Македонија
Ковачевски – Мицотакис: Грција останува силен партнер на Македонија на патот кон ЕУ
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, на вториот ден од самитот на НАТО во Вилнус, Литванија, оствари билатерална средба со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.
На средбата соговорниците разменија мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Република Грција и беше потенцирана подготвеноста за нивно зајакнување и проширување на соработката во секое поле од заемен интерес, а посебно на економски план.
Двајцата премиери изразија задоволство од трендот на зголемување на трговската размена меѓу Северна Македонија и Грција. Ковачевски и Мицотакис истакнаа дека од клучна важност е соработката во енергетскиот сектор за која се согласија дека има голем потенцијал ако се земат предвид заедничките проекти за изградба на терминалот за течен нафтен гас во Александруполи, како и гасното поврзување помеѓу двете земји.
Премиерот Ковачевски му ја честита победата на неодамнешните избори на својот грчки колега Мицотакис и изрази уверување дека соработката помеѓу двете влади ќе продолжи со зголемен интензитет. Воедно, се заблагодари за силната грчка поддршка на процесот на интегрирање на Северна Македонија во Европската Унија.
На средбата соговорниците разговараа и за актуелните регионални теми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вицегувернерката Нацевска: Продолжуваат активностите на Народната банка за развивање на домашниот финансиски пазар
„Ефикасното спроведување на монетарната политика, покрај од мерките на Народната банка, во голем дел зависи и од функционалноста и натамошниот развој на домашните финансиски пазари, меѓу кои девизниот пазар има клучна улога. Оттаму, Народната банка продолжува со активностите за натамошно унапредување и развивање на домашниот девизен пазар и во таа смисла, искажуваме поддршка за иницијативите и активниот придонес на домашните банки. Во тој процес, нашата институција ја одржува активната соработка со сите релевантни банкарски здруженија, со деловните банки и со сите останати чинители, заради натамошно унапредување и развивање на домашниот финансиски пазар“, порача вицегувернерката Емилија Нацевска во обраќањето на 29-тото годишно собрание на Здружението на финансиски пазари – АЦИ коешто се одржа во Струга.
Во обраќањето, Нацевска нагласи дека Народната банка постојано работи на унапредување на ценовната транспарентност и натамошно продлабочување на домашниот девизен пазар.
„За задржување на професионализмот и за усогласување со најдобрите меѓународни практики, се разгледуваат можностите за прифаќање на глобалниот кодекс за девизниот пазар (FX Global Code), како во Народната банка, така и од страна на банките. Оттаму се и очекувањата дека АЦИ Македонија и Министерството за финансии ќе продолжат со активната соработка за примена на договорот ИСДА на домашните пазари, како можност за подобро интегрирање и достапност на деловните банки до странските финансиски пазари, во склоп на проектот финансиран од ЕБОР за приспособување на домашната правна рамка за деривати и репо-договори со меѓународната практика“, порача Нацевска.
Поволните движења на девизниот пазар коишто беа забележани минатата година се резултат на нормализирањето на побарувачката на девизи од енергетскиот и од останатите водечки корпоративни сектори, а значителен придонес има и натамошното зголемување на понудата на девизи од физичките лица, што е силен сигнал за довербата во домашната валута. „Ваквите позитивни движења на девизниот пазар изминатата година придонесоа за релативно обемни интервенции на Народната банка за откуп на вишокот девизни средства од банкарскиот систем, коишто беа близу до рекордните нивоа пред пандемијата“, кажа Нацевска. Поволните трендови на домашниот девизен пазар и на почетокот на тековната година влијаат поволно врз нивото на девизните резерви. Со тоа, според сите релевантни меѓународни одредници, показателите за адекватноста на девизните резерви се постојано во сигурната зона, гарантирајќи ја стабилноста на курсот на домашната валута.
Македонија
Одземена дрога испратена во мала пратка и огнено оружје од скопјанец
Одземени 30 грама дрога и пиштол од скопјанец, по заедничка акција на инспектори од Одделението за истраги при Царинската управа и крим полицијата при МВР.
Дрогата е откриена при претрес на лицето извршен откако истото подигнало пратка во Пошта пристигната од Германија. Во координација со дежурен јавен обвинител, инспектори од Секторот за контрола и истраги заедно со припадници од МВР извршија и претрес во домот на лицето каде е пронајден пиштол кој е одземен од страна на царинските инспектори, соопшти Царинската управа.
Против лицето ќе биде поведена кривична пријава до Основното јавно обвинителство.
Царинската управа согласно приоритетите во континуитет спроведува акции за сузбивање на сите форми на криминал, грижејќи за безбедноста на своите граѓани, додаваат во соопштението.
Скопје
Санкционирани 191 непрописно паркирано возило на територија на општина Центар
ЈП Паркинзи на Општина Центар и Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје санкционираа 191 непрописно паркирано возило кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
„Во периодот од 13.05. до 19.05.2024 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ на ЈП ПОЦ отстранети се 102 непрописно паркирани возила, а со поставување на механичко средство „Блокатор“ санкционирани се 89 возила кои биле затекнати на резидентни паркиралишта, а не биле корисници-резиденти на секторот во којшто биле паркирани“, велат од ПОЦ.
За трајно решение на сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање неопходна е поголема сообраќајна култура, затоа ЈП ПОЦ и СВР Скопје во наредниот период ќе продолжат со секојдневно отстранување на сите непрописно и несовесно паркирани автомобили во општина Центар со цел да се подигне сообраќајната свест на повисоко ниво и да се зголеми безбедноста во сообраќајот, се додава во соопштението на ПОЦ.