Македонија
(Видео) Богојески во Обвинителството: По бугарско барање, ме викнаа да објаснувам зошто објавувам историски документи
Претседателот на партијата Македонски концепт, Петар Богојески, денес беше повикан во Обвинителството како осомничен за кривично дело предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост.
Богојески пред зградата на Обвинителството рече дека станува збор за цензура врз опозицијата поради неговите јавни објави на документи од македонската историја, кои не се по вкус на Бугарија.
„Повикан сум во ОЈО, денеска на мој именден, Петровден. Загрозени се моите човекови права и слободи на верска основа. Спречен сум да присуствувам на утринска литургија на Петровден оти морам, по бугарско барање, во ОЈО да објаснувам зошто објавувам историски документи од македонската историја, кои не се благопријатни за бугарската пропаганда во земјата и генерално во светот“, рече Богојески.
Тој вели дека не се проблем обвиненијата кон него и покрај тоа што станува збор за политичка цензура, туку проблем е што утре може да се воспостави цензура врз научниците, историчарите, новинарите, кои ќе се обидуваат да објавуваат такви документи, ентузијасти што работат во областа на македонско бугарските односи, особено историјата, па да дојдеме во ситуација Македонија да цензурира македонска историска вистина по желби на Бугарија.
„Доколку некој е загрозен како личност или, пак, Бугарија, може да поведат граѓанска постапка за клевета, навреда, но вакво директно вмешување на државата преку Обвинителството во услови кога царува криминал и корупција, секој втор политичар станува милионер, власта и ОЈО се занимаваат со цензура на опозицијата и историски документи, е крајно вулгарно поведение во интерес на слободата на говорот. Заживува комунизмот, ОЈО ме кани да објаснувам за вербален деликт“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Трендафилов, Деаноски и Пешевски ги оштетија работниците за 600 евра минимална плата во 2028 поради политичките игри со СДС и Левица“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„Одлуките на ССМ на чело со Слободан Трендафилов го спречија растот на платите за 40% во следните 2 години на штета на работниците или раст од над 10.000 денари за само две години од денес. Слободан Трендафилов како прв синдикалец не застана во одбрана на работниците“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Иако Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ понуди конкретно и јасно решение, 40% зголемување на платите на административните службеници во следните две години преку нов колективен договор, ССМ и Слободан Трендафилов одбија да го прифатат предлогот, оставајќи ги работниците без повисоки примања.
ССМ предводен од Слободан Трендафилов и гранковиот синдикат УПОЗ, предводен од Трпе Деаноски го одбиле предлогот од Владата каде минималната плата ќе изнесувала минимум 36.000 денари за административните службеници во 2028 година.
Поради политичките игри на Слободан Трендафилов, Трпе Деаноски и Иван Пешевски работниците се оштетени за 600 евра минимална плата во 2028 година. Ова е доказ дека ССМ го става политичкиот интерес пред интересот на работниците.
Иван Пешевски додека се претставува како загрижен синдикалец дебело профитира заедно со Трендафилов.
Додека глумат загрижени синдикалци платата на Пешевски е 3 пати поголема од минималната.
Поддршката од СДС и Левица ја покажува вистинската агенда на ССМ каде што ги ставаат политичките интереси пред интересите на работниците.
Наместо да ги застапуваат граѓаните, синдикатите предводени од Трендафилов и Деаноски ја жртвуваат минималната плата за да ги следат политичките мотиви и политичката линија на СДС и Левица.
Работниците заслужуваат синдикати што ги штитат работничките интереси а не што ги продаваат за политички интереси на поединци.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ продолжува да работи во интерес на работниците и сите граѓани, за повисоки плати и подобар животен стандард“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Владата на Мицкоски да најде пари за 600 евра минимална плата за работниците, бара СДСМ
„Не може да има пари за криминални тендери, а да нема за работниците. Наместо изговори за да не ги покачи платите, Владата на Мицкоски да обезбеди пари за зголемување на минималната плата за 600 евра“, велат од СДСМ.
„Македонија денес има најниска минимална плата во регионот и во Европа. Последиците веќе се гледаат. Квалификувани работници од Македонија на големо заминуваат во странство, младите се иселуваат, а кај нас се увезуваат „економски работници“.
За време на владеењето СДСМ парите завршуваа кај граѓаните, ја зголемивме минималната плата од 8.000 денари на над 20.000 денари а просечната плата од 22.000 денари на над 42.000 денари.
Имајќи ја предвид сè потешката економска положба на работниците и барањата на Сојузот на синдикатите, СДСМ подготви нови законски решенија за: зголемување на минималната плата на 600 евра и замрзнување на платите на функционерите.
Еве законско решение на маса, сега ќе се види кои партии ќе бидат на страната на работниците, а кои ќе останат на страна на тендерите“, соопшти СДСМ.
Македонија
ЛДП: Европските либерали ја поддржуваат Македонија, ја поддржуваат демократијата и ја поддржуваат Либерално-демократската партија
Групата на либерали и демократи од Европа (АЛДЕ) во Парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур јасно и недвосмислено говореа и ја поддржаа одлуката за затворање на пост-мониторинг дијалогот со Северна Македонија, оценувајќи дека земјата направила значителен демократски и институционален напредок, извести ЛДП.
„Ја поздравуваме одлуката за затворање на пост-мониторингот за Северна Македонија, тоа е резултат на долгорочни реформи и јасна европска ориентација, при што либералната политика и ЛДП имаат значајна улога во тој процес”, истакнаа од АЛДЕ.
„Оваа одлука претставува силно европско признание за патот по кој треба да се движи државата и јасен сигнал дека проевропските и либерални политики се исправниот избор за иднината на Северна Македонија.
Во своето обраќање, европските либерали нагласија дека Северна Македонија денес функционира како демократија во која, во најголем дел, се почитуваат основните човекови права и слободи, а соработката со Советот на Европа е стабилна и конструктивна.
Пратениците од АЛДЕ посебно истакнаа дека затворањето на пост-мониторингот не значи затворање на надзорот, туку почеток на нова фаза на демократска зрелост, отчетност и одговорност, во која владеењето на правото, независното судство и борбата против корупцијата остануваат клучни приоритети.
Во овој контекст, европските либерали уште еднаш ја потврдија својата долгогодишна и принципиелна поддршка за Либерално-демократската партија (ЛДП) и за либералните вредности во Северна Македонија, кои континуирано претставуваат двигател на европските реформи, заштитата на човековите права и развојот на отворено и демократско општество.
Либералите во Европа потенцираа дека ЛДП останува нивен кредибилен партнер во Македонија и важен носител на либералната визија за слободно општество, силни институции, еднаквост и почитување на човечкото достоинство.
Посебно внимание беше посветено на заштитата на правата на малцинствата, вклучително и правата на маргинализираните групи, како и на обврската за целосна примена на пресудите на Европскиот суд за човекови права, при што беше нагласено дека овие прашања се суштински дел од европската интеграција“, се наведува во соопштението на ЛДП.

