Македонија
Богоев: Со воведување на нови технологии се зајакнува меѓуинституционална соработка и се подобрува инфраструктурата

Директорот на Царинската управа Стефан Богоев и неговиот заменик Муарем Асани со раководниот тим, денес одржаа состанок со високи претставници од Светска Банка, предводени од регионалниот менаџер за Косово и Северна Македонија, Масимилијано Паолучи. На состанокот се дискутираше за имплементацијата на Проектот за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан, финансиран со заем од Светска Банка.
Имплементацијата на Национален едношалтерски систем ќе овозможи хармонизирани процеси за обработка на дозволите од прекуграничниот проток на стоки, а со тоа и забрзување на прекуграничната трговија согласно стандардите и најдобрите практики на земјите од Европска Унија. Оваа компонента од Проектот, Царинската управа како водечка институција ја спроведува заедно со агенциите и инспекциските служби учесници во царинските постапки. Согласно сегашниот статус на реализација на активностите, се очекува системот да биде пуштен во примена до крај на 2025 година, како што е и предвидено со Договорот.
Компонентата од Проектот која опфаќа модернизација и реконструкција на граничните премини, ќе овозможи надградба и подобрување на инфраструктурата на граничните премини Ќафасан и Деве Баир, со цел побрзо завршување на царинските формалности и олеснување на прекуграничниот проток на патници и транспорт на стоки.
Преку овој Проект, Царинската управа воведува и нов Систем за видео надзор интегриран со систем за автоматско распознавање на регистарски таблички. Со имплементација на оваа опрема ќе се овозможи добивање на квалитетни и навремени информации за постигнување на крајната цел – борба против недозволена трговија и криминал, заштита на финансиските интереси на државата, безбедноста и здравјето на граѓаните.
Директорот Богоев истакна дека Царинската управа останува посветена на навремено спроведување на активностите од овој Проект, кои се во насока на заложбите за олеснување и забрзување на протокот на стоки, намалување на трошоците за учесниците во царинските постапки и подобрување на безбедноста на границите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВЛЕН: Паднаа во вода тврдењата на ДУИ за наводен атентан врз Зеќирија Шаини

Коалицијата ВЛЕН реагира за случајот во кој беше повреден активистот и носител на листата на НАИ во Липково, Зеќирија Шаини.
Од таму велат дека особено загрижува фактот што политичките опоненти, предводени од ДУИ, се обидоа да ѝ дадат политичка димензија на оваа трагедија, грубо манипулирајќи со семеен конфликт во сред изборна кампања.
„Но случајот се покажа како семеен проблем и нема никаква врска со политиката. ДУИ доживеа тежок пораз, бидејќи не ѝ успеа обидот да ја искористи ситуацијата за сопствена политичка корист. Тие беа демантирани и од самиот нивен активист, Зеќирија Шаини, кој јавно изјави дека нема политичко непријателство со никого, со што паднаа во вода сите тврдења за наводен „политички атентат“.ДУИ сакаше да се претстави како херој во туѓи сметки – но тоа не помина. Наместо да придонесе за смирување на ситуацијата, партијата повторно приредува политички театар, обидувајќи се, како и секогаш, да создаде перцепција дека „некој работи против нив“. Помогната од неколку платени новинари, кои дење и ноќе шират лаги против власта, ДУИ ги злоупотребува дури и проблемите на сопствените партиски членови. Ова е стар модел на јавна манипулација и политичка виктимизација, кој има цел да го прикрие падот на довербата и губењето на електоратот“, велат од ВЛЕН.
Македонија
Сончево со мала локална облачност, максималната температура до 21 степен

Сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 14 до 21 степен.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 20 степени.
Времето во наредните денови
До почетокот на следната седмица ќе преовладува стабилно, сончево и релативно топло време со локална појава на облачност во текот на денот. Ќе дува слаб до умерен, а во сабота долж Повардарието повремено засилен северен ветер.
Македонија
Делови од Гази Баба и Ѓорче Петров денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08:30 до 13:30 часот, корисниците од улица Благоја, улица Маџари, Пекара КИС МИ Стефковски и улица Ордан Поп Јорданов (општина Гази Баба)
– во периодот од 09:00 до 10:00 часот, локалите во трговскиот центар до пазарот (општина Ѓорче Петров)