Македонија
Британска помош за зајакнување на НАТО-капацитетите на МНР
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, и амбасадорот на Обединетото Кралство, Метју Лосон, потпишаа меморандум за соработка за реализација на проектот за менторство и градење на капацитетите на Директоратот за НАТО и политичко-безбедносни прашања при Министерството за надворешни работи.
„Со денешното потпишување на меморандумот дополнително го зацврстуваме нашето сојузништво во рамките на НАТО и ја збогатуваме договорната рамка меѓу двете земји. Обединетото Кралство, како наш значаен сојузник и пријател, придонесува за натамошно зајакнување и развој на капацитетите на Министерството за надворешни работи, со цел уште поефикасно остварување на нашата политичка и координативна улога во врска со разни прашања врзани со членството на Северна Македонија во алијансата“, истакна Османи.

„Обединетото Кралство беше постојан партнер во поддршката на интеграцијата на Северна Македонија во НАТО. Овој проект е уште еден пример за континуираната поддршка на Обединетото Кралство за Северна Македонија како сојузник во НАТО, со цел развој на капацитетите и вештините за да може да продолжи да придонесува и да исполнува позначајна улога како членка на НАТО“, рече амбасадорот Лосон додавајќи дека донациите на Обединетото Кралство под формата на опрема, обезбедување инструктори за обука, упатување советници и учество во заеднички вежби придонесоа за исполнување на заедничката цел – обезбедување мир, стабилност и безбедност во регионот. Воедно, додаде дека овие напори се доказ за заложбите на двете земји за гарантирање на колективната одбрана и безбедност на НАТО.

Проектот е предвидено да трае до март 2024 година и преку упатување резидентен експерт се очекува да придонесе за вешто и високо компетентно учество на Министерството за надворешни работи и цивилните експерти во работата на структурите на НАТО. Дополнително, проектот треба да придонесе и за целокупната подготвеноста на нашите институции за обезбедување високо ефективен и ефикасен менаџмент на политичките улоги во областа на безбедносната политика и безбедносни прашања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

