Македонија
Битиќи – Фајон: Силниот регион е додадена вредност на патот кон ЕУ-интеграцијата
Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денеска оствари средба со заменичката на претседателот на Владата и министерка за надворешни работи на Република Словенија, Тања Фајон, која престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.
Разговорот помеѓу двајцата потпретседатели беше насочен кон пристапните преговори со Европската Унија на Северна Македонија за кои министерката Фајон на самиот почеток на состанокот ги поздрави и изрази поддршка, како и кон моментната енергетска криза и справувањето со неа.
Вицепремиерот Битиќи се заблагодари за целата поддршка што Словенија, но и министерката Фајон, ја дава за нашата земја на нашиот пат кон ЕУ-интеграцијата.
Двајцата потпретседатели зборуваа за развојот на регионалната соработка преку инвестиции и зголемување на конкурентноста. Вицепремиерот Битиќи ја потврди важноста на словенечките компании кои инвестираат во нашата земја и кои носат додадена вредност на нашата економија.
Министерката Фајон ги потврди добрата соработка и пријателството што двете земји традиционално ги имаат и ги развиваат, што се потврдува со веќе 30-годишнината од воспоставувањето билатерални односи помеѓу двете земји.
Министерката ја потврди и заложбата на Европската комисија за поддршка на земјите од Западен Балкан за излез од енергетската криза, со позитивен став дека Комисијата ќе донесе позитивна одлука за финансиска поддршка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Затоа за граѓаните на Македонија нема покачување на платите, не работат „приватно“ како Мицкоски, велат од СДСМ
„ВМРО го вработилo, па така во „приватниот бизнис“ Христијан Мицкоски бил директор на ЕЛЕМ, па советник на Груевски, па еве сега конечно се самовработи во приватниот бизнис – како премиер“, велат од СДСМ.
„Од таа позиција си купува луксузни авионски карти па дури сака и авион, со пари на граѓаните. Приватно гради хидроцентрали, приватно продава струја, туристички патува во Давос.
Луксузот го учел од најлуксузниот, Груевски, кој со пари на граѓаните купуваше мерцедес од 600 илјади евра и очила од 60 илјади евра. Приватно.
Убаво си вели ВМРО – сè е приватно. Приватни пријателства, ортаци за тендери. Сè е приватно. Позната одлика на десничарите – заштита на крупниот капитал. Приватен бизнис и часовници од 150 минимлани плати.
Затоа за граѓаните на Македонија нема покачување на платите, не работат „приватно“ како него. Увезуваат и „економски работници“. Сè е тоа бизнис. Приватно. За пари“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
„Обвинителството да не молчи, Заев и Филипче ги злоупотребиле државните институции за насилно преземање на болницата Жан Митрев“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„Сведоштвото на Жан Митрев јасно покажува дека Заев и Филипче брутално ги злоупотребиле институциите. Заев и Филипче смислиле план и со помош на злоупотреба на државните институции, закани и притисоци се обиделе да ја преземат болницата Жан Митрев“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Заев како премиер и Филипче како министер за здравство ја користеле државата за да остварат лични и бизнис интереси. Преку Фондот за здравствено осигурување, тие систематски ја зголемувале сумата која болницата „Жан Митрев“ ја добивала од државата, за во периодот од 2017 до 2020 година таа да порасне за над 320 милиони денари, односно околу 5 милиони евра народни пари.
Од 360 милиони денари вредноста достигнува 682 милиони денари. Ова е доказ дека Филипче и Заев сакале да ја преземат болницата по багателна цена и на тој начин државните пари на крај да завршат во џебовите на Филипче и Заев.
На Заев и Филипче во целокупното владеење единствена цел им биле сопствените интереси и енормно богатење на грбот на народот.
Во намерата за остварување на сопствените лукративни цели и бизнис интереси не се штеделе ниту тие ниту пак државата. Ги злоупотребиле институциите, ургирале во судството и обвинителството, го искористиле ФЗО, и ги злоупотребиле народните пари за приватни интереси.
ЈО да не молчи. ЈО да го истражи случајот. Владеење на правото и правдата мора да има“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Без струја денеска делови од Чаир и Сопиште
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во период од 08.30 до 15.00 часот корисниците, од Ул.Чаирска (општина Чаир)
· во период од 09.00 до 12.00 часот корисниците,од Горно Соње Ул.7 и Ул.9 (општина Сопиште)

