Македонија
Битиќи не коментира за запаленото возило на Груби, но вели ОЈО и антикорупциската го разгледуваат случајот
Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, денес не сакаше да го коментира запаленото возило, кое се поврзува со министерот за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби. По посетата на компанијата „Сеавус“, тој рече дека случајот го разгледуваат надлежните институции.
„Основното јавно обвинителство и Државната комисија за спречување корупција го разгледуваат овој случај. Искрено, тие би требало да се изјаснат. Јас не сум дел ниту од Основното јавно обвинителство ниту дел од Државната комсија за спречување корупција“, вели вицепремиерот Битиќи.
На прашањето дали запаленото возило му било подарок на Груби од сопственик на хотел на Попова Шапка, Битиќи рече дека може да зборува само за она што тој го има пријавено во анкетниот лист.
„Јас не можам да реферирам за однесувањето на другите колеги“, рече вицепремиерот Битиќи.
Во саботата, кусо по полноќ, беше запален автомобил пред зградата во која живее министерот Груби. Тој на социјалните мрежи во на сите соседи им се извини за непријатностите на кои биле изложени, а континуираните закани и последователните напади напиша дека ги смета за кукавички и подмолни. Им се извини и на пријателот и на неговото семејство за направената штета со палењето на автомобилот укажувајќи дека изгорениот автомобил не е негов, туку на негов сосед.
Поддршка доби од своите сопартијци. Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, беше „револтиран од веста за одвратниот чин – палење на возилото на вицепремиерот Груби“, а за Крешник Бектеши, палењето на автомобилот е „неприфатлива постапка, која го нарушува имиџот на државата и создава неизвесност кај граѓаните“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

