Македонија
Тренчевска: Од 2017 година до денес најниската исплатена пензија ја покачивме за 5.309 денари
„330% повисока социјална помош, 53% повисоки пензии, 180% повисока минимална плата, 40 000 просечна плата се нашите резултати и знам дека тоа можеби не е доволно. Затоа вечерва стојам пред вас не како жена, туку како ваша пријателка и комшивка, како жена која работеше со интегритет и бара поддршка за број 1 на 8 мај“ порача Тренчевска од говорницата на митингот во Радовиш.
Ко-носителката на изборна единица 4 од СДСМ, Јованка Тренчевска вечерва на радовишани им порача дека вистинскиот избор е јасен и дека само СДСМ е опција која ќе го води напредокот на општеството.
„Вие највозрасните кои гледам ве има тука во голем број, а со кои деновиве често се среќавав и често ме прашувавте зошто не може покачување од 5000 денари за секој од вас, Ве потсетувам дека од 2017 година до денес најниската исплатена пензија ја покачивме за 5.309 денари, и овој месец најниската исплатена пензија изнесува 13 880 денари. Стабилната исплата на вашите пензии ќе биде доведена во прашање со лажните ветувања на ВМРО, кои слушам деновиве дека започнаа да го раситнуваат лажното покачување на пензиите на месеци, на години и на нови методологии. Знаат и тие дека на лагата и се кратки нозете! Знаат дека 5000 линеарно е невозможно. Но дека е добро за да манипулираат со највозрасните“ рече Тренчевска.
Таа истакна дека во новиот мандат СДСМ се обврзува минималната пензија да ја покачи на 20.000 денари додека просечната пензија ќе ја покачи на 30.000 денари.
„Да продолжиме да градиме мостови посилни од ѕидовите и омразата кои ни ги наметнува ДПМНЕ“ истакна Тренчевска во нејзината покана за граѓаните за да излезат на гласање на 8ми мај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Топло со умерена облачност, температурата до 25 степени
Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. На североистокот ќе има услови за појава на краткотраен дожд.
Ќе дува слаб до умерен, а по должината на Повардарието краткотрајно засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 20 до 25 степен.
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Ќе настапи преодно стабилизирање на времето со позначителен пораст на дневната температура. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекува нестабилно време со локален пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме. Повремена претежно попладневна нестабилност со пороен дожд и грмежи, со променлив интензитет, ќе има сѐ до средината на следната недела.
Скопје
108 санкционирани возачи во Скопје
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот.
„На територијата на град Скопје изречени се вкупно 108 мерки, меѓу кои девет мерки за возење без возачка дозвола, четири санкции за минување на затворен сигнал – црвено светло, седум мерки за користење мобилен телефон при возење, осум санкции за некористење на сигурносен појас…“, извести МВР.
Од таму додаваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.