Македонија
Бројот на починати од коронавирус во земјава надмина 300, границите на ЕУ остануваат затворени за македонските граѓани
Земјата со недели се соочува со троцифрени бројки на новозаразени од Ковид-19 на дневна основа, а бројот на починати од почетокот на пандемијата до денеска изнесува 302 лица, откако вчера беа регистрирани нови 4 смртни случаи.
Заклучно со вчерашните податоци, само вчера беа потврдени 126 новозаразени од Ковид-19. Бројот на активни случаи во Македонија порасна на 3.557, од кои 2.007 се од Скопје.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 6.334, а досега оздравеа 2475 лица.
Вчера, Европската Унија објави список на 15 земји чии жители се сметаат за безбедни и ќе им биде дозволен влез во Унијата од денеска, а меѓу нив не е и Македонија.
ЕУ ќе ги отвори границите за Србија, Црна Гора, Канада, Алжир, Тунис, Австралија, Нов Зеланд, Грузија, Јапонија, Мароко, Руанда, Јужна Кореја, Тајланд и Уругвај. Кинезите исто така ќе можат да влезат во ЕУ, но само доколку Кина објави дека ќе прифати и европски посетители.
На листата не се наоѓаат САД, Бразил и Русија. Ова се земји со најголем апсолутен број случаи во светот и каде епидемијата е сè уште во пораст, со голем број случаи многу повисоки од просекот на ЕУ (16 случаи на 100.000 жители во првата недела на јуни). Покрај Катар, кој има најголем број случаи по глава на жител од која било друга земја, испаднаa и Турција, Албанија и Северна Македонија.
Мерката не е правно обврзувачка – крајната одговорност за граничната политика им припаѓа на земјите членки.
Се очекува spisokot да се ажурира на секои две недели, во зависност од епидемиолошките карактеристики на земјите кандидати за трети земји и други фактори (реципроцитет, соодветност на тест број, способности за следење и ограничување на нови појава на вируси).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Грлиќ Радман: потврдена подготвеноста на Хрватска да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава.
Обајцата го потврдија цврстото македонско-хрватско пријателство коешто двете земји го негуваат повеќе од 3 децении, втемелено на взаемна почит и разбирање и реализирано низ политички дијалог и конструктивна соработка.
Претседателката искажа искрена благодарност за хрватското отворено и континуирано разбирање и поддршка на македонската интеграција, како и на принципиелниот став на Хрватска дека проширувањето на Унијата со Западен Балкан треба да се темели на реални заслуги, без билатерализација и вето.
Министерот Радман ја потврди подготвеноста на неговата држава да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес во рамките на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека македонската држава доби статус на кандидат за членство во ЕУ во март 2005 година, односно неколку месеци пред Хрватска.
Соговорниците очекуваат дека партнерството дополнително ќе се зајакне со Договорот за стратешка соработка со Владата на Република Хрватска, како и со претстојната официјална посета на Претседателката Сиљановска-Давкова на пријателска Хрватска, кон крајот на март.
Македонија
Уапсен тетовец: осомничен за лажни дојави за поставени бомби во образовни институции
Утрово во 09:10 часот во с.Палатица, тетовско, полициски службеници од одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.Р.(18) од село Палатица.
Тој се сомничи дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во институциите има поставено експлозивни направи.
Полицијата соопшти дека по преземени мерки и извршени проверки е констатирано дека сите дојави за поставени бомби биле лажни.
Денеска, со сдуска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом во селото, при што биле одземени повеќе електронски уреди.
Лицето било приведено во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случаите, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Македонија
Јаневска на Саем за образование и кариера: одлична идеја за промоција на македонското високо образование
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска присуствуваше на отворањето на Саемот за образование и кариера 2026, што трета година по ред го организира студентската иницијатива Студентарија во соработка со Скопје Сити Мол. Во своето обраќање преку присутните посочи дека станува збор за одлична идеја за промоција на македонското високо образование и за поврзување на високообразовните установи со компаниите и бизнис секторот, а со крајна цел – олеснување на младите во изборот на областа каде ќе се надградуваат и работат.
„Гледам млади луѓе во голем број – средношколци кои треба да одлучат на крстопатот во кој правец ќе се движат, студенти кои ќе продолжат да се надградуваат, а некои се во потрага по можности за вработување и кариера во сопствената земја. Од друга страна, има и компании кои им ги нудат тие можности на младите и јас во оваа прилика ги повикувам и сите останати да ги отворат вратите, да ги подобруваат материјалните и нематеријалните услови за работа, бидејќи само така ќе ги задржиме во нашите граници и ќе им овозможиме да успеат лично и да придонесат за нејзиниот развој“, рече Јаневска.
Министерката посочи дека верува во подобра иднина за македонското високо образование, а тоа е цел за која Владата интензивно се заложува во досегашниот тек на мандатот.
„Ќе ја постигнеме оваа цел преку континуиран раст на буџетот и преку усвојување и спроведување на ново законско решение, кое е во фаза на подготовка во заедништво со универзитетите и пошироката јавност. Истиот ќе воспостави ред, нови студиски програми, модернизација на постојните, поголема меѓународна соработка, подобар студентски стандард и раздвижување на научната дејност“, додаде Јаневска.
Изрази очекувања дека саемот ќе прерасне во традиција и ќе биде успешен затоа што, како што рече, се работи за иницијатива на млади луѓе од Македонија кои ја сакаат државата, и се посветуваат за подобрување на состојбите во својата татковина и на задржување на новите генерации во овие граници.

