Македонија
Богоев: Општина Карпош должи 18 милиони евра
Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, денеска пред јавноста го презентираше извештајот на Државниот завод за ревизија за материјално-финансиското работење на Општината, во текот на изминатите четири години. Извештајот утринава беше доставен и до Основното јавно обвинителство и до Управата за финансиска полиција со цел, како што рече Богоев, да се утврди одговорност за сите нерегуларности и повреди на законските одредби констатирани од страна на овластениот државен ревизор и ревизорскиот тим.
На почетокот Богоев напомена дека вкупниот долг на Карпош е 18 милиони евра или 1.105.000.000 денари. Но, додаде Богоев, Државниот завод за ревизија посочува дека покрај главниот долг, кој најчесто потекнува од минати години (2012, 2013, 2014, 2015), Општината должи и големи суми за дополнителни трошоци (адвокатски, нотарски, трошоци за извршител, процесни и парнични трошоци).
Исто така, рече Богоев, во 2014 година се подигнал и кредит од 160 милиони денари (2,6 милиони евра). „Намената на кредитот бил за тековни инфраструктурни проекти во Општината, но ревизорскиот тим констатирал дека истиот е потрошен ненаменски. Средствата целосно се искористени за плаќање заостанати обврски, од минати години, со што е прекршен членот 20 став 6 и 26 од Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа, според кој средствата обезбедени со долгорочно задолжување се користат за намената за која се одобрени“, појасни Богоев.
На прес-конференцијата Богоев говореше и за пропустите при изградбата на новата општинска зграда и постоечките општински бараки. Тој рече дека за постоечките простории во кои е сместена Општината, односно изградбата на бараките е без одобрение за градење и без одлука од Советот на Општина Карпош.
Богоев, исто така, рече дека од извештајот се видело дека се доделувале средства на повеќе организации, здруженија на граѓани, поединци и правни лица кои не давале финансиски извештаи, фактури за начинот на кој ги потрошиле доделените средства. Исто така, меѓу локалната самоуправа и овие субјекти не се склучувале ниту договори во писмена форма.
Државниот завод за ревизија, рече тој, го забележува и фактот дека се доделувале буџетски средства на кошаркарскиот клуб ‘Карпош соколи’ АД Скопје. „Во 2016 година исплатени се средства во износ од 38 милиони денари (618 илјади евра). За доделените средства, клубот нема дадено детални податоци за начинот на кој се потрошени. Инаку, од 15 март 2015 година Општина Карпош се јавува и како основач на КК ‘Карпош соколи’ АД Скопје и истовремено доделува финансиска поддршка на акционерското друштво“, рече Богоев.
Како што рече тој, Општина Карпош при исплатата на средства/трансфери до спортски клубови, не склучувала договори во писмена форма со примателот на донацијата и спонзорството и не се изготвувани извештаи за начинот на кој е трошена дадената донација/спонзорство, со што се повредени Законот за облигациони односи и Законот за донации и спонзорства во јавните дејности (член 4 и 19), се вели во извештајот на Државниот завод за ревизија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Делото на Свети Климент Охридски е патоказ за негување на писменоста, националните вредности и создавање на успешни генерации
По повод празникот посветен на Свети Климент Охридски-македонскиот просветител, учител и темелот на нашата духовност и писменост, ВМРО-ДПМНЕ упатува искрени честитки до сите граѓани на Република Македонија.
„Делото на Св. Климент Охридски, неговата посветеност на образованието и ширењето на словенската писменост, претставуваат трајна вредност на македонската државност и културен идентитет.
Неговата мисија не потсетува дека знаењето, трудот и човечноста се водилка кон напредок и општо добро.
А нашата заедничка обврска е да продолжиме да го негуваме она што е суштински дел од нашата татковина – јазикот, писменоста, наследството и македонскиот идентитет, да останеме посветени на унапредување на образованието, зачувување на културното наследство и поддршка на вредностите што го обединуваат нашиот народ.
Силата на државата произлегува од знаењето, достоинството и од грижата за сопствените корени, токму како што тоа го покажувал Св. Климент со своето животно дело.
Македонија да ја градиме преку генерации на образовани луѓе, генерации што ќе бидат носители на прогресот, на науката, на културата и на достоинството на нашата држава.
Овој празник не потсетува дека вложувањето во образованието и младите е инвестиција во иднината на нашата татковина.
Ликот и делото на Св. Климент Охридски ни покажуваат дека секое знаење што го даваме денес, ја гради Македонија утре“, пишува во честитката.
Македонија
Минчев со честитка за 8 Декември – Свети Климент Охридски
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, испрати честитка по повод 8 Декември – Свети Климент Охридски.
„Нека е честит големиот христијански празник, 8 Декември – Свети Климент Охридски.
Делото на Свети Климент, неговата посветеност на образованието и на создавањето силна духовна и културна традиција, останува траен темел на нашата историја и идентитет.
Неговиот пример не поттикнува да создаваме подобро општество засновано врз знаење, честитост и заемна поддршка.
Нека празникот ни донесе личен и колективен напредок, а во нашите домови мир, здравје и радост“, пишува во честитката.
Македонија
Запленети 237 парчиња разновиден рачен, батериски и електричен алат без документација, уапсени две лица
Полицијата заплени 237 парчиња разновиден рачен, батериски и електричен алат без документација, а уапсени се две лица.
Според информациите на МВР, вчера на автопатот Табановце-Куманово, полициски службеници ги лишија од слобода Л.А.(32) од с.Никуштак и А.Ш.(32) од Скопје.
Полициските службеници запреле патничко возило „мерцедес” со скопски регистарски ознаки, управувано од Л.А., а сопатник А.Ш., и при преглед на возилото пронајдени се 237 парчиња нов неупотребуван разновиден рачен, батериски и електричен алат, без никаква документација.
Возилото и алатот се одземени, а лицата се уапсени и по документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

