Македонија
Брутални закани упатени до новинарка на „Алсат М”: Утре ќе дојдам, увото ќе ти го исечам со нож
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) бара итна реакција за експлицитните закани упатени кон новинарката на „Алсат М“, Рита Бехадини, на нејзината објава во врска со јавниот став од страна на оџата од Сарај на социјалната мрежа „Фејсбук“.
Бехадини денеска се обрати до ЗНМ со пријава дека во последните денови е цел на закани од лица со профили на социјалната мрежа „Фејсбук“, но особено се одвојува една, која содржи еклпицитна закана.
Во објавата од извесен профил именуван како Fisnik Hoxha се посочува следната закана: ,,Ај избриши го постот што го напиша против оџата, семејството ќе ти го е****. Утре ќе дојдам пред ‘Алсат’, увото ќе ти го исечам со нож“ и тоа претставува директен повик за физичко насилство кон новинарката Бехадини, со што се загрозува нејзината безбедност, а потенцијално и сигурноста на другите колеги од овој медиум.
Оваа експлицитна закана за животот на новинарката Бехадини е пријавена до Министерството за внатрешни работи (МВР) до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика и во исто време ЗНМ ќе инсистира на брза и ефикасна истрага во интерес на пронаоѓање и санкционирање на авторот или авторите на оваа закана.
„Укажуваме дека заканите за живот се кривични дела опфатени во Кривичниот законик за што е предвидена затворска казна за сторителите, а МВР и ОЈО треба веднаш да ги истражат и процесираат со цел да ги казнат оние што го прекршуваат законот, но и да превенираат евентуални вакви кривични дела во иднина“, велат од ЗНМ.
За ваков тип закани оваа година ЗНМ издаде протокол за безбедност на новинарите на интернет, кој нуди практични чекори како тие да постапат кога ќе бидат предмет на закана преку социјалните мрежи и воопшто на интернет преку поактивна вклученост на МВР во заштита на новинарите и медиумските работници со посебен фокус на жените новинарки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Маричиќ: Европската интеграција на Северна Македонија е важен стратешки план и приоритет за државата и за сите граѓани во неа
Првиот заменик претседател на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ денес одржа средба со амбасадорот на Република Унгарија, Андраш Клајн, заменик амбасадорката Кристина Тиханји и претставникот Золтан Марки.
На средбата унгарската делегација ги презентираше приоритетите на унгарското претседателство со цел зајакнување на процесот на европските интеграции во претстојниот период. Унгарија претседава со Советот на Европа од 1 Јули 2024 до крајот на годината.
Маричиќ со заложба дека европеизацијата на државата мора да продолжи со засилен тек, ја истакна важноста од носење на важни одлуки за понатамошно реализирање на стратешките цели на Северна Македонија и регионот.
Aмбасадорот Клајн се заблагодари за досегашниот успех и постигнатите резултати од процесот на евроинтеграција, скрининг процесот, отпочнувањето на преговорите за државата и комплетната подготовка за реализација на европската агенда на државата.
„Европската интеграција е важен стратешки план и приоритет за државата и за сите граѓани во неа“, истакна Маричиќ.
Македонија
Давкова официјално ќе го применува уставното име, а во јавните настапи има право да каже Македонија како чин на самоопределување, велат од нејзиниот кабинет
Во своите јавни настапи македонската претседателка има право да го употребува името Македонија како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација почитувајќи ги основните човекови права и слободи и во согласност со европските вредности и начела, велат од Кабинетот на претседателката Гордана Силјановска-Давкова.
Од тука наведуваат дека Давкова ќе се придржува до официјалната примена на уставното име. Во согласност со Уставот, како што беше подготвена од службите на Собранието, свечената заклетва беше потпишана со користење на уставното име.
Македонските институции во последните 5 години речиси целосно ги исполнија обврските од преспанскиот договор и претседателката очекува сите македонски партнери да ги почитуваат билатералните и мултилатералните обврски, кои ги презеле кон земјата.
Македонија
Во важечкиот Изборен законик стои Македонија во делот на свечената изјава – Каракамишева вели дека Силјановска го кажала она што било напишано
Во важечкиот Изборен законик, со прочистен текст во март оваа година, во делот на свечената изјава стои Македонија, а не Северна Македонија.
Професорката по уставно право и политички систем, Тања Каракамишева, на социјалните мрежи го објави делот од Изборниот законик со коментар дека новата претседателка Гордана Силјановска-Давкова го кажала името на државата во свечената изјава, онака како што стои во текстот.
„Член 123 од важечкиот Изборен законик го содржи текстот на свечената изјава што претседателката на Македонија, проф. д-р Гордана Силјановска-Давкова, требаше да го каже во својата заклетва и го кажа“, пишува Каракамишева.
Во членот 123 стои: „Изјавувам дека функцијата претседател на Република Македонија ќе ја вршам совесно и одговорно, ќе ги почитувам Уставот и законите и ќе ги штитам суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија“.
Вчера, претседателот на Собранието, Јован Митрески, во читањето на текстот на свечената изјава државата ја именува Севрена Македонија по што Силјановска повторуваше, но без делот Северна.
Грција и ЕУ реагираа дека уставното име мора да се почитува во согласност со договорот со Грција.