Македонија
Борбата против миграцијата во фокусот на посетата на државниот секретар на словенечкото МВР
Во рамките на унапредување на меѓународната билатерална соработка, државната секретарка на МВР, Магдалена Несторовска, беше домаќин на државниот секретар на словенечкото МВР, Франц Канглер, при што беше остварена средба и со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Државните секретари во рамките на работниот состанок разговарале во насока на успешно справување со миграциската криза, борбата против трговијата со луѓе и шверцувањето мигранти, како и потребата од склучување засебен протокол за соработка на комисиите во областа на трговијата со луѓе.
Исто така, се разговарало и за потребата од соработка во областа на заедничките обуки меѓу државите и размена на искуства во областа на воздухопловството.
Од страна на словенечкиот државен секретар биле презентирани приоритетите на словенечкото претседавање со Советот на ЕУ, активностите што произлегуваат во рамките на процесот „Брдо“, како и апсолутната словенечка поддршка за Република Северна Македонија кон полноправното членство во ЕУ.
Министерот Спасовски пред словенечкиот гостин ја образложил и потребата за склучување имплементациски договор врз основа на Конвенцијата за полициска соработка на Југоисточна Европа, за воспоставување заеднички контакт-центри за размена на информации, кои играат важна улога за зајакнување на прекуграничната соработка и придонесуваат кон борбата против прекуграничниот криминал и тероризам.
Канглер во придружба на директорот на Бирото за јавна безбедност на МВР, Сашо Тасевски, го посетил и граничниот премин Богородица во Гевгелија, како и групата на словенечки полицајци што вршат заеднички операции за надзор и контрола на јужната граница со цел спречување на илегалната миграција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина и тоа:
· во период од 06:00-10:00 часот корисниците на улицата Пајак, улицата Наум Наумовски Борче (од Костарика до Министерство за земјоделие), општина Центар;
· во период од 08:30-14:30 часот корисниците на дел од улицата Радишанска, општина Бутел;
· во период од 09:00-12:00 часот корисниците на улицата 29 Ноември бр.37, општина Центар;
· во период од 09:00-14:00 часот корисниците на дел од улицата Урош Џудовиќ, општина Карпош.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.

