Македонија
Пратениците истераа викенд, министерствата без министри – продолжуваат престрелките во Собранието за влезот на Алијансата за Албанците во Владата
Цел викенд пауза си зеде Собранието, додека шест министерства чекаат да добијат нови министри и нивни заменици, кои ги избираат пратениците. Потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, во петокот најави продолжение на седницата за денеска (понеделник), без образложение зошто не се работеше и за време на викендот.
Истовремено, предлагачот на разрешувањата и именувањата, Димитар Ковачевски, отиде на пат.
Дебатата на пленарната седница за разрешувања е заглавена на првата точка, на која се дискутира за министерот за здравство во заминување, Беким Сали.
Низа караници, реплики и контра реплики се кажуваат од собраниската говорница. Најактивни се пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Од пратениците на СДСМ присутни се само неколкумина, кои речиси и да не се јавуваат за збор. Редовите во собраниските клупи каде што седат пратениците од ДУИ се празни.
Додека не се изберат нови министри во Здравство и Правда, овие две министерства речиси и да не може да функционираат. Во Министерството за здравство нема заменик-министер бидејќи Владимир Рендевски поднесе оставка, која беше констатирана. Во тек е и разрешување на министерот Сали. Па, така, сè до избор на нов министер нема кој да раководи со ресорот. Слично е и со Министерството за правда, каде што констатирана е оставката од министерското место на Никола Тупанчески, како и на неговиот заменик, Агим Нухиу. И овој ресор е речиси парализиран сè до избор на нов кадар.
Собраниската дебата трае седум дена. Минатата недела имаше и денови кога се работеше до полноќ, но листата на пријавени за збор не беше исцрпена. Сите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ се пријавени за збор за секоја од точките. И сите имаат реплики и контра реплики. Додека не се исцрпи листата на пријавени за збор, не може да се гласа. Сега ќе започне разгледување на втората точка за разрешување на министер. По гласањето за оваа точка, ќе следуваат другите разрешувања, па дури потоа именувања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно и нестабилно со пороен дожд и грмежи
Времето денеска ќе биде променливо облачно и нестабилно со пороен дожд и грмежи, особено во источните делови. Локално процесите ќе бидат во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и услови за изолирана појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 14 до 22 степени.
Во Скопје променливо облачно и нестабилно со пороен дожд и грмежи. Во делови од котлината ќе има услови за краткотрајно невреме со засилен ветер и изолирана појава на град. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 21 степен.
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд, освен во недела кога ќе биде претежно стабилно и потопло. Во сабота ќе дува засилен северен ветер.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Тренчевска: Од 2017 година до денес најниската исплатена пензија ја покачивме за 5.309 денари
„330% повисока социјална помош, 53% повисоки пензии, 180% повисока минимална плата, 40 000 просечна плата се нашите резултати и знам дека тоа можеби не е доволно. Затоа вечерва стојам пред вас не како жена, туку како ваша пријателка и комшивка, како жена која работеше со интегритет и бара поддршка за број 1 на 8 мај“ порача Тренчевска од говорницата на митингот во Радовиш.
Ко-носителката на изборна единица 4 од СДСМ, Јованка Тренчевска вечерва на радовишани им порача дека вистинскиот избор е јасен и дека само СДСМ е опција која ќе го води напредокот на општеството.
„Вие највозрасните кои гледам ве има тука во голем број, а со кои деновиве често се среќавав и често ме прашувавте зошто не може покачување од 5000 денари за секој од вас, Ве потсетувам дека од 2017 година до денес најниската исплатена пензија ја покачивме за 5.309 денари, и овој месец најниската исплатена пензија изнесува 13 880 денари. Стабилната исплата на вашите пензии ќе биде доведена во прашање со лажните ветувања на ВМРО, кои слушам деновиве дека започнаа да го раситнуваат лажното покачување на пензиите на месеци, на години и на нови методологии. Знаат и тие дека на лагата и се кратки нозете! Знаат дека 5000 линеарно е невозможно. Но дека е добро за да манипулираат со највозрасните“ рече Тренчевска.
Таа истакна дека во новиот мандат СДСМ се обврзува минималната пензија да ја покачи на 20.000 денари додека просечната пензија ќе ја покачи на 30.000 денари.
„Да продолжиме да градиме мостови посилни од ѕидовите и омразата кои ни ги наметнува ДПМНЕ“ истакна Тренчевска во нејзината покана за граѓаните за да излезат на гласање на 8ми мај.