Македонија
Бремените жени и лицата над 60 години да се ослободат од работа, владата со препораки за заштита од топлотниот бран
Владата издаде препораки како заштита на населението од топлотниот бран и од денеска-среда до недела (29.07-01.08.2021 година) се препорачува: ослободување од работните обврски на најранливите групи на населението, како што се – бремените жени и лицата на возраст над 60 години.
Потоа, во градинките да не практикуваат физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот.
Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да имаат поактивен пристап и да пружат помош на осамени стари изнемоштени лица и бездомници.
Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.
Во исто време, Владата препорачува на приватниот сектор да го организира работното време со цел за заштита од директна сончева изложеност на работниците, избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот.
Владата одлучи оваа мерка да биде со времетраење од 4 дена, до понатамошно одлучување.
Истовремено, работното време градинките треба да го организираат во периодот од 7 до 17 часот. Градинките не треба да практикуваат физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено после 11 часот.
Владата зазема став сите правни субјекти кои вршат активности на отворено да ги запрат активностите во периодот од 11 до 17 часот. Ова особено се однесува на градежните работници.
Oд Министерството за здравство потсетуваат дека населението во целиот летен период потребно е да ги почитува следните општи мерки за заштита на здравјето како што се:
– Во текот на екстремно топли денови, да се остане повеќе во затворени простории (пред сé климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка.
-Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце носете заштитни очила и капа, а при сончање да се користи крем со висок заштитен фактор. Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна.
-Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци. При влегување во возило, потребно е истото тоа одреден период да се проветри. Хронично болните лица редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.
Од здравство напоменуваат дека поради високите температури и зголемената можност за појава на труењата со храна и цревни заразни заболувања, препораките се:
-Задолжително миење на земјоделско-градинарските производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивната употреба.
-Термичка подготовка на храната и нејзино консумирање во многу кус рок по подготовката. Ако тоа не се направи, така подготвената храна да се стави во фрижидер на + 4 степени Целзиус, а пред употребата истата да се загрее на + 100 степени Целзиус.
-Да се избегнуваат производи кои термички не се обработени, како мајонези од домашни јајца, а внимателно да се консумира сладолед и разни кремови.
Од министерството информираат дека здравствените установи се подготвени со доволен број капацитети (хумани, просторни) и медикаментозна терапија за евентуално справување со зголемен број лица со штетни ефекти по здравјето од високите температури.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Традиционална церемонија на свечено менување на државното знаме во претседателскиот кабинет
Повеќе од 170 основци од скопските училишта „Ѓорѓија Пулевски“ и „Кочо Рацин“ и од училиштето „Св. Наум Охридски “ од Охрид, денеска ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме, којашто во Кабинетот се одржува секој втор петок во месецот во знак на оддавање почит кон државата.
Во присуство на бројни претставници на Армијата, учениците, заедно со своите наставници и образовни асистенти, најпрво внимателно го ислушаа командирот на почесната единица кој ги образложи причините и процесот на менување на знамето.
Потоа, нивните љубопитни очи се вперија кон јарболот на којшто постојното, беше заменето со ново државно знаме. Церемонијата заврши со интонирање на македонската химна од Воениот оркестар, пропратено со детскиот хор.
Во рамки на посетата, дечињата ја разгледаа свечената сала со двата импозантни мозаици на академик Глигор Чемерски, „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“.
Претседателката изрази радост за присуството на најмладите посетители и одговараше на бројните креативни прашања меѓу кои и: Кои и биле омилените книги на нивна возраст? Дали ѝ недостигаат студентите? Сонувала и посакувала ли некогаш да стане претседателка? Какви карактеристики треба да поседува еден лидер? Како се одвива еден нејзин работен ден и колку долго трае? Дали ги помни омилените наставници?
Таа, во својство на ученичка, ги именуваше саканите учители, истакнувајќи дека имале огромно влијание врз нејзината љубов кон учењето.
На крајот, Сиљановска-Давкова им порача дека вреди да се учи и дека нема подобар влог во иднината, од оној во знаењето.
Младите посетители, освен со убави спомени, од Кабинетот си заминаа и со автограм од претседателката Сиљановска-Давкова.

