Македонија
Бочварски: Даваме огромна финансиска поддршка на сите општини, до сега реконструиравме над 180 локални улици и патишта
Инвестираме преку 40 милиони денари во капитални проекти за граѓаните на Росоман и за локален економски развој на општината, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, кој денеска оствари работна посета на општина Росоман.
Тој заедно со градоначалникот Стојан Николов, извршија увид во инфраструктурни проекти што се реализираат во општина Росоман, а се финансираат преку Министерството за транспорт и врски.
При посетата на локалната улица Стерјо Нестороски, министерот Бочварски потенцираше дека огромна е поддршката кон општините што ја овозможува Владата заради поголем развој и подобрување на условите за живеење на граѓаните.
„Драго ми е кога ги подобруваме условите за живот на граѓаните, тоа е наш приоритет и тоа е очигледно во сите општини низ државата. Еве конкретно во Росоман извршив увид на неколку капитални проекти со кои финансиски ја поддржуваме општината, како на пример реконструкцијата на улицата Стерјо Нестороски на која се наоѓаме денеска за која инвестираме над 9 милиони денари и истата очекуваме комплетно да биде завршена во наредните 2 месеци. Исто така, извршивме увид и во изградбата на новиот зелен пазар во Росоман, за кој Министерството за транспорт и врски одвои 10 милиони денари. Претходно ја посетивме и реконструираната улица Гоце Делчев, за која вложивме речиси 14 милиони денари. И сите овие проекти се за развој на општината. Дополнително големо економски развој ќе донесе и изградбата на експресниот пат од Градско кон Прилеп кој исто така очекуваме да го завршиме оваа година“, изјави Бочварски.
Градоначалникот Николов истакна дека инфраструктурните проекти се од огромно значење за развојот на општина Росоман, подобрување на локалната инфраструктура и урбанизација на просторот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одрон во должина од 80 метри на патот Скопје-Велес: сообраќајот кај Сопот се одвива по една лента
Сообраќајот на патниот правец А1 Скопје – Велес, околу два километри пред Сопот, од 21 часот се одвива по една коловозна лента (десната) поради поголем одрон.
Како што информираат oд АМСМ, одронот е во должина од 80 метри.
Фото: илустрација (depositphotos)
Македонија
СДСМ-Кисела Вода бара итна исплата на надоместоците за избирачките одбори
Општинската организација на СДСМ-Кисела Вода од градоначалничката на оваа општина бара итно постапување по одлуката на Советот на Општина Кисела Вода од 7-та пленарна седница одржана на 29 јануари 2026 година, со која е предвидена исплата на надоместоците на членовите на избирачките одбори од последните локални избори.
Во писмото се наведува дека одлуката е донесена, средствата се обезбедени, но дека изостанува извршната постапка.
„Одлуката е донесена. Обврската е јасна. Средствата се обезбедени. Она што недостасува е – Ваша извршна постапка“.
Од СДСМ – Кисела Вода порачуваат дека станува збор за средства обезбедени од државата за реализација на изборниот процес и оценуваат дека секое понатамошно одлагање претставува поткопување на институционалниот интегритет.
Тие бараат најдоцна до утре да се пристапи кон исплата на средствата согласно одлуката на Советот.
Во спротивно, советничката група на СДСМ најавува испраќање официјален допис до Државната изборна комисија, известување до Министерството за локална самоуправа и информирање на претставници на меѓународната заедница.
Македонија
Николоски: Филипче се однесува како бомбаш самоубиец во обид да го заштити столчето во СДСМ
Заменик претседателот на Владата, Александар Николоски во одговор на новинарско прашање во Прилеп, каде што присуствуваше на отчет 100 дена од новото раководство на локалната самоуправа во Прилеп, истакна дека Филипче води црна и гнасна кампања против него и Македонија, со што сака да ја уништи и СДСМ и стратешките пријатели.
„Не сум изненаден, гледаме еден нихилизам, една црна кампања, гнасна кампања која доаѓа од СДС, јас сум свесен дека и Венко Филипче е свесен дека му се ниша позицијата во СДС, ја има практично киднапирано партијата за цели што само тој ги разбира и буквално се однесува како бомбаш самоубиец, сакајќи да се заштити себе и сопствената позиција во партијата и уништува се околу себе“ појасни Николоски.
Вицепремиерот истакна дека лагите и обвинувањата од страна на Филипче се гол популизам, затоа што во исто време создава токсична атмосфера во општеството којашто не е добра за Македонија.
„Најголем проблем е што овој начин на комуникација создава една токсична атмосфера во општеството, создава една атмосфера којашто не е добра и нешто што нејќе Македонија да го види. Во исто време не кара и со стратешките пријатели, знаете дека цела кампања водеше против Велика Британија со којашто потпишавме стратешки договор и со којашто имаме стратешко партнерство“, нагласи Николоски.
Во однос на обвинувањата од Филипче во делот за превозниците, Николоски е дециден дека овој наследен проблем се решава со дијалог со ЕУ.
„Пред неколку недели превозниците од Македонија и целиот регион со право ги блокираа граничните премини коишто одат кон Шенген зоната со барање да ЕК започне дијалог за решавање на проблемот за престој за професионалните возачи во рамките на Шенген зоната. Нивното основно барање беше да се започне дијалог. Планот нивни беше да блокада трае 7 дена, да на четвртиот ден излезе претседателката на ЕК и каже дека таков дијалог ќе се случи и презентираше документ којшто се вика Нова визна стратегија на ЕУ со којшто документ возачите се признати како професионалци, тоа беше едно од основните барања и во рамки на овој дијалог којшто се води во моментот треба да се донесат конечните решенија. Никој никаде а камо ли во систем како ЕУ; дека за две недели сите работи ќе бидат решени, туку тоа што јас го кажав дека ќе започне овој дијалог и дека новата визна стратегија е начинот и патеката по којшто ќе се оди“, истакна Николоски.

