Македонија
Бремена жена од Куманово го тужеше работодавецот за незаконски отказ и го доби случајот

Бремена жена од Куманово поднесе тужба против работодавецот затоа што ја отпуштил за време на корона-кризата. Судот утврди дека таа незаконски била отпуштена, соопшти „Гласен текстилец“. Од таму велат дека ова е првата кривична пресуда за кршење работнички права за време на корона-кризата.
„За време на оваа здравствено-економска криза, каде што многу работници останаа без работа со незаконски откази, добивме позитивна вест. ‘Гласен текстилец’ го следеше судскиот случај на една работничка од Куманово, која беше бремена и ги користеше привремените мерки донесени од Владата, со кои бремените беа ослободени од работа. Работодавецот ѝ даде незаконски отказ поради кршење на редот и дисциплината. Оваа работничка собра храброст и го тужеше работодавецот со тужба поради работен спор и приватна кривична тужба и ја доби оваа битка, со што судот го усвои тужбеното барање, го утврди незаконитото постапување, со кои се повредени работничките права. Судот го поништи решението за откажување на договорот за вработување како незаконито“, се наведува во соопштението.
„Гласен текстилец“ ја објави пресудата на „Фејсбук“ со цел, како што велат, да ги охрабрат сите доколку им се повредени работничките права, да бидат одлучни и упорни во своето остварување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Стопирана изградбата на објектот во охридската чаршија, инвеститорот немал одобрение

Државниот инспекторат за градежништо и урбанизам направи вонредна контрола на објектот во изгрaдба во Старата охридска чаршија, односно во заштитетната зона на Старото градско јадро во Охрид.
Од Министерството за транспорт соопштија дека констатирано е прекршување на одредбите од Законот за градење, односно инвеститорот вршел градежни активности без Одобрение за градење за конкретниот објект.
„Во рамки на своите законски надлежности Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам донесе решение број ИП 1бр 74-137 од вонреден инспекциски надзор со кое се стопира изградбата и го затвора објектот за понатамошни градежни активности. Против инвеститорот ќе се поднесат соодветни пријави согласно законските прописи“, се наведува.
Од Министерството велат дека заштитата на Старото градско јадро на Охрид е со цел со цел да се спречат дејства, појави и влијанија со коишто може да настане оштетување, неповратно изменување, уништување или деградирање на споменичната целина.
Старото градско јадро на Охрид е составен дел од доброто заштитено како „Охридско природно и културно-историско подрачје од 1978 година, како и од „Природно и културно наследство на Охридскиот Регион“, впишано на Листата на светско наследство на УНЕСКО во 1980 година.
Македонија
Акиов: Не сум гомнар туку борец за правда, чашата беше прелеана од советникот Алексов

Советникот Аки Акиов од Партијата за демократски просперитет на Ромите (ПДПР) преку социјалните мрежи по насилниот инцидент порача дека тој не е „гомнар“, туку борец за правда.
„По однос на видеото од денешната седница на совет во о.Кочани кое актуелно циркулира на социјалните мрежи каде притоа јас со моето однесување сум окарактеризиран и јавно осуден за главен виновник во деградацијата на функцијата советник Ром, сакам да изјавам дека:
1. Правото на говор на советниците е непречено право по деловник за работа на советите во општините во Р.С Македонија. Некултурно, крајно неодговорно, нехумано и деградирачки е постојано да се прави хистерија во советничката сала преку урлање, барање паузи, дофрлување навреди на лична основа среде секое мое излагање на вистината што на ВМРОВЦИТЕ не им иде во прилог.
2. Немањето емпатија со родителите на загинатите деца како и самосвест и доблест за признавање а не префрлање вина за трагедијата повторно заради истата цел – да се зачува политичкиот рејтинг пред локалните избори на ВМРО е голема срамота. Денес чашата беше прелеана од советникот Алексов кој што го испровоцира целиот настан својствено за него.
Јас не калкулирам со мојот авторитет и рејтинг. Јас не сум ,,Гомнар”, јас сум борец за правда.
На Правничката од о.Кочани јавно и се извинувам за ненамерно нанесената повреда“, напиша Акиов.
Акиов и советникот на ВМРО-ДПМНЕ, Васе Алексов првин влегоа во вербална конфронтација, по што Акиов замавна со пластично шише полно вода кое заврши во главата на вработена во општината.
Македонија
„Вчерашното насилство е дел од сценарио што самиот Филипче го има направено пред еден месец во Дубаи на средба со Зоран Заев“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„СДС и Венко Филипче се впуштија во реализација на сценарио за негов спас и за дефокус на македонската јавност. Инцидентот во Советот на Општина Кочани, каде советник на СДС повреди општинска службеничка, не случаен. Вчерашното насилство на советникот на Венко Филипче е дел од сценарио кое самиот Филипче го има направено пред месец дена во Дубаи на средба со Зоран Заев“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Тоа е периодот кога кажавме дека Филипче 6 дена беше тајно во Дубаи, каде очигледно со својот ментор, Заев скувале план како да дефокусираат и да го спасат Венко Филипче.
СДС и Венко Филипче не знаат како да се справуваат со ситуациите, па затоа секогаш кога се во тесно, прибегнуваат кој креирање инциденти и општ хаос.
Откако со лаги и манипулации се обидоа да злоупотребат трагедија за бедни политички поени, сега СДС и Венко Филипче сакаат да направат хаос во Кочани.
Но, тоа нема да им успее. Јавноста јасно гледа дека ова се последни обиди за спас на политичката кариера на Филипче и нема да наседнат на нивните провокации и сценарија, преку насилство и создавање хаос.
На насилството не му е местото во државните институции, посебно во институции како општински совет, каде што советниците се бирани на непосредни избори, директно од граѓаните.
Граѓаните заслужуваат достоинствено претставување од нивните избраници и нивна работа во интерес на општото добро, а не работење во служба на поединци од политиката, во случајов Филипче.
Затоа, бараме итна и неотповиклива оставка од советникот на Венко Филипче во Советот на Општина Кочани, кој не е во служба на граѓаните, туку во служба за реализација на сценариото за негов спас, стокмено во Дубаи.
А, од друга страна, Филипче може да крои планови и сценарија со Заев колку сака, спас му нема, затоа што граѓаните ќе го казнат на избори, а правосудните органи, за сите криминални афери, ќе мора да го процесуираат“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.