Македонија
Божиновска: Жените во науката и инженерството не се исклучок, туку правило – Министерството ќе ја зајакне поддршката за девојките во STEM
По повод Меѓународниот ден на жените и девојките во науката, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари средба со млади девојки од Македонија кои градат кариера во областа на науката, инженерството и технологијата. На средбата учествуваа добитнички на Инженерски прстен, како и девојки кои се дел од програмата Global Engineer Girls на Групацијата Лимак.
Овие млади жени, кои веќе се впуштиле во инженерството и научната дејност, ги споделија своите искуства, предизвици и успеси, истакнувајќи ја важноста на поддршката и можноста за учество во STEM областите. Средбата беше исполнета со инспиративни приказни, идеи и заеднички цели за промовирање на овие критични области меѓу младите жени во Македонија.
Министерката Божиновска истакна дека поддршката за зголемување на бројот на девојки и млади жени, посебно во инжинерството и областите енергетика и рударство, е една од приоритетните цели на министерството. Таа ги охрабри учесничките да продолжат да се трудат и да веруваат во своите способности, истакнувајќи дека жените имаат значаен удел во економскиот и општествениот напредок на државата.
„Македонија е една од ретките земји каде што бројот на жени истражувачи е над 50% од вкупниот број истражувачи, што е показател за огромниот потенцијал што го имаме. Меѓутоа, тоа не значи дека треба да застанеме – напротив, потребна е уште поголема поддршка за девојките и младите жени да се охрабрат и да ги следат своите интереси во науката, инженерството и енергетиката“, истакна Божиновска.
На средбата се разговараше и за идните иницијативи кои ќе ги поттикнуваат младите жени да се вклучат во STEM областите. Меѓу нив се и менторските програми и програмите за практикантство во државните институции и компании, како што се ЕСМ, МЕПСО, МЕМО – Македонската берза на струја, како и во рударскиот сектор. Овие програми имаат за цел да им овозможат на младите жени реално искуство и поддршка за нивниот професионален развој.
Учесничките ја потенцираа важноста од поголема видливост на успешните жени во науката и инженерството, како и потребата од заеднички иницијативи за популаризација на овие професии меѓу младите девојки. Тие изразија подготвеност за соработка со Министерството во промоција на STEM професиите со цел во иднина да има уште повеќе млади инженери и научници кои ќе придонесуваат за развојот на Македонија.
„Жените во науката и инженерството не се исклучок, туку правило што мора да се поддржи и унапреди. Полот не е пресуден за успех – квалитетот, трудот и посветеноста се клучните фактори. Наша обврска е да ги обезбедиме сите можности што ги заслужуваат“, истакна Божиновска.
Меѓународниот ден на жените и девојките во науката, усвоен од Обединетите нации во 2015 година, има за цел да го истакне значењето на родовата еднаквост во СТЕМ професиите. Овој ден е потсетник дека светот не смее да биде лишен од потенцијалот, интелигенцијата и креативноста на жените, кои често се соочуваат со нееднаквости и предрасуди.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, како што велат, останува посветено на унапредување на родовата рамноправност и активно ќе работи на создавање услови за зголемување на бројот на жени во енергетиката, инженерството и науката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

