Македонија
Боки 13 од болничко лекување е вратен во затвор во предканцерогена состојба, алармираат адвокатите
Осудениот Бојан Јовановски-Боки 13 кој издржува казна за случајот „Рекет“ е вратен во затвор во предканцерогена состојба. Ова го соопшти правниот тим кој алармира дека во пенални услови, состојбата на Јовановски ќе се влоши, а се повикуваат на медицинските извештаи потпишани од десетици доктори од различни установи.
„Ваквото постапување е спротивно на препораките дадени од десетици лекари кои го лекуваа Јовановски во изминатиот период, спротивно на конзилијарните мислења и лекарските извештаи. Во нив јасно стои дека без прекин на казната, услови за лекување на метаплазието на желудник не може да се спроведе во пенални услови, а со оглед на специфичната состојба во која се наоѓа“, се наведува дописот на правниот тим на Боки 13.
Тие доставија и хистопатолошки наод од Институтот за патологија при Медицинскиот факултет во Скопје каде се констатира: „Наодот одговара за хроничен гастритис со фокуси на интестинална метаплазија“.

„Од медицинската документација, која исто така Ви ја доставуваме во целост, јасно стои: ‘Доколку не се спроведат дадените препораки за понатамошно лекување на пациентот исклучиво и единствено во задолжителни домашни услови, согласно сето погоренаведено ќе настанат трајни последици по животот и здравјето на пациентот. Наодот е реферириран на стручен колегиум на ЈЗУ УК св. Наум Охридски и стручниот колегиум е едногласно согласен за дадените препораки и упатство за понатамошно лекување’. И од Клиниката за дигестивна хирургија, чиј наод Ви го доставуваме, е посочено: ‘Се придржуваме кон препораките издадени од колегите од ЈЗУ УК св. Наум Охридски, со оглед на фактот дека пациентот таму е опериран и лекуван и од ЈЗУ за Гастроентерохепатолигија каде што е прегледуван и иследуван’. Потсетуваме дека Јовановски веќе алармираше дека е мета на невидена и незапаметена тортура, која исто така, влијае на неговото здравје. Враќањето на Јовановски во пенални услови и во ваква здравствена состојба не претставува само грубо кршење на неговите права, туку и опасност за неговиот живот“, додава правниот тим на Боки 13.


Јовановски очекува тортурата кон него да биде поинтензивна и поради сите јавни објави, потенцираат тие и ја повикуваат јавноста будно да го следи процесот кој тој го иницираше.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
АХВ: Уништени над 1 тон небезбедна храна од продавниците за здрава храна
Илјада и десет килограми небезбедна „здрава храна” уништија инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство кај 14 оператори во рамки на 373 контроли спровдени неделава, кај оператори именувани како објекти за производство и промет со здрава храна, соопшти АХВ.
Со контролите утврдено било дека 14 оператори воопшпто не биле регистрирани како оператори со храна во Агенцијата.
За утврдените недоследности со контролите, биле издадени 65 решенија, 19 опомени и 44 парични казни, во вкупна вредност од 20.550 евра.
„Кај 9 оператори со контролите утврдени биле незадоволителни хигиенски и технички услови во објектите, кај 7 била пронајдена храна со поминат рок на употреба. Кај двајца оператори најдена била и храна со непознато потекло. Несоодветно означена била храната кај 18 оператори, а кај 23, вработените немале спроведено задолжитрелен здравствен преглед. Двајца од операторите немале воспоставени процедури за Добра производствена и Добра хигиенска пракса, или не воделе соодветни записи. Кај исто толку оператори не била извршена задолжителна дезинфекција, дезинсекција и дератизација во објектите“, пишува во соопштението на АХВ.
Македонија
СДСМ: Наместо луксуз на власта со авиони, да се пренаменат пари за 600 евра минимална плата
Животот во Македонија станува сѐ поскап, работниците едвај врзуваат крај со крај, а власта сѐ луксузира врз грбот на народот, велат од СДСМ.
„Според последните податоци, синдикалната кошничка во февруари достигна 67.400 денари. На едно четиричлено семејство не му се доволни ниту 3 минимални плати месечно за да ги покрие основните потреби. Над 200 илјади работници земаат плата под 30.000 денари. Со сегашното ниско ниво на минимална плата не можат да се покријат трошоците за основни потреби, храната, сметки.. Тешкото секојдневие, високите сметки и поскапувањата ги доведоа работничките семејства на раб. И додека граѓаните се борат за корка леб, премиерот Христијан Мицкоски се луксузира на сметка на народот – со владини авиони, со скапи часовници од 60 илјади евра. Време е да се укине луксузот на власта, а работниците да добијат достоинствени плати, какви што заслужуваат. Бараме парите што власта ги планираше за нов авион да се пренаменат за минимална плата од 600 евра за сите работници. Нема повеќе оправдувања дека „нема пари“. Имало пари за нов авион, за мебел, за уредување кабинети, за службени автомобили. Нека направат ребаланс на Буџетот и нека ги пренаменат парите за плати. Доста е расфрлање со милиони за авиони – мали или големи – додека народот тоне. Доста е луксуз на грбот на народот“, стои во соопштението на СДСМ.
Македонија
Обвинителство: Забрана за две правни лица од Велешта да вршат ископ во близина на изворите за вода за пиење во Шум
Преземајќи истражни дејствија по наредба на Основното јавно обвинителство Струга за испитување на причините за загадувањето на водата од извориштето во селото Шум, истражните органи затекнаа работни машини на две правни лица од Велешта кои вршеле кршење, ископ и транспорт на карпи во поголем обем во непосредна близина на изворите, информираат од Обвинителството.
Како што се наведува во соопштението, поради сомненија за кривични дела – Незаконита експлоатација на минерални суровини од член 225-а и Загадување на водата за пиење од член 219 од Кривичниот законик, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка веднаш достави предлог за определување мерки на претпазливост – забрани на правните лица да ги посетуваат парцелите каде вршеле ископ и забрана да преземаат какви било работни активности на подрачјето.
Основното јавно обвинителство Струга продолжува да презема дејствија за обезбедување докази и испитување на евентуална кривична одговорност во однос на енормното загадување на изворите во Шум од каде подрачјето на градот Струга се снабдува со вода за пиење, стои во соопштението.

