Македонија
Битиќи: Соживотот и солидарноста се основи на прогресот на нашето општество
„СДСМ од секогаш била предводник на визионерство, државништво и прогресивност, секогаш со поглед кон иднината, со нагласено политичко чувство за потреба од добрососедски односи, за интеграција во ЕУ, но пред сѐ за градење на хармонични односи меѓу различните заедници во земјава. Од оваа наша мисија не се откажувам, по 8-ми мај продолжуваме, на тоа нѐ обврзуваат нашите социјалдемократски вредности“, порачува Фатмир Битиќи, потпретседател на СДСМ и ко-носител на листата на кандидати за пратеници на Коалицијата за европска иднина во Изборна единица 2.
Битиќи истакнува дека патот кон е ЕУ е тежок, тој бара многу промени кај нас и тоа треба да биде мотивација за претстојните парламентарни и претседателски избори да се заокружи бројот 1.
„Наша цел е европските стандарди и вредности да ги донесеме овде, да им овозможиме на граѓаните подобар квалитет на живот“, вели Битиќи.
Тој посочува дека таа промена може лесно да се направи со прифаќање на социјалдемократските вредности кои, како што вели Битиќи, се многу блиски и на христијанството и на исламот.
„Во пресрет на големиот христијански празник Велигден, сакам да потсетам дека социјалдемократијата има многу заедничко со религиите. Социјалдемократијата не’ подучува на сочувство кон ранливите, кон маргинализираните, да се стремиме кон праведно општество, каде што секој, независно од неговата различност, ќе има пристап до образование, вработување и достоинствен живот. Нема нешто поблагородно од пораката да се однесуваме кон сите со праведност и љубов“, вели Битиќи и апелира во пресрет на двојните избори на 8-ми мај да се препознае моќта на заедништвото и да не се дозволи национализмот да го разедини општеството.
„По 8-ми мај, да продолжиме да бидеме заедно, да ги споделуваме потешкотиите, но и радостите во животот. Цврсто да ја држиме заедничката визија за европска Македонија, во која никој нема да биде изоставен, исклучен или исфрлен“, вели Битиќи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес во 18 часот состанок на Советот за безбедност поради случувањата на Блискиот Исток
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за денеска закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18:00 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Членови на Советот за безбедност се: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Македонија
Од денеска побезбедни онлајн купувања со платежни картички
Од денеска стапува во сила законската обврска за засилена автентикација при онлајн-плаќања со платежни картички. Наместо досегашната потврда со СМС-код, корисниците на платежни картички ќе добиваат известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобрат трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање лице. Без оваа потврда плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Целта е да се обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при плаќањата без физичко присуство.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежните услуги и платните системи. Таа се воведува постепено во земјата и веќе е во примена при извршување онлајн-увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршување плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство.
Македонија
Од денеска до 5 март пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 март 2026.
Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, како и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата.
-Студентите што ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, се наведува во објавата на МОН каде што се наведени и условите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк и контакти за поддршка при аплицирањето.
Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови.

