјавата за медиуми посочи дека Владата има создадено цврста мрежа од социјални станови низ целата држава, во Струмица, Пробиштип, Виница, Свети Николе, Гостивар, а во септември годинава дел од клучевите од социјалните становите ги поделивме на наши сограѓани и сограѓанки во Демир Капија, Гевгелија, додека за Неготино, распределбата на становите е во финална фаза и се очекува конечната листа, а се гради и во Кочани како и во Сарај и Дебар.
„Владата преку изградбата на социјалните станови нуди реално решение на несигурноста во домувањето, стабилно живеалиште за сите оние кои се наоѓаат во економски или социјални потешкотии. Со развојот и реализацијата на овој тип на инфраструктурни проекти градиме инклузивно општество во кое секое лице и покрај економските и социјалните предизвици, ќе може да напредува и да го негува својот живот. Остануваме посветени и неуморни, секој граѓанин и граѓанка, без оглед на својот социо-економски статус да го оствари своето основно човеково право, правото на безбедно и достоинствено домување“, изјави Битиќи.
Министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, во нејзината изјава осврна на рехабилитацијата на регионалниот пат Катланово-Велес.
„Рехабилитацијата на регионалниот пат Катланово-Велес и поврзувањето на Велес со Велешкото Езеро ќе придонесе кон економскиот локален развој, подобри услови за патување и поголем број на туристи. Ова исто така, значи и врзување на два важни сегменти – подобар и безбеден транспорт, но и подобри услови за управување со отпадот. Со обезбедување проток на транспортните возила за отпад, ќе се овозможи функционирањето на регионалните системи и одржливото управање со отпадот“, рече Шукова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.

