Македонија
Битиќи: Охридскиот договор обезбеди еднакви права за секој граѓанин
Активностите за одбележување на 20-годишнината од Охридскиот рамковен договор продолжија денеска со панел-дискусија „Фискална децентрализација“ во општина Чаир, која е еден од столбовите на Охридскиот договор.
Учесниците на панел-дискусијата, вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, министерот за финансии, Фатмир Бесими, министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, и градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, заеднички го истакнаа постигнатиот напредокот во Чаир и во сите други општини во служба на квалитетот на животот на граѓаните нагласувајќи како заеднички предизвик на „По Охрид“ зајакнувањето на локалните капацитети за поголема оперативна ефикасност и унапредување на процесот на децентрализација како еден од столбовите на Охридскиот договор.
„Потеклото на Охридскиот договор беше и требаше да биде за овие три работи, како да им се обезбеди на секој граѓанин еднакви права, слобода во многу широк аспект и тука лесно можеме да го кажеме со четирите слободи на Европската Унија и четвртата како да создадете подостоинствен живот. 2021 година е последен момент да се зборува за тоа дали можеме да постигнеме целосна фискална децентрализација за општините, но кои се максималните граници што можеме да ги достигнеме денес за да овозможиме во следните 20 години несогласувања и нееднаквости меѓу општините, но и разликите на животот меѓу граѓаните што живеат во тие региони да бидат што помали. Суштината на децентрализацијата е независноста во работењето на општините, подобри услуги за граѓаните и уште поголемо задоволство на граѓаните од услугите што ги добиваат од општината“, изјави вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.
Министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, ги елаборира мерките што ги презема Владата за унапредување на институционалната и фискалната децентрализација нагласувајќи ги мерките дефинирани во Програмата за одржлив развој.
„Денеска дискутираме за децентрализацијата и можам да оценам дека ова е една област, која e една од најуспешно имплементираните со Охридскиот рамковен договор. Договорот значеше крај на конфликтот, сериозна заложба за мир, стабилност, правичност и благосостојба за сите граѓани преку поголема демократија во општеството и децентрализирано владеење и рамномерен регионален развој“, рече министерот Милевски.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими, во својот говор го претстави планот на Владата за унапредување на процесот на децентрализација.
„Општините во овој период ја видоа потребата не само да имаат повеќе финансии, финансиски капацитети, туку и да имаат поголема финансиска автономија. Карактеристично за овој период е што трансферите доминираат во структурата на буџетот на општините и во периодот што доаѓа со напредокот на фискалната децентрализација гледаме некои аспекти на понатамошна децентрализација, главно во 3 столба, зголемување на финансискиот или фискалниот капацитет, зголемувањето финансиска дисциплина и зголемување на транспарентноста во управувањето соопштинските финансии“, изјави Бесими.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

