Македонија
Бочварски: Започнавме со рехабилитација на транзитот низ Штип

Владата преку Министерството за транспорт и врски, како најголем инвеститор во земјата и поддржувач на општините, работи активно во реализација на транспортната стратегија, а тоа е изградба и модернизација на патната инфраструктура низ целата држава, изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, кој денеска заедно со директорот на ЈП за одржување на регионални и магистрални патишта, Костадин Ацевски, извршија увид во рехабилитација на транзитот низ Штип.
Транзитот низ Штип се рехабилитира со средства обезбедни преку Јавното претпријатие за одржување на регионалните и магистрални патишта, во соработка со Министерството за транспорт и врски, во висина од 20 милиони денари.
„Особено ми е драго што започнавме со рехабилитација на овој патен правец. Како што ветивме пред граѓаните, еве денеска тоа го гледаме на дело, започнуваме со гребење на оштетениот асфалт и поставување на комплетно нов слој асфалт, инвестиција во висина од над 20 милиони денари преку централната власт, со што обезбедуваме побезбедно патување на нашите граѓани. Во изминатиот период реоконстуриравме транзити и низ други градови во земјата Виница, Делчево, Охрид, Крушево, а наскоро започнува и реконструкцијата на транзитот низ Тетово. Сакам да ги уверам сите граѓани дека сме максимално посветени во исполнувањето на нашата цел, а тоа е безбедна и модерна патна инфраструктура низ целата земја“ – изјави министерот Бочварски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова ќе учествува на 80. Генерално собрание на ОН

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе престојува во работна посета на Соединетите Американски Држави по повод учеството на 80. Сесија на Генералното собрание на Обединетите Нации во Њујорк.
Сиљановска-Давкова ќе се обрати на генералната дебата и ќе учествува на повеќе самити, лидерски форуми и состаноци на високо ниво, што се одржуваат по повод 80. Генерално собрание на ОН. Претседателката ќе оствари средба со Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш, а предвидени се и други билатерални средби со светски лидери.
Темата на годинашната сесија е „Подобро заедно: 80 години и повеќе за мир, развој и човекови права“.
За време на работната посета на САД, претседателката ќе го посети и Детроит.
Македонија
Времето денеска сончево и топло, од среда зголемување на облачноста и заладување

Времето денеска ќе биде сончево и топло. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се движи од 5 до 14, а максималната ќе достигне од 24 до 32 степени.
Во Скопје, сончево и топло. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе искачи до 32 степени.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека до средината на следната седмица ќе се задржи сончево и топло време. Од среда ќе има зголемување на облачноста и постепено опаѓање на дневната температура.
Македонија
(Фото) Ангелов: Пожарот над скопско Батинци е намерно подметнат, имаме целосна контрола над огнот

Големиот пожар над скопско Батинци е под целосна контрола, вели директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
„Поради ветерот пожарот се ширеше со голема брзина. Скопската противпожарна бригада итно излезе на лице место со неколку возила, на помош дојдоа и два пинцгауера на ДЗС управувани од полицајци од ЕБР, но поради опасноста да биде зафатено и селото Батинци, бидејќи пожарот се движеше во таа насока, по барање на директорот на ЦУК, испративме и еден хеликоптер на МВР, како и два ертрактори на ДЗС кои помогнаа за брзо воспоставување на контрола над овој пожар. Во овој момент можам да кажам дека имаме целосна контрола над овој пожар, има горење уште во долот, но продолжуваат со дејство ертракторите и хеликоптерот. Верувам дека набрзо ќе биде целосно изгаснат“, изјави Ангелов.
Тој додава дека има индиции оти пожарот во скопско Батинци е намерно подметнат.
„Се работи за намерно подметнат пожар којшто кај граѓаните предизвика паника дека повторно е запалена депонијата Дрисла, но овојпат не гореше Дрисла“, истакна Ангелов.