Македонија
Борјанка Пешевска живееше во запуштена куќа без вода и тоалет – со помош на компании и општина Гази Баба доби нов дом
Од куќа која беше тотално запуштена, без вода и тоалет, со ѕидови кои долги години не биле варосани, Борјанка Пешевска, која живее сама во населеното место Гоце Делчев, доби сосема нов дом. Откако градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски слушна за состојбата во која се наоѓа Борјанка, која има и лоша здравствена состојба веднаш ја посети и по разговорот со неа, одма пристапи кон реновирање на нејзината куќа. Заедно со компаниите и соседите кои несебично помагаа, домот на Борјанка доби сосема нов лик. Борјанка доби и еднократна парична помош во висина од 50.000 денари од Општина Гази Баба.

Додека траеше обновата на нејзиниот дом, таа беше сместена во студентскиот дом ,,Томе Стефановски – Сениќ”.
При денешната посета, Борјанка се заблагодари за тоа што општина Гази Баба и градоначалникот Георгиевски ги исполнија сите нејзини барања. Градоначалникот Георгиевски посочи дека среќен што уште еден случај доби среќен епилог.
,,Горд сум што ја гледам среќна Борјанка, повеќе никогаш нема да биде заборавена ниту сама затоа што јас и општина Гази Баба секогаш сме тука за неа, но и за сите граѓани на кои сме потребни за да им помогнеме колку можеме за да имаат нормални услови за живот. Сакам да порачам дека институциите и државата мора да водат сметка за лицата од ранливите категории, да се создаде систем кој ќе води евиденција за нивната состојба”, рече Георгиевски.
Тој вети дека ќе направи се што може за Борјанка да добие соодветен здравствен третман со цел што поскоро да оздрави како и дека ќе се заложи таа да биде ослободена од плаќање на струја бидејќи спаѓа во ранлива категорија на граѓани, соопшти општина Гази Баба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

