Македонија
Боки 13 бара посета од Агелер во „Идризово“: Поседувам сензитивни податоци, молам за заштита, добивам закани за животот
Осудениот Бојан Јовановски-Боки 13 за тврдењата дека е цел на тортура, за наводите дека има криминално постапување од страна на Кривичниот суд, но и дека располага со сензитивни податоци за криминал што го правеле највисоките државни структури, ги известил Амбасадата на САД и амбасадорката Анџела Агелер. Неговиот адвокатски тим копија од писмото испрати и во јавноста, каде што наведува дека се бара од Амбасадата и од амбасадорката да го посетат Јовановски-Боки 13 во затворот.
„Молам за помош од ваша страна и молам во најкус можен рок да ме посетите во КПУ ‘Идризово’, вие или друго службено лице, кое би било делегирано од ваша страна. Ова од причини што ценам дека е потребно и значајно со вас да споделам важни и сензитивни податоци со кои располагам, а тие се од крајно сериозен карактер и директно се поврзани со коруптивни дејства на поединци и криминал поврзан со лица од највисоки државни структури. Во тоа име, ве молам за заштита од ваша страна бидејќи се соочувам со реални закани за мојот живот, особено поради тоа што инволивираните лица поседуваат реална моќ и влијание“, посочува Јовановски во писмото.

Освен ова, Јовановски ја известува Амбасадата за тортура, со која тврди дека се соочува.
„Со овој писмен поднесок до вас сакам да ве запознам и да ве известам за целата тортура што ја доживувам, покрај тоа што сум осуден без докази за сторено кривично дело, туку и поради интереси на политичките и бизнис-моќници во нашата држава. Во моментот се соочувам со сериозна тортура и незаконито и криминално постапување од страна на судските власти, поточно од страна на Основниот кривичен суд Скопје, па оттука чувствувам дека е потребно да ве известам за реалните состојби во нашиот правосуден систем дотолку повеќе што за овие мои наводи располагам со докази. Со оглед на вашата императивна заложба за владеење на правото во нашата држава, чувствувам должност да ви ги приложам следните документи, од кои неоспорно ќе можете да утврдите тенденциозно и незаконито постапување од страна на судот и поигрување со човечки живот, особено важно што мојата здравствена состојба е од животозагрозувачки карактер во согласност со сите медицински докази што ви ги доставувам во овој писмен поднесок заедно со судските одлуки, од каде што неоспорно ќе можете да ги утврдите селективноста и незаконитото постапување на судот дотолку повеќе што за ова судско решение изразувам основано сомневања дека е фалсификувано и антидатирано за кое сомневање иницирав постапки пред надлежните правосудни органи“, додава Боки 13.
Претходно, писма за наводите за незаконски постапувања беа доставени до домашните институции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
АХВ: Уништени над 1 тон небезбедна храна од продавниците за здрава храна
Илјада и десет килограми небезбедна „здрава храна” уништија инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство кај 14 оператори во рамки на 373 контроли спровдени неделава, кај оператори именувани како објекти за производство и промет со здрава храна, соопшти АХВ.
Со контролите утврдено било дека 14 оператори воопшпто не биле регистрирани како оператори со храна во Агенцијата.
За утврдените недоследности со контролите, биле издадени 65 решенија, 19 опомени и 44 парични казни, во вкупна вредност од 20.550 евра.
„Кај 9 оператори со контролите утврдени биле незадоволителни хигиенски и технички услови во објектите, кај 7 била пронајдена храна со поминат рок на употреба. Кај двајца оператори најдена била и храна со непознато потекло. Несоодветно означена била храната кај 18 оператори, а кај 23, вработените немале спроведено задолжитрелен здравствен преглед. Двајца од операторите немале воспоставени процедури за Добра производствена и Добра хигиенска пракса, или не воделе соодветни записи. Кај исто толку оператори не била извршена задолжителна дезинфекција, дезинсекција и дератизација во објектите“, пишува во соопштението на АХВ.
Македонија
СДСМ: Наместо луксуз на власта со авиони, да се пренаменат пари за 600 евра минимална плата
Животот во Македонија станува сѐ поскап, работниците едвај врзуваат крај со крај, а власта сѐ луксузира врз грбот на народот, велат од СДСМ.
„Според последните податоци, синдикалната кошничка во февруари достигна 67.400 денари. На едно четиричлено семејство не му се доволни ниту 3 минимални плати месечно за да ги покрие основните потреби. Над 200 илјади работници земаат плата под 30.000 денари. Со сегашното ниско ниво на минимална плата не можат да се покријат трошоците за основни потреби, храната, сметки.. Тешкото секојдневие, високите сметки и поскапувањата ги доведоа работничките семејства на раб. И додека граѓаните се борат за корка леб, премиерот Христијан Мицкоски се луксузира на сметка на народот – со владини авиони, со скапи часовници од 60 илјади евра. Време е да се укине луксузот на власта, а работниците да добијат достоинствени плати, какви што заслужуваат. Бараме парите што власта ги планираше за нов авион да се пренаменат за минимална плата од 600 евра за сите работници. Нема повеќе оправдувања дека „нема пари“. Имало пари за нов авион, за мебел, за уредување кабинети, за службени автомобили. Нека направат ребаланс на Буџетот и нека ги пренаменат парите за плати. Доста е расфрлање со милиони за авиони – мали или големи – додека народот тоне. Доста е луксуз на грбот на народот“, стои во соопштението на СДСМ.
Македонија
Обвинителство: Забрана за две правни лица од Велешта да вршат ископ во близина на изворите за вода за пиење во Шум
Преземајќи истражни дејствија по наредба на Основното јавно обвинителство Струга за испитување на причините за загадувањето на водата од извориштето во селото Шум, истражните органи затекнаа работни машини на две правни лица од Велешта кои вршеле кршење, ископ и транспорт на карпи во поголем обем во непосредна близина на изворите, информираат од Обвинителството.
Како што се наведува во соопштението, поради сомненија за кривични дела – Незаконита експлоатација на минерални суровини од член 225-а и Загадување на водата за пиење од член 219 од Кривичниот законик, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка веднаш достави предлог за определување мерки на претпазливост – забрани на правните лица да ги посетуваат парцелите каде вршеле ископ и забрана да преземаат какви било работни активности на подрачјето.
Основното јавно обвинителство Струга продолжува да презема дејствија за обезбедување докази и испитување на евентуална кривична одговорност во однос на енормното загадување на изворите во Шум од каде подрачјето на градот Струга се снабдува со вода за пиење, стои во соопштението.

