Македонија
Бојмацалиев: 17 милиони евра за 80 реконструирани објекти, почнати нови реконструкции на управните служби во МРТВ и на Центарот за обука во Идризово
Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев во изјава за медиумите по посетата на Центарот за обука на МВР во Идризово, каде што стартува реконструкцијата на комплексот после цели 53 години, рече дека ова е 82 објект во рамки на планот за реконструкција на полициски објекти на територијата на целата држава.
„Би сакал да напоменам оваа реконструкција е 82 објект, претходно во декември 2023 започна реконструкцијата на 81-от објект – Управните служби во МТВ. Претходно беа реконструирани 80 објекти низ државата за кои од Буџетот на МВР издвоивме околу 17 милиони евра. Исто така, во тек е изградба и на новата полициска станица во Аеродром“, истакна Бојмацалиев.
Тој потенцираше дека биле вложени 14 милиони евра за опрема и униформи на македонската полиција.
„За подобри услови за полициските службеници, помотивирана полиција, за да имаме резултати како што ги имаме во изминатите 30 години, најдобри статистички покажано, вложивме околу 14 милиони евра во униформа и материјално-технички добра”, рече Бојмацалиев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Од денеска задолжителна зимска опрема за возилата
Од денеска стапува во сила обврската за задолжително користење на зимска опрема за возилата. Оваа обврска ќе трае до 15 март следната година.
За да избегнете сообраќајни казни и прекршоци, од АМСМ велат потребно е да го усогласите вашето возило со пропишаните барања:
– Возила до 3.500 кг: потребни се зимски гуми на сите тркала со длабочина на шарата од минимум 4 мм, или летни гуми со истата длабочина, со задолжително носење синџири за снег.
– Возила со погон на сите тркала (4х4): зимски гуми со длабочина од најмалку 6 мм, или летни гуми со минимум 4 мм длабочина и синџири за снег.
– Возила над 3.500 кг: зимски гуми со длабочина од 6 мм на погонските тркала, или летни гуми со минимум 4 мм, со задолжителни синџири за снег.
Покрај ова, автобусите и товарните возила мора да носат прирачен алат како лопата, ако не можат да користат синџири за снег, информираат од АМСМ.
Македонија
Времето денеска сончево, со температури до 19 степени
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од југозападен правец. Минималните температури ќе се движат од -3 до 3, а максималните од 15 до 19 степени целзиусови.
Во Скопје, наутро во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и претежно тивко со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе биде 1, а максималната 17 степени.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека во понеделник облачноста ќе се зголеми, а од вторник ќе преовладува променливо облачно време со локални врнежи од дожд, наместа пообилни. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Македонија
Кренар Лога се повлече од Алијансата за Албанците и од сите партиски функции
Поранешниот министер за правда, Кренар Лога, објави дека се повлекува од партискиот живот и од сите функции што ги извршувал во Алијансата за Албанците.
Лога истакна дека ова не била лесна одлука, бидејќи во партијата вложил енергија, срце и душа. Тој се заблагодари на соработниците, членовите и активистите, наведувајќи дека во изминатите десет години запознал посветени луѓе и искрени пријатели.
Во објавата, Лога се извини на сите што можеби се почувствувале повредени од негов збор или однесување, нагласувајќи дека секогаш ги кажувал своите ставови без да ја пресметува цената.
Тој потсети дека бил генерален секретар, а потоа и потпретседател на Алијансата за Албанците, и им се заблагодари и на гласачите на Европскиот фронт и Националната алијанса за интеграција.
Лога зборуваше и за своето семејно и политичко потекло, опишувајќи ја средината во која израснал, обележана со притисоци и прогони во поранешниот југословенски систем.
Во пораката наведе дека Северна Македонија заслужува да биде слободна и еднаква држава за сите нејзини граѓани и повика на заедничка одговорност во градењето на земјата.
На крајот, Лога порача дека ќе остане меѓу граѓаните, но отсега на послободен и независен пат, како што рече, како солист што можеби ќе има тешкотии да игра сам, но ќе го направи тоа со слободен дух и со љубов кон луѓето.

