Македонија
Богданов: ВМРО-ДПМНЕ е многу далеку од идеалот за демократска и европска партија

ВМРО-ДПМНЕ е далеку, многу далеку од идеалот за модерна, демократска и европска партија. На овој начин Костадин Богданов, кој на вчерашниот состанок на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ беше разрешен од партиската функција, ја искоментира одлуката на неговиот профил на „Фејсбук“.
Тој оцени дека ВМРО-ДПМНЕ преку синоќешната театрална катарза се реформира во нова антизападна партија.
„Моето политичко дејствување во раководоството на ВМРО ДПМНЕ беше со единствена цел: да изградиме модерна, демократска и европска партија која силно, со конкретни чекори ќе ја поддржи евроатлантската агенда на нашата држава. За жал, раководството на ВМРО ДПМНЕ е далеку, многу далеку од овој идеал. Напротив, раководството на партијата продолжи да биде промотор на антизападна националистичка реторика, која ги топли срцата на краток рок, но на среден и долг рок создава несогледливи последици врз општеството, граѓаните и иднината на државата. Искрено верувам дека еден ден во ВМРО ДПМНЕ ќе дојде раководство кое ќе ја сфати пораката од предците, и суштината на нивната револуционерна борба која ја празнуваме денес“, напиша Богданов.
Истовремено тој упати и честитки по повод денешниот празник Денот на македонската револуционерна борба.
Богданов беше член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, а претхоно беше дел од ‘реформаторите’ кои се залагаа за реформи во партијата. Освен Богданов, на синоќешниот Централен комитет, разрешен од функцијата беше и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Митко Јанчев, кој е актуелен градоначалник на Кавадарци. Предлог за исклучување од партијата, ВМРО-ДПМНЕ поднесе за ексдиректорот на УБК и поранешен висок функционер во ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Мијалков, како и поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров. Екс-премиерот, Никола Груевски и понатаму останува почесен претседател на партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Родителите од Демир Хисар револтирани: Законот ги принудува учениците на сместување во домови за да добијат превоз

Родители од Демир Хисар изразија незадоволство од измените на законот за средно образование и изразија загриженост за превозот на децата до и од училиште. Тие велат дека со измените, децата мора да аплицираат во училишните домови, а ако бидат одбиени или, пак, не сакаат да престојуваат таму, не им следува превоз.
„После нашето долго талкање по институции кои се засегнати во случајов, мислејќи дека тоа е правиот пат, досега не најдовме решение. Први септември е на прагот и наместо нашите деца да се радуваат што ќе се вратат во школските клупи во средното училиште кое бил нивен избор, тие, а и ние, се соочуваме со банални работи.
Со измените на законот нашите деца принудени се да аплицираат во училишните домови, а ако одбијат не следува превоз, а со тоа се кршат правата на учениците на избор, дали да седат или патуваат, бидејќи средното образование е задолжително. Кога ги запишувавме децата ни беше дадена изјава дека како родители се согласуваме да патуваат, а не да седат во интернат. За преку ноќ сето тоа да се смени и по брза постапка да поднесуваме документи во средношколскиот дом, иако тоа воопшто не го сакаат децата. Ако не се поднесе пријава, не следува превоз, ако се примени, а одбијат да седат, пак не им следува превоз. Едноставно сметаме дека сме уценети, за нешто што сепак е задолжително. Сметаме дека се направени доста неправилности со изборот и критериумите“, се наведува во дописот на родителите.
Велат дека ако едно дете е оддалечено 30 километри од Битола превозот чини 3.500 денари, а домот чини 11.000 денари.
Пример, велат родителите, има ученици, брат и сестра, каде сестрата е примена во домот, а братот не е. Со овие измени, додаваат тие, се прават само дупли трошоци.
Родителите прашуваат зошто воопшто е земена како критериум финансиската состојба на родителите за нешто што треба да го покрие државата.
„За овој проблем се обративме прво кај директорката на домот, со којашто не наидовме на разбирање, и таа не препрати кај градоначалникот на општина Демир Хисар, кој патем воопшто и не е засегнат со превозот на учениците од битолските училишта, но културно не прими и ни вети дека ќе помогне во рамките на можностите. Потоа се обративме и до градоначалникот на општина Битола , кој впрочем и е најзасегнат со превозот на овие ученици, бидејќи средствата за учениците од битолските училишта се праќаат во општина Битола, но таму ни беше кажано дека само ги почитуваат измените на законот. Пуштивме допис и до министерството за образование, до министерката Весна Јаневска, каде што ни беше вратено, навидум со автоматска порака, дека ќе се разгледа и реши проблемот. Министерката во вторникот, 26 август, имала средба со градоначалникот на Битола и кажала нема измени на законот во наша полза. Како родители сметаме дека не се во ред измените на законот, кој патем се направени многу брзо, без претходно истражување и консултација“, велат родителите.
Тие велат дека ниту децата сакаат да седат во домот, ниту пак тие како родители сакааат, бидејќи Демир Хисар не е многу оддалечен од Битола.
„Повеќе не изреволтира фактот што според нашите првични сознанија имаше ученици кои што се со место на живеење во Росоман, Демир Капија, Неготино, изминатите години седеа во домот, и оваа година сакаа, а не беа првично примени во домот, иако се најоддалечени, што всушност би требало да биде прв и најважен критериум. За потоа како откажуваат нашите деца тие по дифолт да ги примаат во домот тие што првично не се примени, а на тие што не сакаат да седат му го укинуваат превозот“, се наведува во дописот.
Родителите наведуваат дека учениците од општина Демир Хисар, кои што се запишани во училиштата во општина Битола, на почетокот на учебната година нема да присуствуваат на наставата во училиштата.
„А во моментов тоа се околу 100 ученици од општина Демир Хисар кои што учат во општина Битола и се соочуваат со тој проблем, а со самото тоа и ние како родители. Во Демир Хисар има само едно средно училиште, и тоа со два смерови општа гимназија и компјутерска автоматика. Со овие измени на учениците му се скратува правото на избор на саканото училиште, пр.други смерови од техничката струка, медицинска или економска струка, кои ги има во Битола. Бидејќи нашите деца не сакаат да седат во домот, дали треба да се отпишат и да се презапишат во Демир Хисар? Немаат право да им ја уништуваат иднината и соништата на децата.
Со овој проблем не се засегнати само учениците што учат во битолските училишта, туку и од цела Македонија.
После нашето долго талкање по институции кои се засегнати во случајов, мислејќи дека тоа е правиот пат, досега не најдовме решение“, пишуваат родителите.
Тие најавија дека ако проблемот не се реши, на 1 септември ќе организираат протест со блокади на патиштата.
Македонија
Алијанса за Албанците: ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ја оцрни фигурата на Таравари преку клевети и игри со зборови

Алијансата за Албанците оценува дека ВМРО-ДПМНЕ, заедно со „експериментот ВЛЕН“, се обидува да ја оцрни фигурата на претседателот, д-р Арбен Таравари, преку клевети и игри со зборови, се наведува во реакцијата на Алијанса за Албанците на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ.
„ВМРО-ДПМНЕ и нивните сателити, доколку имаат некакво сомневање или тврдење, нека го докажат. Во спротивно, тоа останува само ниска пропаганда за одвлекување на вниманието од вистината: д-р Арбен Таравари им ги урна мрачните планови против Албанците. Ова можат многу лесно да го направат, бидејќи сите државни институции ги имаат под контрола и имаат целосен пристап до секој официјален документ. Ги повикуваме да се разбудат – тие не се опозиција, тие се власт и држава. Алијансата за Албанците ги повикува, користејќи ги сите надлежности и институции што ги раководат, да презентираат барем една единствена врска помеѓу инвеститорот од Албанија и д-р Арбен Таравари. Или можеби, за нив секој инвеститор од Република Албанија е сомнителен?“, се наведува во реакцијара.
Македонија
Вилијам Михајловски, осуден на 14 години затвор, ќе ја води Комисијата за безбедност и правда на Единствена Македонија

Централниот комитет на Единствена Македонија на дводневната седница во Охрид меѓудругото донесе и неколку кадровски одлуки од своја надлежност.
„Беше избран нов Извршен комитет, а воедно за генерален секретар беше избран Милан Јовчески, а за член на Извршниот комитет беше избран уставобранителот Вилијам Михајловски – Гајда во моментот неоправдано осуден на 14 години затвор за Македонија. Вилијам Михајловски како член на Извршниот комитет ќе ја води и Комисијата на Единствена Македонија за внатрешна безбедност, одбрана, правда и политички затвореници“, соопштија од партијата.
Централниот комитет утврди 29 кандидатски листи за локалните избори, а уште шест се во постапка за утврдување на следната седница на Централниот комитет.
Од партијата соопштија дека е донесена и одлука за кандидат за градоначалник на Град Скопје.